Што ги скара Путин и Ердоган?
12 декември 2015ДВ: Ќе ја промени ли актуелниот конфликт меѓу Русија и Турција улогата на Москва во меѓународната политика?
Крстев: Не конфликтот со Турција, туку „успесите“ на ткн. Исламска држава и растечкиот страв од тероризмот ја менуваат улогата на Москва во меѓународната политика. Руската воена операција во Сирија и овозможи на Москва да започне полека да излегува од изолацијата. Атентатите во Париз убедија многумина во Европа на Кремљ повеќе да гледаат како на сојузник одошто на непријател. Конфликтот со Турција во оваа смисла е контрапродуктивен за Москва. Затоа што Турција не е само членка на НАТО, туку- и ова е далеку поважно- таа е земја која игра централна улога во стратегијата на ЕУ за справување со бегалската криза.
Русија и Турција историски се заколнати непријатели. Денес двете земји имаат лидери кои прилично си наликуваат според ментатлитет, а и двете општества имаат многу допирни точки. Каква е вашата прогноза за иднината на односите меѓу двете земји?
Сличноста меѓу Русија и Турција е во тоа што и двете се наследнички на империи на периферијата на Европа, кои во исто време бараат признание од Западот, но и го презираат. Таа двојност им овозможи на Русија и Турција успешно да соработуваат во последната деценија. Ги зближува не само економскиот интерес, туку и тврдото убедување дека суверенитетот е во центарот на меѓународната политика. Не случајно е Турција единствената членка на НАТО која не се приклучи кон санкциите поради анексијата на Крим.
Имено, подготвеноста на Анкара да му се спротивстави на Вашингтон ја направи Турција стратешки приоритет на Москва. И Кремљ ја постави Анкара во центарот на својата гас-дипломатија. Но, желбата на Русија да игра водечка улога на Блискиот Исток буквално ги разнесе билатералните односи- затоа што двете земји имаат целосно спротивни интереси. Извесно време Москва и Анкара успеваа да балансираат и да не дозволат состојбата во Сирија да им го наруши економското партнерство. Луѓе блиски до Ердоган тврдат дека одлуката на Москва да започне воена операција во Сирија без да ја предупреди Турција (а Ердоган беше во Москва непосредно пред почетокот на операцијата) го нарушило статус-квото и пријателството го претворило во целосна недоверба.
Тоа што Путин и Ердоган си наликуваат во разбирањето на политиката, го прави конфликтот потежок, а не полесен за решавање. И двајцата лидери веруваат во неограничена власт, не трпат критика и готови се да ризикуваат сѐ за постигнување на целта. И двајцата се склони на теории на заговор, а зад агресивната политика се крие чувството на несигурност. Но, доколку Путин и Ердоган се слични, нивните општества се многу различни. Турското општество е младо, енергично и остро поделено- на религиозни и светски ориентирани луѓе, на Турци и Курди... Партијата на правдата и развојот може да преживее и без Ердоган затоа што во суштината таа е идеолошка, исламска партија. Наспроти него, никој не може да си претстави како ќе изгледа пост-Путинова Русија. Во тој поглед, Турција на кус рок делува поранлива, додека Русија на долг рок е потешко да се процени.
Путин често го критикува Западот. Можно ли е да се диференцираат неговите критики и напади: кон Западот како цел, против САД, против ЕУ или против НАТО?
Русија е фиксирана на САД. Големото обвинение против ЕУ гласи дека Европејците немаат сопствена надворешна и безбедносна политика, туку дека се инструмент на американската надворешна политика. Москва од секогаш се стремела да ја оддели Европа од Америка, не сфаќајќи дека токму тоа е причината што Европејците инсистираат на американско воено и политичко присуство во Европа. Што се однесува до ЕУ, Русија ја смета ЕУ за нешто привремено и затоа гради билатерални односи со важните европски држави- Франција, Германија, Велика Британија и Италија. Тоа видување за Европа ја објаснува и грешката на Москва при оценката на реакцијата на Европа по анексијата на Крим. Поточно, способноста на ЕУ да издржи на политиката на санкции кон Москва, го изненади Кремљ исто толку колку што анексијата на Крим го изненади Западот.