1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Генчовска бара промена на македонскиот Устав до јуни

БГ
16 мај 2022

Шефовите на австриската и германската дипломатија, Шаленберг и Бербок од Брисел порачаа дека летово мора да почнат пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ. Генчовска очекува промена на Уставот.

https://p.dw.com/p/4BNOa
Österreich | Bundeskanzler Alexander Schallenberg
Австрискиот МНР, Александер ШаленбергФотографија: Lisa Leutner/AP Photo/picture alliance

Се засилува притисокот врз Бугарија за повлекување на ветото за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ, изјави австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на ЕУ во Брисел. Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, пак, очекува Скопје до јуни да го смени Уставот и да ги вметне Бугарите во него. 
ЕУ перспективата на земјите од Западниот Балкан беше една од темите на состанокот во Брисел, покрај главната- Украина, и за таа цел присутни беа и министрите за надворешни работи на земјите од регионот. 
„Притисокот врз Бугарија е драматично пораснат, тоа стана јасно од овие состаноци“, рече Шаленберг по разговорите.
„Бугарија го има клучот за отворање на преговорите со Северна Македонија и Албанија."

Австрискиот дипломат уште еднаш повтори дека кај мнозинството членки на ЕУ постои разбирање дека „ова е вистинскиот геополитички момент и дека како ЕУ мора да се држи до ветувањата".

„Не можеме ние да зборуваме за Северна Африка и Блискиот Исток, ако не можеме да ги оствариме нашите интереси во овој регион“, рече Шаленберг, предупредувајќи на опасноста од Русија и други земји кои се обидуваат да го зголемат своето влијание на Западниот Балкан. 

Токму тоа го апострофираше и шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок уште пред почетокот на состанокот. 

Deutschland | G7 Außenministertreffen | Annalena Baerbock
Шефицата на германската дипломатија Аналена БербокФотографија: Marcus Brandt/dpa/picture alliance

„Западниот Балкан е под притисок и влијание на Русија и затоа е важно да ја потврдиме не само нашата поддршка, туку и нашите претходни ветувања за прием на земјите во ЕУ".
„Најважно е пред почетокот на летото да почнат преговорите со Северна Македонија и Албанија. Тоа е и централно безбедносно и геополитичко прашање“, рече Бербок.  

Генчовска очекува промена на Уставот   

Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска по состанокот потврди дека врз нејзината земја се врши притисок да попушти за ветото, но, како што рече таа, „нашата позиција е јасна“.
„Очекуваме Северна Македонија да започне да го исполнува договорот и да ги вклучи Бугарите во Уставот на земјата,“ рече Генчовска. Прашана дали очекува спорот да се надмине до јуни годинава, Генчовска рече дека дотогаш „очекува Северна Македонија да го започне процесот на измени на Уставот.“  

„Северна Македонија мора да направи конкретни чекори со кои ќе ни се гарантира дека ќе се исполни Договорот за добрососедство“, рече Генчовска. Таа добила ветување од шефот на македонската дипломатија Бујар Османи дека наскоро ќе има предлози од македонска страна за исполнување на тие гаранции.