1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реторика на омраза во Унгарија

Кено Верзек
14 декември 2017

Пратеник од партијата на Орбан - Фидес, постира фотографија од заклана свиња, на која стои името на американскиот милијардер Џорџ Сорос. Судирот околу оваа афера покажува колку е затруена климата во Унгарија.

https://p.dw.com/p/2pIdv
Ungarn | Anti-Soros Plakate
Фотографија: AFP/Getty Images

Јанош Поч, пратеник од партијата на Орбан, Фидес, смета дека е духовито, но шегата е ужасна - тој на својата Фејсбук-страница, пред едно традиционално колење животни во Унгарија, постираше фотографија на која е прикажана група луѓе пред заклана свиња. На нејзината кожа на унгарски е напишано: „Тоа беше Сорос!!!“ Поч уште коментира: „Имаат една свиња помалку...“ и додава смајли со иронична насмевка.

Фотографијата и коментарот на Поч предизвикаа голема возбуда во јавноста. Повеќе од илјада фејсбук-корисници му напишаа пораки со осуда на пратеникот на Фидес. Поч потоа објасни дека не ја разбира возбудата, дека на фотографијата воопшто не станува збор за Џорџ Сорос, американскиот милијардер против кого унгарскиот премиер Виктор Орбан одамна води јавни кампањи.

George Soros
Џорџ Сорос е мета на жестоки напади во УнгаријаФотографија: picture alliance/AP Photo/B.Szandelszky

Демантот, одглумен да изгледа невино, уште повеќе налути дел од јавноста, меѓу другите и многумина умерени конзервативци. Во меѓувреме 120 познати унгарски интелектуалци, меѓу кои и писателот Ѓерѓ Конрад, филозофите Агнес Хелер и Гашпар Миклош Тамаш, како и филмската режисерка Илдико Енједи, побараа оставка на Поч. И фондацијата Отворено општество на американскиот милијардер Сорос протестираше остро: „Ова е шокантен напад врз Џорџ Сорос. Оваа фотографија е дел од една долга, мрачна традиција на антисемитизам. Тоа е нов пример за официјално прифатениот антисемитизам во Орбанова Унгарија.“

Шефот на пратеничката група на Фидес, Гергели Гујаш, на прес-конференција изјави дека оваа критика е „составен дел од антиунгарската Сорос-кампања“. Виктор Орбан пред новинарите ја коментираше аферата со зборовите „прашања на колење свињи“ не се дел од компетенциите на владата. Јанош Поч не одговори на повеќето барања на ДВ за изјаснување по ова прашање.

Се стравува од влошување на состојбите

Аферата е карактеристична за затруената јавна клима во општеството во мандатот на Орбан. Реториката на омраза на владејачкото мнозинство, која наликува на десноекстремна, одамна е дел од унгарското секојдневие и постојано се зголемува. Со оглед на тоа што во земјата напролет треба да се одржат парламентарни избори, се стравува дека работите ќе се влошуваат.

Годинава во рамките на т.н. „Национални консултации“ веќе имаше две кампањи на владата против Џорџ Сорос, во кои тој е прикажан како човек кој ги влече конците и „глава“ на антиунгарски заговор. Едно мото гласеше: „Да не дозволиме Сорос да се смее последен!“ Во другите се бараше Унгарија да каже „не“ на непостоечки план на Сорос, според кој американскиот милијардер наводно сака да ја преплави Европа со милиони бегалци.

Viktor Orban, Ministerpräsident Ungarn
Виктор Орбан вели дека „прашања на колење свињи“ не се дел од компетенциите на владатаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Сорос има унгарско-еврејско потекло и од крајот на 1980-тите,преку својата фондација Отворено општество, во Источна Европа донираше повеќе милијарди евра за социјални прокети и проекти за унапредување на правната држава. Само Унгарија има добиено околу 350 милиони евра. Виктор Орбан, некогашен стипендист на Сорос, од пред две години се профилираше како личен непријател на американскиот милијардер и не пропушта прилика за напад.

Но, според Орбан, не се само финансиските шпекуланти и меѓународниот капитал воопшто тие што сакаат да ѝ наштетат на Унгарија. Дел од секојдневната реторика на Орбан и политичарите од неговото владејачко мнозинство се и постојаните барања за повторно воведување на смртната казна, хомофобни изјави и речиси нескриената стигматизација на Ромите како криминалци и неработници. На пример, унгарскиот премиер, кога се работи за Ромите и нивните социјални проблеми, често вели дека луѓето во Унгарија мора да работат, дека никој не смее да го избере криминалот како модел за егзистенција. Орбан повеќепати има упатено и хомофобни изјави полни со омраза кон шефот на некогаш десноекстремната партија Јобик, Габор Вона, кој од 2014 година прави обиди да ја етаблира Јобик како умерена национал-конзервативна народна партија.

Сменети улоги

Парадоксално, но политичките улоги во тој дел се до извесна мерка променети. Орбан и неговата партија Фидес во меѓувреме во голем дел ја заземаат позицијата која до 2014 година ја имаше Јобик - имено, најдесно во политичкиот спектар. Орбановата Фидес практично успешно ѝ ги презеде сите теми на Јобик и делумно и успешно ги реализираше, како на пример во социјалната политика, каде локалните власти често целно против Ромите, кои се упатени на државна финансиска помош, спроведуваат прописи кои се насочени против сиромашните.

Rechtsextreme demonstrieren in Budapest
Габор Вона прави обиди да ја етаблира Јобик како умерена национал-конзервативна народна партијаФотографија: Reuters/Laszlo Balogh

Политичарите на Јобик, пак, во меѓувреме избегнуваат секаква расистичка реторика. Вона се обидува да ја отвори партијата кон центарот. Неговиот политички курс е спорен за радикалното крило на партијата, но Јобик е најсилна опозициска партија и Вона се надева дека со отворањето ќе стигне до повеќе нови избирачи отколку што ќе загуби од старите. Во разговор за ДВ Вона самокритично вели дека порано имал извесно сомневање во либералната демократија, но антидемократското преструктуирање на Унгарија во мандатот на Орбан било важна лекција за него и за неговата партија.

Уништувањето на демократијата и на правната држава Јобик сега во извесна мерка ја чувствува на своја кожа: најверојатно поради тоа што Орбан стравува од добар резултат на Јобик на изборите, државниот завод за ревизија ја казни партијата со спорна казна од два милиона евра за непрописно примање донација. Чудното е во тоа што за речиси идентична постапка на Фидес ревизорите воопшто и не отворија постапка.