Штити ли канабис од коронавирус?
11 мај 2020Во потрагата по вакцина или лек против новиот коронавирус САРС –КоВ-2 научниците користат традиционални, но и помалку традиционални пристапи.Тие анализираат веќе постоечки лекови кои би можеле да се употребат и за оваа намена, како на пример лекот Ремдесивир. Тој првично е развиен за третман на ебола. Во Германија во моментов се спроведуваат првите клинички студии за една можна вакцина против коронавирусот развиена за имунологија на карцином.
Една француска студија сугерира дека никотинот – кој најчесто се вдишува како стимуланс преку пушење и може да биде фатален – може да заштити од новиот вид на коронавирусот.
Сега од Канада доаѓа веста дека одредени супстанци во психоактивната дрога канабис исто така може да ја зголемат заштитата на клетките од коронавирусот. Доколку студијата биде верифицирана, канабисот може да дејствува на сличен начин како никотинот.
„Резултатот за Ковид произлегува од нашите студии за артритис, Кронова болест, карцином и други,“ вели д-р Игор Ковалчук, професор по природни науки на Универзитетот во Летбриџ, во писмен допис до Дојче Веле.
Повеќе:
Зошто мажите почесто заболуваат од Ковид-19 од жените
Помага ли никотинот против коронавирусот?
Младите луѓе се виновни за ширење на коронавирусот?
Како коронавирусот се пренесува преку воздухот
Блокирање на „рецепторите"
Исто како и кај претпоставеното дејство на никотинот врз коронавирусот, научниците сметаат дека дел од супстанците во канабисот може да ја намалат можноста тој да навлезе во белодробните клетки, каде што се закотвува, се размножува и се шири.
Во стручиот напис на preprints.org кој се уште не е проверен од стручната јавност ("peer review") Ковалчук и неговите колеги објаснуваат дека нивните специјално развиени видови на канабис спречуваат навлегување на вирусот во човечкото тело. На коронавирусот му е потребен „рецептор“ за да навлезе во човечка клетка. Овие рецептори се познати како „ангиотензин- конвертирачки ензим II“ или АЦЕ2.
АЦЕ2 се наоѓа во белодробното ткиво, слузот во устата и носот, во бубрезите, тестисите и гастроинтестиналниот тракт, пишуваат тие.
Според нивната теорија, канабиноидите би можеле да го променат АЦЕ2 во овие „пропусни места„. Така човечкиот домаќин би можел да биде помалку подложен и ранлив на вирусот. Ова во принцип може да го намали ризикот од инфекција. „Ако нема АЦЕ2 во ткивото, тогаш вирусот не може да навлезе,“ објаснува биологот Ковалчук.
Медицински и „домашен“ канабис не е исто
Различни медицински професионалци ја промовираат употребата на медицинскиот канабис за низа болести: од лошење до деменција. Но, медицинскиот канабис не е истиот како оној што некои го одгледуваат за сопствено задоволство во својата градина.
Овие опијатски сорти на канабис се познати по висок степен на Тетрахирдоканабинол (ТХЦ). Тоа е најважната психоактивна супстанца во дрогата. Истражувачите со седиште во Алберта, меѓу другото се фокусирани на видови Канабис сатива со висок степен на антиинфламаторен канабиноид Канабидиол (ЦБД) – кој покрај ТХЦ е една од главните хемикалии кај конопот.
Канадските истражувачи развија над 800 видови на канабис сатива со висок ЦБД и кај нив идентификуваа 13 екстракти кои според нив може да ги модифицираат вредностите на АЦЕ2 кај човековите „пропустни места“.
„Нашите сорти имаат високо ниво на ЦБД – или избалансирана содржина на ЦБД/ТХЦ така што може да се даде поголема доза, а луѓето да не бидат засегнати од психоактивните својства на ТХЦ,“ вели Ковалчук.
Малку пари, малку знаење
Др.Игор Ковалчук заедно со Др. Дерил Хадсон, кој има докторат на Универзитетот во Гелп, ја водат и компанијата Инпланта Биотехнолоџи. И на овој канадски институт се истражува употребата на канабиоиди во медицина.
Но финансирањето на истражувања за канабиоиди “„е сѐ уште тешко“ вели Ковалчук. Тоа е случај и во други земји.
Дел од истражувачите во Велика Британија сметаат дека во јавноста и политиката има погрешни претстави за медицинскиот канабис. Притоа можно е и докторите да стравуваат дека луѓето би станале зависни, или ќе се обидат да се самолекуваат со едноставно користење на некоја стара форма на канабис до која имаат пристап.
Поради тоа е важно, информациите да се пренесуваат јасно и да се избегне било каква форма на сензационализам, потенцираат лекарите.
„Со оглед на социо-политичкиот контекст во однос на конзумирање медицински канабис, научниците мора да бидат екстремно претпазливи во споделувањето на резултатите од нивните истражувања," вели Крис Албертин, раководител на истражувачкиот оддел на Кингс Колеџ во Лондон и експерт за канабиониди и деменција.
Најдобар начин да се постигне тоа, вели Албертин, е воведување на отворени и транспарентни истражувачки методи.
„Во овој случај актуелното истражување од Канада, штотуку откри еден потенцијален терапевтски ‘механизам на дејствуваење' кој сепак треба да биде валидиран и тестиран во големи клинички студии, пред да се извлечат значајни клинички заклучоци,“ вели Албертин.
Ова вклучува предрегистрација на клинички протоколи и аналитички методи, објавување во списанија со отворен пристап, „двојно слепа“ студија, плацебо-контролирани студии и ригорозни, независни набљудувања од клиничката академска заедница, вели Албертин.
Вртење на листот
Без доволно финансирање и натамошно истражување нема да се стекне потребното знаење за канабиноидите, независно од тоа дали резултатите ќе бидат корисни за здравјето на луѓето или не. „Но, сега барем интересот е голем”, вели Ковалчук во неговиот мејл за ДВ. И верува дека ќе се сменат размислувањата.
Додека Ковалчук и неговите ко-автори самите признаваат дека дури и најефективните екстракти бараат валидација, тие додаваат дека канабидиол бил можел да биде „сигурно дополнително средство” за третирање на Ковид-19. Значи дополнително средство, покрај други методи на лекување.
Па така медицински канабис би можел да биде развиен во „едноставно применлив, превентивен третман” како на пример течност за плакнење на усната шуплина за домашна употреба, сѐ додека не се добие потребната верификација за лекот.