Штајнмајер со говор кој влева храброст
25 декември 2017Од изборите за Бундестагот поминаа три месеци, а во Германија сѐ уште нема уредени политички односи. На функција и натаму е старата сојузна влада, но само како вршител на должност. Таа може да управува само со постоечката состојба, сѐ друго е во застој. И Бундестагот, иако конституиран и теоретски - способен за дејствување, е во состојба на чекање. Сѐ додека партиите не се согласат за функционална коалиција и не биде јасно кои партии ќе владеат, а кој ќе биде во опозиција, не може да се формираат важни парламентарни комисии.
Сѐ поголем број граѓани вртат со главите, но мора ли да бидат и загрижени? Не, смета сојузниот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. Во својот божиќен говор тој вели дека не сѐ што е „неочекувано“ мора да „ни влева страв“. Така е и со составувањето влада, процес кој „на начин на каков што не сме навикнале“ сѐ уште не е завршен. „Ве уверувам дека државата дејствува според правила предвидени со Уставот за вакви ситуации, иако таквите правила во последните децении не беа потребни. Затоа, може да имаме доверба.“
Храброст
Доверба и увереност - тоа се двата поима кои доминираат во божиќниот говор на германскиот претседател, кој на германските телевизии и радија вообичаено се емитува вечерта на првиот ден на Божик. Штајнмајер сака да ги охрабри луѓето, иако во Германија и светот е несигурна не само политичката ситуација. „Живееме во време кое постојано нѐ конфронтира со неочекуваното. Тоа нѐ прави несигурни“, вели Претседателот. Најголемиот дел од луѓето копнеат по постојаност и извесност. „Но, ако ние луѓето не бевме и храбри и отворени за неочекуваното, тогаш ќе се разотиделе уште овчарите во Витлеем“, вели Штајнмајер.
„Во изминатите децении постојано надминувавме кризи и се обновувавме. Останавме земја во која водечки принципи во политиката се економската разумност и социјалната праведност. И, ние сме земја која има сила и волја да се одржи заедно и да го поттикнува натаму сраснувањето заедно.“ За тоа да се постигне, нагласува Претседателот, има уште многу работа, не само од страна на политиката, туку и од страна на граѓаните.
Малите примери и големата слика
Како тоа може да изгледа, Штајнмајер доживеал за време на патувањето низ Германија во првата година од својот мандат. На пример, во покраината Саксонија, каде младите луѓе се спротивставуваат на масовното иселување. „Тоа се луѓе кои го одржуваат своето место, место кое дава причина да се остане, па можеби и дури во него да се вратат оние кои го напуштиле.“ Голем впечаток му оставило како овие млади луѓе, во соработка со градоначалникот на местото, го направиле својот роден крај вреден да се остане и да се живее во него. Со кафуле во кое работат доброволци и кое е место за собирање, со кино основано благодарение на граѓанска иницијатива, со игралиште изградено од соседите и куќи за кои се грижи општината, ги заштитува од пропаѓање и ги обновува за младите семејства.
„Вакви луѓе, какви што сретнав и во Саксонија и Мекленбург Предна Померанија, но и во Баварија и Долна Саксонија, вакви луѓе даваат храброст и заслужуваат охрабрување“, нагласува сојузниот претседател и додава: „Уште повеќе - тие заслужуваат поддршка од страна на политиката.“ Зашто, ваквите мали примери се важни за големата слика. „Тие ни покажуваат дека не сме беспомошни кога ќе настапат одредени услови. Иднината не е судбина. Можеме да ја надминеме беспомошноста и отуѓувањето ако заеднички направиме нешто, ако не гледаме само каде и колку се другите одговорни, туку ако препознаеме и каде е нашата одговорност.“
Божиќен момент за цела година
„Да внимаваме едни на други“, порачува Претседателот на крајот на својот божиќен говор, кој е насочен и кон луѓето „кои не се израснати во христијанска традиција, кои се припадици на друга вера или немаат никаква религија“. Тишината за време на празниците ќе ги поврзе христијаните со мирот кој го ветува божиќната приказна. „Посакувам овој божиќен момент да можеме да го зачуваме во текот на целата година“, нагласи германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер.