1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер ја опоменува Русија

ЕМФ / дв
8 декември 2016

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер на средбата со својот руски колега Сергеј Лавров во Хамбург побара конструктивност од страна на Москва.

https://p.dw.com/p/2TwL2
Deutschland Steinmeier vor OSZE-Treffen in Hamburg
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius

Средбата на шефовите на дипломатии на Германија и Русија, Франк-Валтер Штајнмајер и Сергеј Лавров, се одржа пред почетокот на денешниоот состанок на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во Хамбург. Штајнмајер нагласи дека Русија треба да придонесе да не се зголемуваат и онака нараснатите тензии во Европа. Германското Министерство за надворешни работи разговорот на Штајнмајер и Лавров го опиша како „сериозен“.

Во однос на Сирија, Штајнмајер инсистира на „итен хуманитарен прекин на огнот“ во Алепо, за луѓето во градот, во кој се водат борби со месеци, да добијат хуманитарна помош. Освен тоа, шефот на германската дипломатија на својот колега му рекол оти е неопходно итно продолжение на политичкиот процес во интерес на постигнување мир во Сирија.

Претходно, во гостински текст за весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Штајнмајер и неколкумина негови колеги, ја критикуваа улогата на Русија во Украина. По крајот на Студената војна во 1990 година се мислеше дека во Европа „засекогаш е решено прашањето на војна и мир“, се вели во текстот. Но, со анексијата на Крим од страна на Русија „прашањето повторно се врати на дневен ред“.

Deutschland Vorbereitung auf das OSZE-Treffen in Hamburg
Големи безбедносни мерки во ХамбургФотографија: picture alliance /dpa/ B. Marks

Покрај средбата со Лавров, Штајнмајер пред денешниот почеток на состанокот на ОБСЕ, имаше разговор и со американскиот колега Џон Кери. И на оваа средба се разговарало за Сирија, но засега нема детали од разговорот.

Средбата на шефовите на дипломатии на ОБСЕ во Хамбург се одржува денеска и утре, под големи безбедносни мерки. Германија, според принципот на ротација, го презема претседателствувањето со ОБСЕ. Штајнмајер се изјасни за зајакнување на оваа органзиација. ОБСЕ треба да опстои и да се одржува како место на „постојан дијалог“, рече Штајнмајер во Хамбург.