Тајни зделки со суровини во Швајцарија
24 март 2022Швајцарија е позната како важен светски финансиски центар. Трговијата со суровини е помалку во фокусот, но е многу поважна. Одалечена од главните трговски патишта, без излез на море, без поранешни колонии и без какви било значајни сопствени суровини, Швајцарија е еден од најважните светски трговски центри за суровини. „Во Швајцарија оваа бранша има значително поголем дел во бруто домашниот производ од туризмот или од машинската индустрија“, вели Оливер Класен од невладината огранизација Јавно око (Public Eye).
Се вртат огромни суми пари - и тоа во тајност. Според владиниот извештај во Берн за 2018 година, обемот на трговијата спроведена преку Швајцарија се проценува на речиси трилион долари. Тамошните 5 најголеми компании за обрт на пари не се банки ниту фармацевтски компании, туку трговци со суровини. Повеќето од 900 компании активни во трговијата со суровини се лоцирани во Женева, Цуг или во Лугано.
Во Женева така се продава и се купува: една третина од нафтата со која се тргува ширум светот, две третини од светската трговија со таканаречени базни материјали, како што се цинк, бакар или алуминиум, две третини од житариците во светот.
Со руските суровини се тргува преку Швајцарија
Од тоа профитира и Русија. Според извештајот на швајцарската амбасада во Москва, околу 80 отсто од руските суровини се продаваат преку Швајцарија. Извозот на нафта и на гас е главниот извор на приход на Путин, тој изнесува меѓу 30 и 40 насто од рускиот државен буџет. Руските државни компании во 2021 година само од извозот на нафта заработиле околу 180 милијарди долари. Тоа се пари со кои сега може да се финансира војната.
Неутралноста на Швајцарија е заштитена со закон
Верна на својата историја, Швајцарија го задржува својот неутрален статус и не воведува сама санкции. Според швајцарскиот Закон за ембарго, таа само се придружува на санкциите на другите. Тоа значи дека нешто се случува само ако за тоа одлучат главните трговски партнери или Советот на безбедност на ОН.
Повеќе: Со студени домови против Путин и за Украина?
Покрај тоа, Швајцарија и досега трговијата со суровини, своето „златно теле“, го третираше многу внимателно.
Таму каде што е капиталот - таму се врши трговија со суровини
Важно е да се разбере оти со стока често се тргува директно меѓу владите и по пат на стоковна берза. Покрај тоа, оваа трговија е слободна. За таквата директна продажба има специјализирани компании во Швајцарија. Важна причина е тоа што има доволно од најважната суровина за трговија со суровини - капиталот.
Во зависност од моменталната цена, само танкер со сурова нафта може брзо да чини 100 милиони долари, а тоа се пари кои компаниите ги немаат во готово. Во Швајцарија се развиени вистински финансиски инстументи за такви трансакции. Често се користат таканаречени акредитиви: банката му дава на трговецот кредит и како гаранција добива документ со кој станува сопственик на стока. Откако купувачот ќе ја плати суровината на банката, таа му го предава тој документ, а со тоа и сопствеништво над суровината. Така трговецот има можност да зема големи кредити без проверка на кредитната способност, а банката ја има вредноста на стоката како гаранција.
Ретко кој знае нешто повеќе за таа трговија
Станува збор за таканаречена транзитна трговија во која низ Швајцарија поминуваат само парите. Суровините со кои се тргува обично никогаш ја го допираат швајцарската почва, туку директно одат од земјата на потекло во земјата на купувачот. И затоа во швајцарската царинска управа нема никакви информации за обемот на трговијата.
Само Швајцарската народна банка објавува некои податоци, но во нив нема прецизен проток на суровини.
Јасно е само едно - сѐ е матно
„Целата трговија со стока е недоволно евидентирана и недоволно регулирана“, вели Елизабет Бурги Бонасоми од Универзитетот во Берн. „Податоците морате да ги собирате сами, едвај, а не се ни достапни сите информации.“ И така останува тајна кој од кого купува, која суровина и по кои цени.
Исто така, главно се непознати и сопствениците на фирмите кои тргуваат со суровини, а кои не се на берзата во Швајцарија. Со исклучок на Гленкор, сите овие фирми се во приватна сопственост. „Постои цела низа компании кои се под радарот на власта и чии вистински профитери не се познати, на пример, бидејќи со нив се управува преку замрсени офшор холдинг компании“, вели Класен. Значи: добра можност за вложување - и за руските олигарси.
Матните зделки е најлесно да се направат кога нема попис
Лабавите прописи се многу привлечни за трговците со суровини, особено затоа што многу суровините се експлоатираат во недемократски земји. „За разлика од финансискиот пазар, каде постои надзорен орган, овие правила за борбата против перењето пари и за борбата против нелегалните и нелегитимните финансиски текови, за трговија со суровини, во моментов такво нешто не постои“, вели Давид Мулеман од организацијата Јавно око.
„Трговијата со суровини би требало да биде регулирана. Потребна ни е транспарентност во врска со исплатите кои трговците ги вршат со владите, особено во автократските режими, кои тие пари ги префрлаат во своите џебови или, во најлош случај, финансираат војни“, вели тој. „Не се работи само за Русија“, нагласува Мулеман.
Трговците со стока сега често им даваат кредити на државите, објаснува Оливер Класен. На пример, Гленкор му дал на Чад над милијарда долари како кредитна линија и за возврат добил пристап до нивните пронаоѓалишта за сурова нафта.
Сите знаат, а сепак сè останува исто
„Иако швајцарските власти го препознаваат проблемот, тие продолжуваат да се потпираат на индиректна супервизија - од страна на банките“, велат од Амнести интернешнел. Но, банката не е обврзана да знае со кого работат нејзините клиенти и каде завршуваат нивните пари. Владата смета дека тоа е доволно и дека нема потреба од закон за суровини или посебно регулаторно тело.
Невладината организација Public Eye со години бара воведување на регулатор на пазарот на суровини во Швајцарија, независно тело по моделот на регулаторот на финансискиот пазар. Пред многу години, швајцарските Зелени сакаа да се регулира трговијата со суровини во 2015 година, но не го добија потребното мнозинство во парламентот. Сега повторно сакаат да предложат да се формира соодветно регулаторно тело.
Томас Матерм, кој ја претставува Швајцарската народна партија (СВП) во Националниот совет, инсистира на швајцарската неутралност и се спротивставува на новото надзорно тело: „Не ни требаат повеќе регулативи и контроли, дури ни во секторот за суровини“.
Од друга страна, Седрик Вермут, член на швајцарските социјалдемократи, бара: „Швајцарија сега мора да ја затвори чешмата за финансирање руската војна.“ Швајцарија го држи најефикасниот лост - трговијата со суровини и богатството на богатите Руси, вели Вермут.
Досега, меѓутоа, санкциите на Европската унија и на САД не влијаеја на трговијата со суровини, дури и ако самите САД повеќе не сакаат да увезуваат руска нафта. Но, додека се водат политички дискусии и другите западни земји не ја санкционираат трговијата со стоки, швајцарските трговци со суровини можат да продолжат да заработуваат пари од руските суровини и на тој начин да го надополнуваат воениот буџет на Путин.