Шолц фаворит и по последното ТВ-соочување пред изборите
20 септември 2021Уште само една недела и во Германија се избора новиот состав на Бундестагот, а со тоа и новата влада. 40% од гласачите уште не се определиле за кого ќе гласаат. Ангела Меркел веќе не се кандидира. На нејзино место од Зелените сака да седне Аналена Бербок, од Социјалдемократите Олаф Шолц и од Унијата Армин Лашет. Тројцата се сретнаа за третата и последна 90-минутна емисија пред изборите.
Овој пат не му поцрвенеа ушите на Шолц што инаку му се случува кога многу ќе се изнервира. Тоа го посведочија гледачите пред една недела, на вториот т.н. ТВ „триел” кога кандидатот од ЦДУ, Лашет, го нападна поради големи пропусти во надзорот за спречување на перење пари. Го обвини дека како министер за финансии тој сноси одговорност од која бега. Потоа следуваше размена на аргументи во која политичарот на СПД силно се бранеше и стануваше сѐ понервозен.
Во голем дел мирно и образложено
Овој пат дебатата беше значително помирна што сигурно се должи и на фактот дека истрагата на обвинителството во институцијата задолжена за спречување на перење пари, која пред десет дена кулминираше во упад во Министерството за финансии и денеска ќе биде предмет на расправа во Комисијата за финансии при Бундестагот, речиси и да не се спомена.
Наместо тоа двете модераторки кои ја водеа емисијата за приватните телевизии ПроЗибен, Зат1 и Кабел Ајнс, речиси исклучиво се фокусираа на темите социјална правда, заштита на климата, корона политиката и дигитализација. Надворешната и безбедносната политика, како и европолитиката воопшто не се споменаа. Особено во однос на социјалните прашања на повеќе места имаше преклопувања во ставовите на Шолц и Бербок, кои и онака не кријат дека се надеваат на заедничка владина коалиција. Дали со Либералите или Левицата како трет партнер и двајцата го оставија како отворено прашање.
Јаз меѓу сиромашните и богатите
СПД и Зелените сакаат покачување на минималната плата на 12 евра на час и подобра финансиска поддршка за семејствата и децата. Од ова ќе имаат корист десет милиони семејства во Германија, изјави Шолц. Пет проценти од вработените врзуваат крај со крај во месецот само зашто работат на две места. Во еден прилог како пример беше прикажана самохрана мајка која работи 50 часа неделно како поштар и дополнително на бензинска пумпа. Речиси и да нема време за ќерката.
ЦДУ пак е против покачување на минималецот. Платите се работа на тарифни преговори меѓу работодавачите и синдикатите, оцени Армин Лашет. „Не е во ред“ политиката да се меша во ова.
Вложување во обновливи извори на енергија
Модераторката Линда Цервакис ја отвори темата климатски промени покажувајќи стрип од Мики Маус од 1993 година во кој се зборува за нелегална сеча на прашумите. „Пред 30 години Мики Маус се занимавал со климатските промени,“ рече Цервакис и му префли на Лашет дека во ЦДУ очигледно не го читале многу Мики Маус. И покрај обидот да се оправда со тоа што уште во 1993 година токму политичар од редовите на ЦДУ како министер за екологија ја отворил оваа тема, сепак не успеа да поентира толку колку неговата противкандидатка од редовите на Зелените.
Бербок го повтори повикот за креирање климатска влада. Таа се залага и до 2030 година да се стави крај на употребата на мотори со внатрешно согорување, како и побрзо напуштање на производство на енергија од јаглен.
„Не може од една страна да велите дека ќе се придржувате до Парискиот климатски договор, а од друга страна уште 17 години да произведувате струја од јаглен“, им рече таа на Лашет и на Шолц.
Лашет одговори дека јагленот требало да се укине уште пред затворањето на атомските електрани, што според него било грешка. Кандидатот на СПД, Шолц изјави дека во следните 25 години германската индустрија мора да стане климатски неутрална. За тоа да се достигне треба да се изградат соодветни мрежи и значително да се поттикнат обновливи извори на енергија. Како канцелар има намера уште во првата година од мандатот да постави вакви обврзувачки цели за вложување во и проширување на обновливите извори на енергија.
Шолц со 42% победник според гледачите
Кусо пред крај на дебатата, Армин Лашет се обиде уште еднаш да го тематизира финансискиот скандал. Му се укажа шанса за тоа откако модераторите ги замолија кандидатите меѓусебно да си постават по едно прашање. Лашет ја праша Бербок, што очекува од Шолц овој понеделник кога тој ќе дава изјава пред Финансиската комисија која ја истражува актуелната афера за перење пари. Кандидатката на Зелените само кусо одговори: „Дека ќе биде целосно транспарентен“. Со други зборови, ништо што би го испровоцирало Шолц.
Деведесет минутната дебатна емисија на крајот не донесе ништо ново. Лашет, Шолц и Бербок ги повторија своите позиции од досегашните бројни изборни говори и од претходните „триели“. На крајот, брзата анкета на Институтот за испитување на јавното мислење, Форса, покажа дека со 42% поддршка од испитаниците Олаф Шолцпобедил на дебатата. За 27% Армин Лашет бил најдобар, додека 25% од испитаниците биле за Аналена Бербок.