Часови на терор во Шпанија
18 август 2017Барселона е последна во низата големи европски градови која се соочи со смртоносен терористички напад за кој одговорноста ја презеде „Исламска држава“. Тринаесет луѓе загинаа, а над 100 се повредени во четвртокот попладне (17.8.), кога комбе влета во толпа луѓе на туристичката улица Ла Рамбла.
Очевидци сведочат за ужасот кој го гледале додека возилото се движело цик-цак по Ла Рамбла, во близината на плоштадот Каталуња, со очигледна намера да убие што повеќе луѓе.
Помалку од 12 часа подоцна се случи уште една драма- само на 120 километри јужно од Барселона, полицијата уби 5 лица за кои со автомобил влетале во толпата луѓе на променадата на приморскиот град Камбрилс. За време на овој инцидент во петокот (18.8.) во раните утрински часови, повредени се 7 лица, меѓу нив и еден полицаец. Некои од петмината напаѓачи носеле и појаси со експлозив и истражителите поаѓаат од тоа дека постои поврзаност на овој со нападот во Барселона.
Драматичните настани добија дополнителен пресврт токако полицијата соопшти дека постојат сомневања оти и првиот и вториот случај се поврзани со експлозијата која се случи во средата (16.8.) во каталонскиот град Рипол во кој настрада најмалку едно лице. По нападите во Шпанија уапсени се три осомничени лица. Мароканецот Дрис Укабир бил приведен во токму во местото Рипол северно од Барселона.
Тој бил поврзан со возилото, кое било користено при нападот, соопшти полицијата . Еден Шпанец од ексклавата Мелиља пак бил уапсен од страна на полицијата во местото Алканар во јужниот дел на Каталонија. Рано утринава во Рипол е уапсено и трето лице осомничено за поврзаност со нападите во Барселона и во Камбрилс.
Сепак, полицијата соопшти дека ниту еден од нив не управувал со смртоносното возило. Напаѓачот, наводно, успеал да се изгуби во толпата луѓе и пеш да побегне од лице место. Инаку според службата за цивилна заштита во Барселона меѓу загинатите и поврдените во вчерашниот напад има луѓе од вкупно 18 земји, меѓу нив покрај Шпанци, и Французи, Холанѓани, Италијанци и Грци. Германските медиуми јавуваат дека меѓу загинатите има и државјани на Сојузна Република Германија.