Црна Гора: Неизвесни избори и страв од инциденти
29 август 2020Изборите во демократските општества по дефиниција се „празник на демократијата“, но во Црна Гора одамна се нешто друго- беспоштедна битка за власт во која не се бираат средства и во која секој изборен ден е полн со инциденти.
Нешто слично се најавува и за недела кога граѓаните повторно бираат меѓу повеќедецениската власт на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на најдолговечниот европски лидер Мило Ѓукановиќ, и опозицијата која верува дека, со помош на Српската православна црква, конечно може да ја урне, како што вели, 30-годишната диктатура.
И власта и опозицијата ги прогласија овие избори за историски: власта затоа што повторно и по којзнае којпат мора да се одбрани државата од големосрпскиот национализам, а опозицијата затоа што е уверена во смена на власта како никогаш досега.
Но, наместо расчистување на повеќегодишната политичка криза пореално е да се очекува дека изборите ќе донесат уште поголема поларизација во општеството. Тоа е прогнозата на политичката аналитичарка Далиборка Улјаревиќ.
„За жал, ниту се ова историски избори, ниту тие ќе и стават крај на трајната политичка криза и ќе придонесат кон потребниот општествен консензус околу клучните правци на развој на Црна Гора. Премногу историја, а премалку рационален пристап, не одржуваат во маѓепсан круг на минатото и неспособноста да се носиме со предизвиците кои сега се зголемени поради пандемијата на коронавирусот“, вели Улјаревиќ за ДВ.
Ескалирачки тензии
И пред изборите, тензиите беа подигнати на највисоко можно ниво. Црногорската полиција и обвинителството предупредија дека на денот на изборите повторно се подготвуваат немири и дека постојат екстремни групи кои би можеле да излезат на улиците и да прогласат победа, очигледно алудирајќи на опозицијата. Во речиси истиот тајминг, надлежните објавија нешто слично и пред изборите пред четири години, а потоа следуваше „државниот удар“ кој резултираше со затворски казни за лидерите на опозицискиот Демократски фронт (ДФ). Опозицијата порачува дека нема насилно да ја презема власта ниту ќе излегува на улиците, но и едните и другите најавуваат дека би можеле да прогласат изборна победа.
Во деновите пред изборите продолжи мобилизацијата на просрпските гласачи на опозицијата со повторно организирање на литиите против Законот за слобода на вероисповед. И СПЦ отворено влезе во политичкиот натпревар, па митрополитот црногорско-приморски Амфилохије најави дека за првпат во животот, сега во својата 82 година, ќе излезе на парламентарни избори, повикувајќи ги граѓаните да гласаат против власта.
Повеќе:
-Црна Гора и туризмот во пандемијата: „Се пропадна!“
-Моја Европа: Неопходно е спротиставување на корумпираните балкански елити
-Црна Гора: протестите се потврда за демократскиот капацитет на земјата
Ни власта не седи со скрстени раце и ги мобилизира своите гласачи. Тензиите дополнително ги подигна премиерот и носител на листата на ДПС на изборите, Душко Марковиќ кој порача дека во недела жестоко ќе и одговори на опозицијата и дека, по поразот на изборите, „СПЦ и нејзините свештеници ќе се вратат во манастирите и црквите, а на оние свештеници кои ги колнат нив и Црна Гора ќе им ги отвори границите и ќе ги врати во нивните куќи“.
Кампања со скандали
И оваа кампања мина во знак на афери и тврдења за притисоци на власта врз гласачите, па се појави и снимка на која „партиската комесарка“ на ДПС вели дека во армијата на Црна Гора можат да влезат само оние „кои се препознатливи на терен“ како симпатизери на ДПС. Се актуелизираше и аферата „Можура“ која е поврзана со случајот на Малта кој го истражуваше убиената новинарка Дафне Каруана Галиција.
Анкетите потврдуваат дека изборите ќе бидат неизвесни, затоа што ниту власта ни опозицијата немаат предност. Иако ДПС тврди дека анкетите се лажни и дека убедливо ќе победи, проценките се дека партијата има загубено дел од поддршката поради спорниот закон за црквите.
„Идната влада пред себе има никогаш потешка ситуација и ќе видиме дали ќе биде во состојба да го исполни целиот мандат, без оглед кој ќе ја води. Позицијата на граѓанските партии ќе биде важна, но треба да се има предвид дека тие се слаби и тешко е да се прават прецизни комбинаторики без изборните резултати. Конечно, поразително е што Црна Гора по 14 години од обновата на независноста е по поделена одошто по таа историска одлука“, заклучува Улјаревиќ.
Еден од клучните фактори на сите избори во Црна Гора е излезноста. Кога беше пониска, власта лесно победуваше, но кога беше околу или над 70 проценти, беше неизвесно.
Истражувачот на јавното мислење Милош Бешиќ е уверен дека излезноста ќе биде пониска и дека тоа не му оди во прилог на ДПС.
„Овојпат може да се случи гласачите на ДПС да апстинираат, а опозициските да излезат во поголем број на гласачките места, и тоа поради Законот за слобода на вероисповед. Овој закон ги мотивираше просрпските бирачи да излезат и да гласаат, и демотивираше дел од гласачите на ДПС кои се врзани за СПЦ“, вели Бешиќ.