1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Медиуми

Шпионски софтвер „Пегаз“: Сајбер-напад врз демократијата

СН/агенции
19 јули 2021

Стотици новинари и политичари ширум светот очигледно биле жртви на обемно државно прислушување. Во фокусот на големото медиумско истражување е софтверот за шпионажа „Пегаз“ на израелската компанија НСО.

https://p.dw.com/p/3wfhr
Israel | NSO Group
Фотографија: Jack Guez/AFP/Getty Iamges

Тајните служби и полицијата со незабележително исталиран софтвер ги надгледувале телефонските разговори и дигиталната комуникација на стотици новинари, активисти за човекови права, адвокати и политичари, па и претседател на држава.

Ова е откриено во заедничкото истражување на новинарите од германските јавни сервиси ВДР и НДР, весникот Зиддојче цајтунг и неделникот Цајт, и уште 15 медиуми од други десет земји, како и организациите Забранети приказни и Амнести интернешнал.

Шпионскиот софтвер со име „Пегаз“ тајните служби и полицијата го купиле од израелската фирма НСО група.

Оваа фирма е основана во 2010 година и спаѓа во водечките светски производители на шпионски програми кои ги користат 60 клиенти од 40 земји. Таа сега, според сопствените наводи, вреди над милијарда евра.

Israel | NSO Group
Фотографија: Ayaka Kudo/TheYomiuri Shimbun/AP/picture alliance

„Пегаз“ не само што може да ја следи целата комуникација на еден мобилен телефон, туку и го пренесува она што го прикажува телефонската камера.

Повеќе: 

-Сите шпионираат: Нова дигитална несигурност

-Универзитет за сајбер-агенти

-Откриена „шпионажа на векот“

Оваа програма е откриена само на Ајфоните на фирмата Епл, додека дигиталните форензичари засега не можат да кажат дали и во која мерка таа функционира и со оперативниот систем Андроид на Гугл.

Новинарите најпрво ги пронашле лицата за кои се сомневало дека се прислушкувани. Потоа ги испратиле на дигитална форензичка анализа на ИТ-лабораториите на „Амнести интернешнал секјурити лаб“ од Берлин и на „Ситизен лаб“ на Универзитетот во Торонто.

Новинарите цел на шпионажа

Стручњаците во најголем број на овие телефони откриле аномалија каква што веќе познавале од поранешните анализи на апарати инфицирани со „Пегаз“.

На тој начин се проучени 50.000 телефонски броеви и е откриено дека „Пегаз“ бил инсталиран и во телефоните на над 180 новинари, стотина припадници на други професии или активисти, како и голем број државници и дипломати.

Меѓу шпионираните новинари, како што пишува британскиот весник Гардијан, кој исто така учествувал во заедничкото истражување, се и главната уредничка на британскиот Фајненшл тајмс, репортери на францускиот Мондо, една репортерка од американскиот Си-Ен-Ен, еден дописник на новинската агенција Франс прес, една индиска телевизиска новинарка, уредници во Унгарија и во Азербејџан.

Israel | NSO Group
Фотографија: Jack Guez/AFP/Getty Iamges

Незабележително инсталирање

Јавните критики на сметка на фирмата НСО можеа да се слушнат откако се појавија индиции дека е користена и за следење на убиениот саудиски новинар Џамал Кашоги.

НСО тврди дека технологиите кои ги развива помогнале да се предупредат многу терористички напади, експлозии на бомби подметнати во автомобили и самоубиствени напади, и оти благодарејќи на неа се разбиени банди на трговци со оружје, педофилија или со дрога. Фирмата тврди дека нејзината мисија е спасување животи и оти својот софтвер го продава само на верификувани државни инстанци.

НСО располага со напредна технологија која овозможува дури и инсталирање на „Пегаз“ во мобилните телефони на повеќе начини. Еден вид на инсталацијата следеното лице не може да ја забележи: станува збор за текстуална порака која телефонот не е во можност да ја прикаже на екранот иако ја примил.