Шолц: Путин направи тешка грешка
24 февруари 2022Германскиот канцелар Олаф Шолц побара од рускиот претседател Владимир Путин веднаш да го запре нападот врз Украина и целосно да ги повлече руските трупи од украинска територија.
„Со својот напад врз Украина рускиот претседател повторно еклатантно го крши меѓународното право“, рече Шолц, нагласувајќи дека нападот го загрозува мирот во цела Европа, носи страдање и уништување во земјите кои се директни соседи и го загрозува животот на безброј недолжни луѓе.
„За сето тоа нема оправдување. Ова е Путинова војна“, рече германскиот канцелар и додаде: „Ќе се покаже дека Путин со оваа војна направи тешка грешка.“
Во својата куса изјава Шолц најави и натамошни остри санкции. „Во тесна соработка со нашите меѓународни партнери во НАТО и ЕУ уште денеска ќе донесеме натамошни остри санкции против Русија. Целта на санкциите е на руското раководство да му се стави јасно до знаење - за оваа агресија ќе платите горчлива цена.“
- повеќе: Русија ја нападна Украина, Путин започна војна за „демилитаризација“ на соседот
Германскиот канцелар денеска соопшти дека побарал одржување вонредна седница на Бундестагот во недела (27.02). „Таму ќе дадам владина изјава“, рече Шолц.