Четвртата индустриска револуција и говорот на Мечкин Камен
4 август 2021По ова екстремно жешко време, пишувајќи ја оваа колумна на денот на најголемиот македонски празник Илинден, ќе си дозволам да обработам една „неважна“ и кај нас помалку актуелна тема од темите и настаните што го окупираат јавниот дискурс овие денови. Можеби за некои е поинтересно да се зборува за тоа кој требало или не да одржи говор на Мечкин Камен и дали обраќањето или необраќањето на претседателот е сквернавење на најголемиот македонски празник Илинден. Мене, оваа македонска драмолетка ми се виде премногу повторувана и здодевна за дискусија, па затоа еве ќе се обидам да ви го свртам вниманието кон една можна катастрофа која ни се заканува.
Ова е катастрофа која се заканува на човештвото и на светот од кој ние умееме така ефикасно да се одлепиме и да креираме една наша надреалност, живеејќи во, за никого несфатливиот, македонски паралелен свет.
Беснеат пожари, бури и поплави, се разгоре кој знае кој бран по ред на пандемијата, светот се обидува да ја стабилизира економијата која како да се крши во челуста на вирусот, а ние, како по обичај одлепени од реалноста, како да сме на некоја халуциногена дрога, се расправаме за тоа дали не одржувањето на говор на Мечкин Камен ќе ни ја уништи државата. Затоа наместо да вриштам од неверување ја напишав оваа колумна, па ве молам да ја прочитате и да размислите за фактите кои ќе ги изнесам во продолжение.
Факти:
Научниците од државниот универзитет од Орегон проучувале 31 витални знаци на планетата и констатирале дека 18 се на рекордно високо ниво. Еве некои од нив:
Во април оваа година гасовите на стаклената градина (greenhouse gases-water vapour, carbon dioxide, methane, nitrous oxide, ozone, chlorofluorocarbons...) достигнаа највисоко ниво било кога измерено во историјата на човештвото;
Ледената маса на Гренланд и Антарктик е на историски најниско ниво во овој дел од годината од било кога претходно, додека глечерите во светот се потенки од било кога;
Температурата на океаните достигна највисоко ниво минатата година, како и глобалното ниво на водата во морињата;
Отшумувањето (deforestation) на Амазон достигна 12 годишен максимум минатата година, па 1.11 трилиони хектари шума беа изгубени;
Бразилските прашуми, наместо природен филтер, станаа нето емитер на јаглерод диоксид;
Единствен спас за планетава земја е доколку веднаш и драстично се намали глобалната емисија на јаглерод диоксид, чија атмосферска концентрација од првата индустриска револуција до денес е зголемена за 50% и според некои научници е на нивото од пред 3 милиони години.
Од друга страна истражувањето направено од Гринпис за време на „затворањето“ предизвикано од КОВИД-19, покажало дека во 5-те најнаселени градови во светот (Делхи, Мексико Сити, Сао Паоло, Шангај и Токио) загадувањето на воздухот предизвикало 160.000 смртни случаи и економска загуба од 85 милијарди долари.
-претходни колумни од авторот: Маркес и Македонците: Една минута помирување
Едно истражување на јавното мислење спроведено во првиот квартал оваа година од страна на глобалната ИПСОС, на примерок од 21.011 возрасни лица од 30 земји во светот, ни ги објави и покажа заблудите на луѓето за тоа која акција на човештвото е најважна во борбата со глобалното загадување. Така, најмногу или 59% од испитаниците сметаат дека рециклирањето е најдобар начин на намалување на светското загадување, а реалноста е дека рециклирањето помага во намалување на јаглероден диоксид од само 0.2 тони по човек годишно, за разлика на пример од немањето автомобил, што придонесува во намалувањето на јаглерод диоксид од 2.4 тони по човек годишно, односно 12 пати повеќе од рециклирањето. Истражувањето покажало и дека 43% од луѓето веруваат дека повеќе луѓе се иселуваат поради конфликти отколку поради климатски промени. Реалноста е дека 67% од раселувањето во светот во првите 6 месеци на 2020 година биле предизвикани, не од војни и конфликти, туку од климатски и метеоролошки причини. Поентата на ова истражување на ИПСОС, со анализата која ја објави Светскиот Економски Форум е да покаже колку луѓето имаат погрешна претстава за тоа која акција е најефикасна во борбата со загадувањето. Податокот во анализата што брутално нокаутира е фактот што прва на рангот на акциите кои најмногу ќе придонесат во борбата со загадувањето е имањето на едно дете помалку. Оваа брутална констатација е добиена како резултат на истражувањата кои покажале дека еден човек во својот животен век во просек е причина за емисија на 58.6 тони јаглерод диоксид годишно. Ете затоа многу курентна тема за дискусија, но и поле за проучување на научниците и администрацијата на развиените земји во светот е дали човештвото и природата (ч. светот) можат да бидат компатибилни во време на четвртата или секоја следна индустриска револуција.
-претходни колумни од авторот: Заев си оди во 2024 година
Тоа е продуктивната дискусија во светот, а кај нас е дискусија дали треба или не да се одржи говор на Мечкин Камен, па тука се кршат копјата. Примитивно, како по обичај. Па, добро бе луѓе, ќе дојде ли време еднаш да се скараме во државава за нешто продуктивно? Еве на пример да се скараме дали е поважно да се забрани греење на дрва, а финансиските последици по граѓаните да бидат субвенционирани од државата или е поважно да се изгради некој автопат. Па ако победат едните да се забрани греењето на дрва и да почнеме нормално (здраво) да дишеме во државава или пак ако победат другите да се изгради автопатот по кој ќе можеме безбедно и брзо да стигнеме од една до друга дестинација. Значи да се создаде вредност во секој случај, без разлика чиј концепт ќе победи. Вака, ако победат тие што викаат да се одржи говор, говор ќе се одржи, а ако победат тие што викаат да не се одржи говор, тогаш говор нема да се одржи. Значи, во секој случај, добиваме едно големо ништо.
-претходни колумни од авторот:Зевс е Македонец
А замислете една поинаква надреалност од надреалноста во која сме приморани да живееме. Замислете денес кога по триесетти пат како независна држава го одбележуваме најголемиот македонски празник, сите лидери да излезеа со заеднички 30 годишен стратешки план за развој на државава. Еве и јас се обидов да замислам, ама не можам. Не нé бива и вака како што си тераме, тешко дека ќе нé биде.
A, да ќе заборавев, на почетокот на втората деценија на 21 век, некои велат дека започна Петтата индустриска револуција.