1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четвртата Божја заповед во превод на ВМРО-ДПМНЕ

29 август 2017

„Спомнувај си за деновите на одморот за да ги празнуваш, шест дена не работи, а седмиот ден посвети го на твојот Бог - Партијата“

https://p.dw.com/p/2j0CA
Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Фрапантен е податокот што го утврдила внатрешната ревизија во Генералниот секретаријат на Владата: дека од 80 до 166 лица (бројката периодично варира), биле вработени од поранешниот Генерален секретаријат, но не доаѓале на работа, а примале плата. Само во 2016 година, за 166 државни службеници кои не доаѓале на работа биле исплатени 830.000 илјади евра.

Голема или мала штета за буџетот? Зависи од каков агол се гледаат работите. За некого тоа е можеби ситна сума, колку за „мерцедес и пол“. За оние кои со дипломи од магистратури и докторати со години чекаат пред шалтерите на Агенцијата за вработување, а во четвртата деценија од животот сѐ уште зависат од приходите/пензиите на родителите, сумата е скандалозна. Не според нулите во неа, колку според пораката дека споил-системот на плен или грабеж, и натаму бил доминантен пред мерит-системот на способности и заслуги. 

ВМРО-ДПМНЕ, во чиј мандат било овозможено ваквото земање плата за неработење и воопшто - за недоаѓање на работа, сега обвинува дека „зад превезот и измислиците дека има злоупотреби, СДСМ сака да остави на улица стотина вработени, најголем дел припадници на помалите етнички заедници, што е директна дискриминација на турската, српската, бошњачката, ромската и влашката заедница“.

Бидејќи Владата не соопшти ни полова, ни старосна, ни етничка структура на оние во работно/неработната квота, ВМРО-ДПМНЕ практично призна дека знае оти зад оваа бројка се крие алиментирање на потребите на нејзините помали коалициски партнери. Кој кого дискриминира во случајов? Дали партијата што ги вработила за потребите на коалициско-изборната конјунктура, оценувајќи ги како професионално некомпетентни и подобни само да седат дома, или партијата што прашува зошто овие луѓе не биле работно ангажирани за потребите на Генералниот секретаријат, каде што биле примени?

Позитивната дискриминација при вработувањето, која има за цел зголемување на вработеноста на припадниците на помалите етнички зедници, не подразбира дека етничката припадност треба да ја исклучува професионалната компетентност. Напротив. Овие лица треба да имаат соодветни квалификации за работното место, но да имаат предност при конкурирање за него пред кандидатити од мнозинската етничка заедница.

Mazedonien Gebäude Regierung
Внатрешната ревизија во Генералниот секретаријат на Владата покажа дека од 80 до 166 лица (бројката периодично варира), биле вработени од поранешниот Генерален секретаријат, но не доаѓале на работа, а примале платаФотографија: DW/P. Stojanovsk

Очигледно, во случајов не било така, штом Генералниот секретаријат не покажал никаков интерес за нивен реален ангажман, им давал плата за сѐ што не сработиле, ниту им дал можност нешто да сработат. Тоа ли е почит и заштита кон достоинството на претставниците на малите етнички заедници: да ги третираш како бројки на кои си им дал леб, но како неспособни за што било, освен да дојдат на денот на изборите и со нивните семејства да го заокружат името на партијата платодавач? Да биде уште потрагично, ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение „ги охрабрува сите оние кои совесно си ја работеле работата да не потклекнуваат на притисоците“. Како си ја вршеле совесно работата, ако не доаѓале на работа? И каде ја извршувале совесно таа работа - во партиски штабови?

Уште еднаш се потврдува правилото дека богатата економија ја контролира државата, а сиромашната ѝ се поклонува, бидејќи моли за леб. Но, одржливоста на вакви решенија е под голем знак прашалник. Ако во една приватна фирма прво јасно се дефинираат потребите и парите со кои се располага, па потоа се вработуваат луѓе, во државниот сектор е обратно - прво се вработуваат, потоа се пренасочуваат каде што има потреба, а ако нема - си остануваат дома, но со редовна плата. Ни многу посилни економии не би издржале вакви оптоварувања на државната каса. Сѐ уште не сме ја заборавиле лакрдијата со лотаријата за вработување на социјално ранливи категории во „Македонски шуми“, од кои дел сѐ уште не се распоредени на работни места, и исто како претходно споменатите, седат дома, а земаат плата. Истата „работна“ судбина континуирано ја делат и вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор. Наспроти нив, луѓе молат за работа, за социјална помош, за која никогаш нема толку средства колку што има за партиските војници приклучени со цевка на државниот буџет и - на постојан работен одмор!

Па, не е случајно што од Министерството за информатичко општество и администрација соопштијата дека таму нема реален Регистер што ги содржи информациите за сите вработени во јавната администрација, и покрај тоа што за регистерот биле одвоени два милиони евра за периодот од 2014 до 2018 година. Фактот што тој денес не ја рефлектира реалната состојба со бројот на вработени, изгледа не е случаен. Голем дел од институциите на ја почитувале законската обврска, не ја внеле во Регистерот ниту новата систематизација, дел ја внеле, но без никакви податоци за вработените, а дел иницијално ги внеле податоците, но не ги ажурирале редовно. Веројатно тоа било одлично алиби за да се сокријат вакви ситуации, што покажува дека состојбата во Генералниот секретаријат на Владата е само врв на ледениот брег. Што ли ќе се најде кога ќе се загребе под површината?

Веројатно уште повеќе докази за „успесите“ на ВМРО-ДПМНЕ, која се фалеше дека со разни проекти го намалила бројот на невработените, а дел еве и на каков начин. Тоа недвосмислено открива како оваа демохристијанска партија ја „превела“ и практикувала четвртата од десетте Божји заповеди: „Спомнувај си за деновите на одморот за да ги празнуваш, шест дена не работи, а седмиот ден посвети го на твојот Бог - Партијата“.