1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер очекува почеток на преговорите со ЕУ во декември

3 ноември 2020

Германскиот и македонскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер и Стево Пендаровски денеска во телефонски разговор се согласиле дека билатералните проблеми треба да се решаваат во духот на добрососедството.

https://p.dw.com/p/3kpMe
Deutschland Frank-Walter Steinmeier empfängt Stevo Pendarovski
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Schwarz

Германија дава поддршка за почеток на пристапните преговори со ЕУ во декември годинава и очекува билатералните прашања да се решаваат во духот на европските вредности. Ова е пораката која германскиот претседател Штајнмајер денеска му ја пренел на неговиот македонски колега Стево Пендаровски во телефонски разговор.
Фокус на разговорите на двајцата претседатели бил спорот со Бугарија и заканите од Софија дека ќе го блокира почетокот на преговорите со ЕУ на земјата.
„Сојузниот претседател Штајнмајер истакна дека после конструктивните разговори меѓу претставниците на владите на Северна Македонија и Бугарија во Берлин во текот на вчерашниот ден, се надева дека во рамките на германското претседателство, до крајот на годинава, официјално ќе започнат преговорите на ЕУ со нашата држава. При тоа, истакна дека билатералните прашања треба да се решаваат во духот на добрососедството и на европските вредности“, се наведува во соопштението.
Пендаровски му се заблагодарил на германскиот претседател за постојаната германска поддршка за европската интеграција на Северна Македонија и затоа што прашањето за проширување на ЕУ е во приоритетите на германското претседавање. За Пендаровски, „отпочнувањето на преговорите ќе биде дополнителен мотив за земјата и поттик за понатамошно спроведување на неопходните суштински реформи, особено во сферата на правната држава и социоекономскиот развој".
Двајцата претседатели констатирале дека прашањата во однос на историјата треба да продолжат да се дискутираат меѓу експертите во рамките на заедничката комисија за историски и образовни прашања. При тоа, било истакнато позитивното искуство на Германија во оваа сфера и била понудена поддршка на работата на комисијата.