1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора „влезе на Запад“ преку НАТО

Дарко Јањевиќ
5 јуни 2017

Црна Гора е непосредно пред официјалното приклучување кон НАТО, и покрај традиционално тесните врски со Русија. Москва не пружа преголем отпор против ваквиот потег, велат експерти за ДВ.

https://p.dw.com/p/2dkj2
Parlament Montenegros beschließt Nato-Beitritt
Фотографија: Picture alliance/dpa/B. Pejovic/EPA

Црна Гора денеска се приклучува на НАТО, по долга политичка битка меѓу про-НАТО и анти-НАТО групите, влошена со политички притисоци од странство. Малата нација со 625.000 жители беше дел од федерацијата со Србија во 1999 година, кога авионите на НАТО ги бомбардираа сега двете држави за да стават крај на крвавите судири на Косово. Црна Гора, исто така, е претежно православна и традиционално кон Русија и кон соседна Србија се гледало како на неопходни сојузници. Додека владејачката коалиција останува цврсто во про-НАТО таборот, јавноста е речиси еднакво поделена по прашањето за влез во Алијансата. Некои анкети укажуваат на блага предност за противниците на процесот на придружување.

Фокусот на Кремљ насочен кон други области

Руските политичари изразија разочарување поради тоа што Црна Гора, како словенска и источноевропска нација, отворено застанува на страната на САД. Минатиот месец, рускиот парламент ја прекори Црна Гора поради кандидатурата за членство во НАТО, обвинувајќи дека „надворешни сили“ се обидуваат да го поткопаат „традиционалното пријателство на Црногорците со Србите и со Русите.“

И покрај ваквите негодувањата од Русија, Кремљ не е подготвен да даде значителни ресурси за да ја задржи Црна Гора надвор од орбитата на САД, смета Максим Саморуков од московскиот Карнеги-центар.

„Црна Гора е далеку од границите на Русија и веќе е опкружена со земји членки на НАТО, и - гледајќи ја големата слика - безбедносната ситуација во Русија ќе остане главно непроменета без разлика дали Црна Гора ќе се приклучи кон НАТО или не“, изјави тој за Дојче веле.

Подгорица располага со мала војска од околу 2.000 војници. Нејзината локација на Јадранското море можеби е стратешки важна за Русија, бидејќи руската флота е секогаш во потрага по пријателски пристаништа со „топла вода“ во регионот на Медитеранот. Сепак, руското раководство во моментов ги фокусира своите ресурси кон областите поблиску до дома, како што се Централна Азија, Крим и Кавказ, вели Саморуков.

Karte NATO Saaten Balkan ENG

„Премногу опуштено“ за обид за државен удар

Властите во Црна Гора, пак, се помалку убедени во руската рамнодушност. Во октомври минатата година, полицијата уапси група српски граѓани и ги обвини за обид за соборување на владата во Подгорица и за запирање на обидот земјата да се приклучи кон НАТО.

Во групата имаше поранешен генерал на српската специјална полиција. Подгорица, исто така, верува дека двајца руски разузнавачи биле вклучени во заговорот, со можна поддршка од руските власти. Москва негираше каква било вмешаност.

Коментирајќи во врска со наводниот обид за државен удар, заменик шефот на московскиот Карнеги центар Саморуков, вели дека реакцијата на Подгорица била „премногу опуштена“ за таков сериозен заговор.

Црногорските власти не ги затворија своите граници, ниту ги контролираа руските граѓани, кои се во можност да влезат во државата без визи, додаде тој. Исто така, заговорот се распадна на прилично несмасен начин, што прави „тешко да се претпостави дека Русија е сериозно инволвирана во неговата организација“.

„Сепак, е можно да имало индивидуални членови на руските безбедносни служби кои работеле на своја рака“, рече Саморуков.

Русија ќе се потпира на просрпските сили

Пристапувањето кон НАТО ќе ѝ овозможи на Црна Гора да се бори против притисоците однадвор, вели Златко Вујовиќ, директор на црногорскиот Центар за мониторинг и инстражување (ЦеМи). Србија долго одржуваше мрежа за вршење влијание врз црногорската политика, која вклучуваше политички партии, медиуми и невладини организации, истакнува Вујовиќ.

„По зачленувањето на Црна Гора во НАТО српското влијание драматично ќе се намали и ќе продолжи да слабее, освен ако и самата Србија не ја промени својата надворешна политика и перспективата во однос на НАТО. Но тоа изгледа невозможно во моментов“, изјави тој за ДВ.

Montenegro Parlament Diskussion NATO-Beitritt | Protest
Фотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Вујовиќ додава дека Русија од друга страна ќе се обиде да одржи големо влијание, и на некој начин да ја замени Србија, користејќи ги политичките структури кои до скоро беа под контрола на Белград. Но, според него, дури и ова влијание ќе биде помало отколку што досега беше, благодарение на споделувањето на разузнувачки информации во рамките на НАТО.

Црна Гора пресече

Иако Црна Гора продолжува да биде поделена околу членството во НАТО, формалното пристапување во Алијансата ќе биде важен чекор во историјата на земјата, смета Вујовиќ.

„Дури и со ваквите поделени чувства, можеме да кажеме дека Црна Гора пресече и донесе одлука кога станува збор за дилемата Исток-Запад. Можеме да кажеме дека земјата влезе на Запад, иако исто така треба да кажеме дека ќе биде потребно долго време за да се консолидира оваа прозападна ориентација“, истакнува Вујовиќ.