„Шарени бомби“ против сивилото
25 април 2016Стефан е уморен, иако за средба пред Архитектонскиот факултет сме договорени околу 12 часот. Од очите му се гледа дека со денови не спиел како што треба. Сепак, одговара на секој телефонски повик. Почнува нов ден на протести, треба да се организираат многу нешта. „Мора да ги собереме материјалите“, вели кусо и веќе сме на пат кон Факулетот за драмски уметности. Таму не‘ чека друг негов „соборец“. Не зборуваат многу, секој знае што треба да се направи. Стенсилите се во една просторија, спрејовите и платното во друга. „Ние како студенти имаме право на користење на просторот“, ми објаснува Стефан. Дел од факултетите инсистираат на поставување формално барање, на други тоа не е неопходно, додава тој. Мобилниот телефон ѕвони повторно. Некој прашува каде е местото за средба и што треба да се прави „Ќе земеме такси и ќе се сретнеме зад Архитектонски“, одговара Стефан. Возењето трае неколку минути. Таксистот не поставува прашања. Го отвора гепекот и вози молкум. Имам впечаток како да знае точно кои се патниците во возилото.
Се растоваруваме и чекаме на останатите. За околу половина час дворот е полн. Секој носи по нешто: боја, балони, шприцови. Тоа е необичното оружје на „шарените револуционери“. Се‘ е донирано, или купено од парите кои протестното движење ги собира додека траат протестите.
Со производство на „шарени бомби“ не се почнува веднаш. Изморените момчиња и девојки прво дискутираат за претходната вечер. По само неколку минути уморот е заменет со сјај во очите, дискусиите брзо стануваат многу емоционални. Дали демонстрациите ја постигнале целта? Каков бил говорот? Каде е направен пропуст? Како да се одржи динамиката на протестите? Прашања за кои се дебатира со младешка страст. „Мора да направиме транспарент за толеранција“, предлага еден. „Транспарент со многу силна порака, која ќе допре до сите“, додава друг. „Луѓето се‘ повеќе го губат стравот. Прашањето е како оваа новонастаната енергија да се насочи во вистински правец“, смета трет. Сите имаат свој став, секој има свој предлог, но дебатата завршува без консензус.
Веќе изминаа два часа. Крајно време е да се почне со производство на оружје. Секогаш пред очи треба да се држи големата цел - слободно, отворено и праведно општество, а за модалитетите на борбата може секогаш да се дискутира. Задачите се поделени.
Една група ги полни балоните со песок, втора со боја. „Балоните се полнат со песок за да летаат подобро“, ми објаснуваат кусо. Сите работат концентрирано, внимателно, прецизно. И чевлите и облеката се полни со дамки од боја. „Мајка ми ме праша дали дамките може некако да се исперат, а јас и‘ велам: работите ќе си ги носам и со дамки. ’Шарената револуција’ бара жртви“, вели гордо една од девојките додека ги полни балоните со боја. Балони кои на сивото секојдневие во Македонија треба да му дадат малку колорит.
Време за јадење нема. До 18 часот треба да се подготват двесте бомби со боја. Паралелно се работи и на пакувањето писма со кои „шарените револуционери“ ги известуваат граѓаните за тоа колкав е долгот на државата и ги повикуваат на протести. Доаѓа и засилување, но атмосферата останува сериозна. Впрочем, исто како ситуацијата во државата. „Не знам кога последен пат сум излегла. Нашиот живот е ова овде“, заклучува трезвено девојката до мене, која пакува писма. Се‘ додека работите не се променат, тие остануваат на улица, велат студентите.
Остануваат онаму, каде од останатите демонстранти секоја вечер се пречекувани и поздравувани со насмевка. Затоа што тие се „Шарената револуција“. Затоа што се борат за промени без насилство. Затоа што консеквентно ја следат својата цел.
Нешто по осумнаесет часот - протестите почнуваат вообичаено. Стефан и другарите се во првиот ред на протестниот марш. Се‘ оди според планот. „По протестите најверојатно ќе се состанеме на разговор, а утре можеби ќе има работилница“, ме информира Стефан. Пред него е уште една долга ноќ.