Шефот на тајната служба на Германија дал информации на АфД?
14 септември 2018Идниот вторник може да се случи неочекуван крај на службата на Ханс-Георг Масен. За тогаш е закажано продолжување на разговорите на партиските лидери од владината коалиција околу иднината на контроверзниот прв човек на германската Служба за заштита на уставниот поредок, БФВ. Вчера попладнето канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ) и шефицата на Социјалдемократската партија, Андреа Налес, имаа сериозна размена на мислења со претседателот на Христијанско-социјалната унија, Хорс Зехофер, а не се соопштени детали околу содржината.
На ова претходеше брз развој на настани. Во средата вечерта министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер како надреден, заштитнички му искажа доверба на Масен. Следното утро првиот канал на јавниот сервис на германската телевизија, АРД, објави дека политичар на деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија, АфД, од шефот на Службата за заштита на Уставот во јуни ги добил бројките од нејзиниот сѐ уште необјавен редовен Извештај за можните закани за државата и општеството.
„Разговаравме околу различни бројки“
Пласирањето на ваква скандалозна вест не можеше да се случи во понеповолен момент за Масен, а оптимален за неговите критичари и противници. Шефот на разузнавачката служба во средата до доцна вечерта беше на „отчет“ пред Комисијата на Бундестагот за внатрешна политика и Парламентарното контролно тело за работата на тајните служби (ПКГ). Повод беа неговите спорни изјави околу веродостојноста на видео-снимка на која се гледаат насилни сцени од десничарските безредија во Кемниц. Масен не понуди докази за својата теза.
Но, со оглед што неговиот надреден, Хорст Зехофер, се стави во негова одбрана, Масен можеше уште една ноќ да сонува за замолчување на повиците за негова оставка. Но, сега тие се сѐ погласни и побројни - поради изјавите на пратеникот од АфД, Штефан Бранднер за средба со претседателот на Службата за заштита на уставниот поредок, одржана пет недели пред објавувањето на актуелниот извештај на БФВ во јули. „Разговаравме околу различни бројки содржани во Извештајот“, изјавил Бранднер, цитиран во ТВ-емисијата „Контрасти“.
Службата за заштита на уставниот поредок не ја демантира средбата, што треба да значи дека таа се одржала. Таа е една во редицата разговори со 196 политичари застапени во Бундестагот од 2012. година наваму, како што соопшти Министерството за внатрешни работи во август, по објавените извештаи за наводни контакти на Масен со АфД. Во рамките на разговорите со политичари од ЦДУ, ЦСУ, СПД, Зелените, Левицата, ФДП и АфД се вршела општа размена на мислења и проценки за загрозеноста, е соопштено во таа прилика.
Повеќе:
Германија: Шефот на тајната служба го вознемири политички Берлин
Нема докази за хајка против странци во Кемниц?
И новинарите добиваат бројки од Службата за заштита на уставниот поредок
Во оваа категорија се вклопува и тврдењето на Бранднер дека со Масен разговарал околу исламистичките загрозувачи и буџетот на БФВ. Соодветните бројки за загрозувачите по правило стојат во Извештајот на Службата за заштита на Уставот, но во меѓувреме можат да бидат побарани од страна на пратеници или новинари, што не е реткост. Од овој аспект, изјавите на Бранднер содржински не сосема неспектакуларни, иако боде очи неговото јавно соопштување на доверлив разговор.
Експлозивноста, вклучувајќи ја и политичката, се крие веројатно во зборот „буџет“, кој го употребил Бранднер. Зашто, фактичкиот буџет на разузнавачката служба, како и на сите тајни служби, не се појавува во ниеден извештај. За него дискутира т.н. Доверливо тело, на кое припаѓаат членови на Буџетската комисија на Бундестагот. Овој ексклузивен круг ги донесува годишните финансиски планови на тајните служби на државата. Покрај БФВ, тука се и надворешната разузнавачка служба БНД и воената разузнавачка служба, МАД.
Одделни конкретни бројки сепак се наведуваат, тие секоја година се содржани во јавно достапниот Извештај: „Во 2017. година Службата за заштита на уставниот поредок, БФВ имала 3207 службеници (во 2016: 2972). Од сојузниот буџет е доделена дотација од 306.918.024 евра (во 2016. година: 253.294.733 евра).“ Можно е Бранднер да ги добил овие бројки од Масен, а наместо „дотација“ да го употребил зборот „буџет“. Но, Службата за заштита на уставниот поредок не го демантира овој детал, а за содржината на разговорите на шефот на Службата не се даваат јавни информации, се вели оттаму.
Сепак, Масен енергично го отфрли тврдењето на ТВ-емисијата „Контрасти“. Портпарол соопшти дека претседателот на БФВ води разговори со пратеници од сите политички партии во Бундестагот поради нагласена желба од страна на Министерството за внатрешни работи. Фокусот редовно е врз информации поврзани со „актуелната безбедносна состојба, на пример во областа на исламистичкиот тероризам.“ Но, во извештајот на АРД се „добива впечаток дека информациите или документите се пренесени без постоење законска основа за тоа“, што не одговара на вистината, велат од БФВ.
Зошто АфД би имала интерес од пад на Масен
Но, дури Масен и да не направил ништо погрешно, обвинувањата се вклопуваат во негативната слика која во последно време владее за него. Со ова им се олеснува барањето на критичарите за негова смена. Сепак, тоа што токму АфД со наводна своја индискреција натамошно ја ослабува позицијата на Масен, на прв поглед е несфатливо. Таа досега е единствената партија која не побарала, барем јавно, негова оставка.
Меѓутоа, десничарските популисти во последно време влегуваат засилено во визирот на Службата за заштита на уставниот поредок. Покраините Бремен и Долна Саксонија планираат надгледување на организациите на подмладокот на АфД, а во Тирингија е во тек т.н. тест фаза, која може да премине во надзор на целата партија. Масен наводно е против тоа. Од овие причини, логична би била претпоставката АфД да е заинтересирана за пад на шефот на тајната служба од друга причина: за од тоа да може да „исплете“ легенда според која сојузната влада повлекува секого кој се спротивставува на надгледување на нивната партија.
Коинциденција или терминирање?
АфД очигледно се подготвува за свое идно комплетно надгледување. Вчера партијата информираше за одржана вонредна седница на централното раководство и донесена одлука за формирање работна група на оваа тема. Во неа ќе членуваат петмина, меѓу другите и претседателот Јерг Мојтен. Одлуката е донесена во средата вечерта. Во тоа време шефот на германската разузнавачка служба се бореше за својата иднина во Комисијата на Бундестагот за внатрешна политика. Дали е ова коинциденција или целно терминирање од страна на АфД? Прашање кое се поставува и во врска со моментот на индискрецијата на Бранднер.