1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што би направиле Украинците во случај на руска инвазија

Дариа Нунко
28 јануари 2022

Дали Украинците мислат дека е можна руска инвазија? И колку од нив би биле спремни да ја бранат нивната земја? Анкетите даваат делумно изненадувачки резултати, кои експертите ги објаснуваат со повеќе фактори

https://p.dw.com/p/46DE0
Russland Yelnya | Satellitenbild | Russisches Militär
Фотографија: Maxar Technologies/AFP

Поради движењата на руски трупи на границата со Украина, ситуацијата и натаму е напната, а западните земји се трудат да го натераат Кремљ на деескалација. Во меѓувреме, украинското раководство на своето население му тврди дека иако во блиска иднина не може да се смета со инвазија, сепак заканата од Русијае реална.

Ваква проценка споделува речиси и половината од украинското население. Според една анкета, спроведена пред неколку дена од страна на Киевскиот интернационален институт за социологија (КИИС), 48,1 % од Украинците опасноста од инвазија ја сметаат за реална. 39,1 % сметаат дека нема да дојде до инвазија, додека 12,8 % од анкетираните немаат мислење или не сакаат да го кажат.

Според Институтот, мислењето на Украинците од последната анкета во средината на декември ланската година речиси е непроменето. Тогаш 49,2 % гледале реална закана, а 41,1 % навеле дека се сигурни дека нема да се случи инвазија. 

„Верувањето дека Русијанема да нападне, може да има повеќе причини: од симпатии кон Русија, па до оптимизам дека реакцијата на Украина и меѓународната заедница тоа некако ќе го спречи“, вели заменикот раководител на украинскиот Расумков истражувачки центар, Михајло Миченко, во разговор за Дојче веле.

Според него, првенствено оние кои веруваат дека реакција на меѓународната заедница може да ја запре Русија, се поголеми оптимисти дека нема да има инвазија. Експертот укажува и на тоа што дел од Украинците во однесувањето на Кремљ гледаат само уценување.

Креирање мислење преку социјалните медиуми

Володимир Паниото, генерален директор на КИИС, смета дека јавното мислење во Украина се создава, како и на други места, под влијание на одредени информации, многу брзо, потоа се зацврстува и веќе не се менува позначајно. Луѓето потоа бараат извори кои натамошно го потврдуваат нивното мислење, би им верувале најмногу токму на вакви извори.

„Бројот на луѓе кои во Украина користат интернет и социјални медиуми, во изминатите две години порасна. Овој развој сега уште повеќе се засилува, што се должи на брзината на социјалните медиуми и што нивните алгоритми се така организирани, на луѓето да им ги нудат само информациите кои ним им се допаѓаат“, истакнува социологот за Дојче веле. Затоа луѓето се наоѓаат во еден вид „информативен меур“, а тој натамошно ги цементира нивните ставови, па нивната промена е тешка, објаснува Паниото. 

Влијание врз создавањето мислење кај Украинците би можеле да имаат и информациите според кои одделни западни земји веќе евакуираат припадници на фамилиите на дипломатскиот персонал. Некои Украинци, вели Михајло Миченко, тоа би го сфатиле како конкретна мерка на земјите за заштита на нивните државјани, а други како превентивна мерка. Од оваа причина, многумина Украинци на социјалните мрежи зачестено постираат совети, на пример како правилно да се спакува куфер за итен случај, или како човек треба да се однесува во случај на војна.

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

Подготовки за отпор или бегство

Володимир Паниото мисли дека информациите за евакуацијакај украинското население можат да го зголемат стравот од инвазија, но не значи дека сите би се подготвувале за случај на напад.

„Секако, луѓето кои заканата ја сметаат за реална, посилно се подготвуваат од оние кои не веруваат во неа“, вели експертот. Некои, подвлекува Паниото, би спакувале куфер кој може да се земе набрзина, а други можеби би се снабдиле со оружје.

На тоа укажуваат и резултатите од анкета на КИИС од декември минатата година. Тогаш 33,3 % од Украинците биле спремни да пружат вооружен отпор во случај на руски напад. 21,7 % би се спротивставиле на друг начин, на пример преку протести. 14,8 % од испитаните изјавиле дека би се повлекле во побезбеден регион од земјата, а 9,3 % би избегале во страство. 18,6 % од Украинците не би направиле ништо, а 12,1 % уште не знаеле каков чекор би презеле.