Чија е Мајка Тереза?
5 септември 2016Додека папата Франциско ја прогласуваше Мајка Тереза за светица во неделата, две балкански земји одржаа паралелни прослави за големиот настан истовремено тврдејќи дека светицата им припаѓа ним.
Тереза стана позната по својата работа со сиромашните во индискиот град Колката, но нејзиното потекло е предмет на спор во југоисточна Европа, каде што беше родена.
Родена како Агнеса Гонџа Бојаџиу во 1910 година во мулти-културно Скопје- тогаш дел од Отоманската империја, а денес главен град на Република Македонија- мајката на Мајка Тереза била Албанка со потекло од Косово.
Корените на нејзиниот татко се оспорени: повеќето во Албанија тврдат дека и тој бил етнички Албанец, додека некои Македонци тврдат оти бил Влав.
Спорот ги вади на површина старите етнички ривалства на Балканот, а притоа соседните Албанија и Македонија горделиво си конкурираат за добитничката на Нобеловата награда- обете земји имаат споменици, патишта, болници и други објекти кои го носат нејзиното име.
„Мајка Тереза беше родена во Скопје но никогаш не се декларираше како Македонка“, вели албанскиот историчар Моиком Зечо, автор на студија за врските на калуѓерката со Албанија.
„Таа секогаш говореше за нејзините албански корени и нејзината универзална мисија“, вели Зечо.
Но, Македонците сметаат дека нејзиното место на раѓање е подеднакво важно.
„Ја нарекуваме Скопјанката затоа што таа е една од нас“, вели Валентина Божиновска, директор на националната комисија за односи меѓу верските заедници.
Регионот драматично се менуваше за време на животот на Тереза- крајот на турското владеење, две светски војни, подемот и падот на комунизмот во Југославија, и војните на Балканот во 1990-те.
Тереза била крстена како католик, малцинска вера во Скопје, каде го минала своето детство и релативно рано се одлучила да и се посвети на верата.
Славните луѓе му припаѓаат на целото човештво
Во 1930-те нејзината мајка и сестра се преселиле во Тирана, Албанија, каде комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа и забранил на Мајка Тереза да ја посети земјата.
Конечно успеала да ја оствари првата од трите посети на Албанија во 1989, по смртта на Хоџа и една година пред падот на комунизмот, и да ги посети гробовите на своите најблиски и куќата во која живееле.
Генц Зајми, 78, се уште живее во таа куќа и се присетува на писмата која Тереза и ги пишувала на нејзината мајка, инсистирајќи дека таа никогаш не го заборавила своето албанско потекло.
„Неприфатливо е што Македонија ја смета Мајка Тереза за симбол на нацијата“, вели Зајми.
Мнозински муслиманската Албанија слави национален празник на денот на беатификацијата на Тереза во 2003 година.
„Славните луѓе му припаѓаат на целото човештво, но тие исто така имаа и свое потекло, народ со кој се поврзани крвно“, вели познатиот албански писател Исмаил Кадаре за АФП.
Но и Македонија е горда на славната балканска ќерка. Меморијалната куќа Мајка Тереза, изградена на местото каде што била крстена во Скопје, привлекува околу 500 гости дневно.
Во мнозински христијанската земја планирани се повеќе прослави на нејзината канонизација, вклучително и специјална миса на 11 септември која ќе ја одржи пратеник на папата. Народната банка издаде и специјална сребрена монета во нејзина чест.
Симбол на „културното единство“
„Таа беше тука родена, образована, израсната, си играла со другарчињата овде каде што сега стоиме, и оттука факт е дека е од Скопје“, вели 28-годишната Маја Ванеска.
Тереза четирипати кусо го посетуваше својот роден град, а Божиновска вели дека калуѓерката е симбол на „културното единство“ во Македонија, каде околу една четвртина од населението се етнички Албанци. Албанците во земјата се жалат дека текстовите на спомениците на Мајка Тереза се испишани само на македонски и на англиски, со што се игнорира клучен сегмент од нејзиниот идентите.
Во 2003 година, најавите дека Македонија планира да му подари на Рим статуа од Тереза со натпис „македонската ќерка“ на кирилица предизвика контроверзи.
Што се однесува до Тереза, таа самата се опишуваше себеси како „Скопјанка“ и Албанка „по крв“, но инсистираше дека му припаѓа на светот.
Таа доби индиско државјанство во 1951 година, а нејзината усвоена татковина остро го одби барањето на Албанија во 2009 да и ги предаде посмртните останки, со забелешка дека „таа почива во својата држава, на своја земја“.
Рената Кутера Здравковска, директор на Меморијалната куќа во Скопје, вели дека е јасно оти националната припадност не и значела ништо на Мајка Тереза.
„Мислам дека би била навистина несреќна што воопшто се води ваква дебата“.