Чудото од Лиг- селото без ниту еден случај на Ковид-19
1 мај 2021Селото Лиг, со население од 400 жители, се наоѓа во питорескен регион во западната покраина Рајнланд Фалц. На само шест километри источно од прекрасната река Мозел, селото е дом на прекрасно реставрирани дрвени куќи, доброволечки пожарникарски одред, училиште, и- во срцето на селото- убава црква. Всушност, село како и многу други низ Германија.
Но, со една битна разлика која доведе до тоа многумина да зборуваат за „чудото од Лиг“.
Од почетокот на пандемијата на коронавирусот во Германија се заразија повеќе од три милиони луѓе, а во некои општини во моментов инциденцата е над 400 новозаразени на 100.000 жители.
Во Лиг инциденцата е нула! И тоа не само сега. Во изминатите 14 месеци не е забележан ниту еден случај на инфекција. Како селото да се наоѓа во некакво фантомско стаклено ѕвоно кое го спречува продорот на вирусот.
И градоначалникот Хајнц Цилес е изненаден како и сите други.
„Досега имавме многу голема среќа, секако дека тоа се уште е само моментална состојба. Можеби горе имаме некој ангел-чувар кој вели: ’Ова село ќе го оставиме намира’“.
„Тајната“ на Лиг
Телефонот на Цилес не престанува да ѕвони. Откако локалниот весник објави текст за „чудото од Лиг“ интересот на медиумите е огромен. Сите сакаат да знат што е тајниот рецепт кој го чува селото.
„Имаме одлично заедништво во селото, многу волонтери кои веднаш се вклучуваат и ја преземаат работата. Се гледаат себеси како дел од тимот и соработуваат“, вели Цилес.
По почетокот на пандемијата, младите во селото преку ноќ создадоа сервис за купување наречен „Млади за старите“. Еден тим редовно ги обиколуваше постарите, родителите чии деца одат во основното училиште собираа пари за два вентилатори во училниците.
„Тоа што политиката често го најавува, но не го спроведува, ние тоа го земаме во наши раце“, вели градоначалникот гордо.
Иако инциденцата е нула, сепак никој во селото не мисли дека вирусот не постои.
„Ниту еден човек во Лиг не го оспорува постоењето на коронавирусот“, вели Цилес. „Луѓето се придржуваат до правилата, разбрани се и дисциплинирани и го прифаќаат фактот дека е во тек пандемија со далекусежни последици по целиот свет“.
Уште поневеројатен е податокот дека речиси 90 отсто од вработени во Лиг патуваат надвор од своето место на живеење до своите работни места во околните градови.
Кон „чудото од Лиг“ придонесува и тоа што никој од жителите не сака да биде првиот кој ќе го донесе вирусот во селото.
А градоначалникот Цилес веќе има идеја што ќе стори доколку нема заразени жители до есента.
„Доколку навистина успееме да ја минеме пандемијата без ниту еден случај, ќе организираме голем селски панаѓур“.