Шрамајер: Скопје не може да ги исполни бугарските барања
19 ноември 2020Ретко која држава е изигрувана на таков ужасен начин како Северна Македонија. Најголемата вина за ова е кај Грција, која во 1992 година спречи ЕУ да ја признае новата држава и потоа воведе ембарго. Во еден момент, Атина направи компромис и ја призна земјата како ПЈРМ, но продолжи да ја блокира се’ до 2013 година, и покрај пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Преку смешни историски тврдења, Грција успеа да го уценува Скопје за промена на името на земјата. Но, возот за источното проширување на ЕУ (2004-2007) веќе замина и Македонците останаа на перонот.
Неочекуваните тврдења на Бугарите
И кога ова клопче од проблеми започна да се расплетува, на сцена стапија досега разбраните Бугари, кои, на изненадување на сите, покренаа и смешни историски тврдења. Инаку, договорот потпишан во 1999 година од Иван Костов и Љубчо Георгиевски, како и Договорот од 2017 година, се чинеше дека ги расчистија сите контроверзни прашања. Или овие прашања беа привремено неутрализирани со формирање на заедничка историска комисија. Сепак, оваа комисија не успеа да најде заемно прифатливи решенија за голем број прашања, поради што во 2018-2019 година спорот повторно се префрли на политичко ниво.
- повеќе на темата: Кој ќе го сопре бугарскиот мобинг врз Северна Македонија?
А всушност, токму Бугарите се тие што ги имаат сите можни причини да се однесуваат кон нивните браќа и сестри Македонци со разбирање. Та нели токму кобната бугарска стратегија за време на меѓусојузничката војна доведе до губење на Вардарска Македонија и Јужна Србија. Државата Бугарија не се однесуваше „братски“ кон Македонците ниту за време на двете окупации за време на Првата и особено за време на Втората светска војна, ниту кога ги предаде македонските Евреи на нацистичка Германија.
Во јануари 1992 година, Филип Димитров и Жељу Жељев ја направија вистинската работа: тие први ја признаа новата држава со цел да обезбедат бугарско влијание таму, и покрај болните спомени на самите Македонци. Токму овој успех моментално лекомислено се става на коцка.
И сега, по 20 години чекање во ред, Македонците ќе се сопнат на патот кон ЕУ само поради Гоце Делчев? Дали духовите во балканската историја се бесмртни? И, дали провинциските балкански циркуси никогаш нема да завршат пред огромните предизвици на денешниот свет?
Неодржлива позиција
Зарем Бугарија не гледа дека сече парче од сопственото месо? Како резултат на своите маневри, Софија се најде во меѓународно правно неодржлива позиција. Се изолираше и го изгуби не само своето влијание врз Скопје, туку и довербата на сите балкански земји, и пошироко.
Да погледнеме каква е реалноста. Поранешен агент на бугарската тајна служба, кој стана лидер на една од малите националистички партии, ВМРО и министер за одбрана, верува дека може да го уценува не само бугарскиот премиер Борисов, туку и цела Европа. Борисов се чини дека е подготвен на компромис, но не може да се спротивстави на тоа без да ја ризикува судбината на неговата влада, која веќе е во опасна ситуација по повеќемесечни улични протести. Преку процедурален трик (подготовка на целосно непотребни уставни измени), Борисов успеа да добие време до редовните парламентарни избори следната година. Сепак, се чини дека Каракачанов не дејствува само под влијание на неговите предрасуди кон Македонците. Неговото шпионско минато и соработката со Волен Сидеров и Атака сугерираат дека тој ја игра играта на Москва. И се состанува во Скопје со претставници на ВМРО-ДПМНЕ, партијата што ги загуби последните избори во Македонија. Партијата, во чии редови има просрпски, а оттука и проруски сили. Партијата чиј поранешен лидер се крие од прогон во прегратките на Виктор Орбан.
-повеќе на темата: Отрезнувачките кошмари на бугарските политичари
Во исто време, Каракачанов ја игра играта на противниците на секое понатамошно проширување на ЕУ. Да, Скопје тешко ги исполнува критериумите од Копенхаген. Но, во претходните случаи, ваквите пропусти им беа великодушно простувани на земјите кандидати - со очајна надеж дека ќе ги исполнат откако ќе бидат примени. Сепак, ЕУ сега донесе нови правила за почитување на владеењето на правото, со кои треба да се поправат грешките. Како резултат, Скопје мора да исполни повисоки барања од претходните кандидати, иако доцнењето не беше негова вина.
Од гледна точка на меѓународното право, бугарските тврдења во врска со јазикот, идентитетот, историјата и.т.н. се ирелевантни, односно, всушност, се мешање во внатрешните работи на Скопје затоа што го доведуваат во прашање правото на самоопределување. Што се однесува до неповредливоста на границите, тоа уште еднаш беше загарантирано со измените во македонскиот устав од 2 декември 2018 година, според кои „Републиката ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на соседните земји“.
Македонија не е подготвена за ЕУ? Тука Софија мора да биде многу внимателна
Покрај тоа, Софија мора да биде претпазлива со изјавата дека Македонија не е подготвена за преговори со ЕУ. На крајот на краиштата, прашањето за усогласеност со критериумите од Копенхаген може да се однесува и на Бугарија - нешто за што Брисел досега покажуваше повеќе од големо разбирање за земјата. За разлика од Советот на Европа и Венецијанската комисија.
Политички, Скопје не може да ги исполни бугарските барања без да се откаже од својот идентитет и националното самосознание. Како што поранешниот претседател Киро Глигоров еднаш рече: „Македонија е се’ што имаме“.
Постои компромисно решение што ќе им овозможи на сите да го задржат достоинството. Откако заедничката комисија се покажа како неспособна за решавање на историските спорови, меѓународната заедница сега може да предложи обете страни да ги достават спорните прашања до меѓународна комисија на историчари.
-повеќе на темата: Во Бугарија се уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија
Дали Софија ќе направи чекор назад? Барем финансиски, Бугарија не може да си дозволи да го налути Брисел. И, ако Борисов не сака целосно да го изгуби кредитот на доверба (а особено финансиските придобивки), тој ќе мора да се ослободи од Каракачанов. Олигарсите кои имаат најголема корист од европската финансиска помош, веројатно нема да дозволат да се скратат пари од Брисел. Затоа можеме да претпоставиме дека ако Обединетите патриоти ја напуштат коалицијата, ДПС може да го заземе нивното место. Секако, доколку Доган не избере да ја исполни желбата на Москва за соборување на Борисов. Во спротивно, може да се одржат предвремени избори.
ЕУ мора да го пресече Гордиевиот јазол
Доколку не се најде консензус во спорот меѓу Софија и Скопје, кризата во ЕУ што ја предизвикаа Унгарија и Полска ќе се продлабочи уште повеќе. Значи, Европската унија мора да најде некаков начин да го пресече Гордиевиот јазол, бидејќи во спротивно ќе стане онеспособена.
Ако владата на Заев во Скопје не успее на патот кон членството во ЕУ, и неговата судбина ќе биде загрозена. Никој не може да предвиди каква ќе биде реакцијата на Албанците, особено доколку Албанија успее во преговорите со ЕУ.
Доколку не се постигне договор, ќе се појават бројни нови нестабилности во регионот, а победник на крајот ќе биде Русија - исто како што се случи во Ерменија.