1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шест проблеми кои Германија ги има со Русија

Фабијан фон дер Марк
18 мај 2018

Кога Ангела Меркел ќе се сретне во Сочи со Владимир Путин, тие ќе имаат едно ново заедничко нешто: Германија и Русија сакаат да го спасат договорот со Иран. Но, сепак, разликите доминираат.

https://p.dw.com/p/2xsn7
Deutschland G20 Begrüßung der Teilnehmer durch Merkel
Фотографија: Reuters/C. Barria

1. Хакерски напади врз владата и Бундестагот

Германските тајни служби претпоставуваат дека руските владини агенции стојат зад хакерските напади врз Германија. Двата напада - и врз германскиот Бундестаг во 2015 година и врз партиите и фондации биле раководени од Русија. Германските разузнавачи го вперија прстот кон Русија и за сајбер-нападот врз германската владина мрежа, кој беше откриен во февруари 2018 година. Притоа беа преземени огромен број податоци. Парламентот и германската влада ги осудија хакерските напади.

2. Улогата на Русија во Сирија

Со поддршката на моќникот Башар ал-Асад, Русија, од германска гледна точка, се смета за соучесник во воените злосторства во Сирија. Германската влада најостро ја осуди употребата на отровен гас во сирискиот град Дума. Иако Германија не учествуваше во воениот одмазднички напад на западните сили, сепак Ангела Меркел нагласи дека „Русија како сојузник на Асад сноси дел од одговорноста“. Германската канцеларка сака со претседателот Путин да зборува за нападот со хемиско оружје во кој загинаа најмалку 60 лица.

Повеќе:

-Германските илузии за Путин и Русија

-Германија-Русија: Дијалог во време на отуѓување

-Русија и Сирија уништуваат докази во Дума?

3. Анексијата на Крим

За Германија анексијата на полуостровот Крим во март 2014 година е прекршување на меѓународното право. Владимир Путин неделава отвори нов мост меѓу Русија и Крим. Портпаролот за надворешни работи на парламентарната група на демохристијанските партии ЦДУ/ЦСУ во изјава за Дојче Веле го нарече мостот „дивоградба“. Во конфронтациите околу полуостровот Германија застана на страна на Украина и заедно со ЕУ и со САД воведе санкции против Русија.

Symbolbild Cyberkriminalität
Фотографија: Reuters/K. Pempel

4. Агресивни засилени активности на тајната служба низ Европа

Случајот со труењето на двојниот агент Сергеј Скрипал предизвика загриженост и во Германија. Велика Британија е уверена дека Русија стои зад труењето со отровен гас на поранешниот шпион и неговата ќерка. Доказите на британските власти ја уверија и Германија и доведоа до тоа германската влада да протера четири руски дипломати од земјата. Нападот во Солсбери и хакерските напади врз германската влада се резултат на агресивните засилени активности на Русија во Европа. На пониско ниво Москва е одговорна и за манипулативни и дезинформативни кампањи во ЕУ. Тим на еврокомесарот за безбедност има регистрирано над 3000 случаи на руска пропаганда, изјави еврокомесарот Јулијан Кинг за Дојче Веле.

5. Недостаток на напредок во источна Украина

Германија е фрустрирана од ситуацијата во источна Украина. И натаму продолжуваат борбите на украинско-руската граница со употреба и на тешко оружје. ОБСЕ има регистрирано над 400.000 повреди на мировниот договор од Минск. Германија и Франција остварија средба со украинскиот претседател Порошенко за да разговараат за актуелната ситуација. Последната средба со Владимир Путин во таканаречениот Нормандиски формат се одржа во февруари. Канцеларката Ангела Меркел повторно го повика рускиот претседател Путин да го употреби своето влијание врз проруските сепаратисти.

6. Забрани за влез и шиканирање

Само со интензивни дипломатски напори Германија успеа да спречи да му се забрани влез на еден германски новинар на претстојното Светско првенство во фудбал во Русија. На експертот за допинг на јавниот радиодифузен сервис АРД, Хајо Зепелт првично не му беше одобрена виза. Сојузната влада побара од Москва да ја повлече одлуката. И во уште еден друг случај Русија постапи против критичките гласови кои доаѓаат од Германија. Така германската невладина организација за набљудување на изборите „Европска платформа за демократски избори" (ЕПД) е прогласена за „непожелна организација" во Русија.