1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Шест прашања по прекинот на вакцинирање со АстраЗенека

Зоран Арбутина | агенции
16 март 2021

Прокламираната цел во Германија беше – забрзување на кампањата за вакцинирање. Но, сега е донесена одлука привремено да запре вакцинацијата со АстраЗенека. Зошто е донесена таа одлука и што ќе значи?

https://p.dw.com/p/3qhGe
Weltspiegel 15.03.2021 | Corona | AstraZeneca-Impfstoff
Фотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Одлуката е донесена среде кампањата за вакцинирање. Тоа му беше јасно и на германскиот министер за здравство Јенс Шпан, па сепак реши, како и некои други европски земји, Германија засега да не ја користи вакцината АстраЗенека. Мерката е „чиста претпазливост“ за научно да се проверат несаканите појави до кои доаѓа во многу ретки случаи, нагласи Шпан. Меѓутоа, остануваат отворени важни прашања, првенствено околу натамошното спроведување на вакцинацијата, како и оние поврзани со довербата во вакцината АстраЗенека

Зошто е привремено запрена АстраЗенека?

Германскиот државен Институт „Пол Ерлих“ вчера (15.03) издаде околу пладне своја препорака, објасни Шпан. Причина се седум случаи на тромбоза на церебрални вени регистрирани во Германија, временски поврзани со вакцинирањето, кај досега веќе преку 1,6 милиони вакцинации со АстраЗенека.

Шпан притоа нагласи дека е целосно свесен за последиците на одлуката и дека таа никако не е лесно донесена. Потенцира – тоа е чисто техничка, а не политичка одлука. Затоа решил да ги следи препораките на Институтот „Пол Ерлих“ , а најважната работа во вакцинацијата е транспарентноста, нагласува Шпан.

Колку долго ќе важи забраната?

Досега важачкиот план на кампањата за вакцинација моментно е вон сила. Сега е на потег Европската агенција за лекови (ЕМА) која ги испитува забелешките и во идеален случај би можела да даде своја препорака уште во текот на неделава, изјави германскиот министер за здравство.

Дозите кои им се испорачани на германските сојузни покраини би требало засега таму и да останат, но сојузната влада привремено ќе ги запре сите натамошни испораки, а вакцината ќе ја држи во својот централен склад.

Колку е АстраЗенека важна за натамошниот тек на вакцинирањето?

За напредок во вакцинацијата, АстраЗенека би требало да игра сѐ позначајна улога. Таа вакцина е полесна за складирање во обични лекарски ординации, зашто не мора да се чува на толку ниски температури како вакцината на Бионтек/Фајзер.

Во согласност со новите податоци од студиите, АстраЗенека во Германија од неодамна е препорачана и за постари лица, а не само за оние меѓу 18 и 64 години, како што беше случај на почеток. А до крај на март би требало во земјата да стигнат повеќе од два милиони нови дози.

Но, се очекува наскоро значително да пораснат и количините од останатите вакцини, посебно Бионтек/Фајзер и Модерна. Вакцината АстраЗенека изнесува 17 проценти од досега применетите во Германија.

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Можат ли да се остварат зацртаните цели за вакцинирање во Германија?

Неизвесно е колку новата одлука ќе го осуети напредокот на вакцинирањето. Тоа се однесува на најавата на канцеларката Ангела Меркел дека ќе може на сите свои граѓани да им обезбеди понуда за вакцинација до крајот на летото, до 21 септември. Но, таа тоа го изјави под услов и испораките и одобренијата на нови вакцини да се одвиваат според планот.

Планираните за в среда нови консултации на канцеларката и премиерите на германските покраини се одложени. На состанокот требаше да се дискутира пред сѐ за плановите за „турбо вакцинација“. Тоа би значело вклучување на мрежата на приватни медицински ординации во кампањата од средината на април. Сега веќе не е сигурно дали тоа ќе може да се оствари.

Кои придружни појави се претпоставува дека настанале?

Како што објасни Институтот „Пол Ерлих“, анализата на новите податоци покажала дека доаѓа до воочлива зачестеност на посебен облик на многу ретка тромбоза во церебралните вени. Во тие случаи се бележи недостиг на крвни плочки во крвта и доаѓа до крварења непосредно по вакцинацијата.

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

Кај тромбозата на церебрални вени, одредени вени во мозокот се блокираат со крвни згрутчувања. Главен симптом е главоболка, а покрај тоа заболените можат да добијат епилептични напади, парализа или пореметување на говорот. Болеста ретко се јавува, а мнозинство од погодените се жени помлади од 50 години.

Недостигот од крвни плочки (тромбоцитопенија) доведува и до зголемени тенденции на крварење. Можни причини за тоа се инфекции, недостиг на витамини, генетски предиспозиции или употреба на лекови.

Може ли да се користи друга вакцина за ревакцинирање?

Засега важи правилото секој кој примил прва доза АстраЗенека треба да добие и втора, исто така од АстраЗенека. Теоретски би било можно вбризгување различни вакцини, според оценка на експертите, тоа веројатно не би бил имунолошки проблем.

Меѓутоа, за такви комбинации не постојат податоци од клинички студии, а за нив нема ни одобренија. Привремениот прекин не би требало да создава проблем со втората доза, ако не трае подолго: германската Стална комисија за вакцинација (Стико) препорачува меѓу првата и втората доза на вакцината АстраЗенека да поминат дванаесет недели.

Според податоците од Институтот „Роберт Кох“, досега во Германија првата доза од АстраЗенека ја примиле околу 1,6 милиони луѓе, многу од нив имаат уште доста време до втората доза. Досега во Германија само 217 луѓе ја имаат примено и втората доза од АстраЗенека.