Четири нови случаи на коронавирус во Дебар
13 март 2020Во регионот на општините Дебар и Центар Жупа од денеска се воведува кризна состојба поради коронавирусот, откако таму се откриени четири нови случаи на заразени со Ковид-19. Се работи за лица кои биле во контакт со претходно откриените заразени повратници од Италија. Со тоа вкупниот број на заразени од коронавирусот во Северна Македонија се искачи на 13 лица, но се очекува отпуст на првозаболената пациентка, која веќе не покажува симптоми на болеста.
Во споменатите региони ќе биде ограничено движењето, а заболените пациенти ќе бидат префрлени на Инфективната клиника во Скопје, соопшти денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче. Во погодениот регион е упатен тим на епидемиолози кои ќе работат на заштита на населението и потрага по нови случаи на заразени.
На аеродромот во Скопје денеска е утврден еден сомнителен случај. Се работи за патник кој пристигнал од Германија со зголемена температура. Тој е изолиран заедно со сопатниците кои седеле до, и околу него за време на летот.
„Ова не е шега!“, порача уште еднаш Филипче, апелирајќи до граѓаните да ги почитуваат препораките и мерките кои ги преземаат надлежните.“
„Луѓето мора да сфатат дека ова е за нивно добро. Радикалните мерки ги презедовме откако видовме дека тие носат резултати во Кина и Италија“, рече Филипче. Севкупно, во изолација во моментов се 45 лица.