1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шеесет години парламентарна традиција

7 септември 2009

Пред точно 60 години во Бон се одржа конститутивната седница на германскиот Бундестаг. Иако Бон повеќе не е главен град, политичката елита допатува тука, за од истото место да погледне кон минатото и зборува за иднината.

https://p.dw.com/p/JUPQ
Шеесетгодишнина од првата конститутивна седницаФотографија: AP

Свечената седница почна во 11 часот, а прв говореше претседателот на Бундестагот, Норберт Ламерт. Во говорот во поранешната пленарна сала во Бон, актуелниот претедателот на Бундестагот, Норберт Ламерт, го истакна значењето на германскиот парламент: „Ги имаме сите причини да бидеме горди на овој парламент и нашата шеесетгодишна парламентарна традиција и самоуверено да гледаме кон иднината.“

Пред присутните на свечената манифестација, меѓу кои беа и германскиот претседател Хорст Келер, германската канцеларка Ангела Меркел и министерот за надворешни работи и кандидат за канцелар, Франк Валтер Штајнмаер, Ламерт потсети на тешките услови под кои парламентот ја почна својата работа на 7 септември 1949 година.

„Демократијата не е постапка за одбегнување на кавгите“

Deutschland Bundestag Bonn Jubiläumssitzung Norbert Lammert Erster Bundestag
Ламерт: „Ги имаме сите причини за да бидеме горди на овој парламент“Фотографија: AP

Освен на историскиот аспект, Ламерт во говорот се осврна и на незадоволството на Германците од политичките навики. На многумина им пречат политичките кавги и тешкиот процес на одлучување. Но, кавги мора да има, истакна Ламерт: „Демократијата не е постапка за одбегнување на кавгите, туку начин за спроведување на одлуки, донесени со мнозинство“.

По основањето на Сојузна Република Германија, првиот германски парламент на денешен ден ја одржа конститутивната седница во Бон. На првите парламентарни избори, 410 пратеници си обезбедија место во Бундестагот, од кои осум беа од Западен Берлин.

Конститутивната седница и денес е прва седница што ја одржува секој нов состав на германскиот Бундестаг. Меѓу другото, на неа се одбира и новиот претседател.

Автор: ТТ/ЖА/афп/дв

Редактор: Александра Трајковска