Цуфи Кока е лицето кое пукало кон демонстрантите
6 јули 2022Лицето Цуфи Кока кое денеска пукаше од огнено оружје за време на протестите против францускиот предлог е уапсено од полицијата, потврдуваат оттаму за Дојче веле. Засега не се знае ништо за неговите мотиви.
Инцидентот се случи во моментот кога демонстрантите против францускиот предлог го минуваа подвозникот под Стоковната куќа Мост во близина на трговскиот центар Мавровка. Една група која се наоѓаше кај плоштадот Скендеберг и групата демонстранти на булеварот најпрво фрлаа со камења и шишиња едни кон други. Потоа групата демонстранти се упати кон втората група и дојде до кошкање и опасност од физичка пресметка. Во тој момент Кока извадил пиштол и испукал повеќе куршуми. Реакцијата на полицијата спречи поголем инцидент.
Еден час пред инцидентот, Кока на својот Фејсбук профил објавил порака во која од името на партијата Алијанса на Албанците повикува на мирни протести и го осудува вандализмот, говорот на омраза и навредите кон Албанците. На насловната фотографија на Фејсбук профилот на Кока, тој е сликан со лидерот на опозициската Алијанса на Албанците, Зијадин Села.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти дека тој бил цел на нападот и дека требало да биде убиен. Мицкоски најави и прес-конференција во 22 часот.
Засега е нејасно дали Мицкоски бил во околината на местото на инцидентот во моментот кога била пукотницата. Според репортери на ДВ на местото на настанот, тој претходно го напуштил протестот заедно со своето обезбедување.