Трамп (сепак) стави потпис на помошта во пандемија
28 декември 2020Со месеци Демократите и Републиканците спореа околу натамошен конјунктурен пакет во актуелната корона-криза, за потоа претседателот Доналд Трамп да им ги помати сметките и да одбие ставање свој потпис на договорениот пакет.
Трамп, под притисок на Конгресот, сега сепак ја одблокира помошта и е избегната и заканувачката парализа на владините активности.
Пакетот од околу 900 милијарди американски долари треба финансиски да им помогне на граѓаните кои се најтешко погодени поради корона-кризата, да даде импулси на економијата и да обезбеди дополнителни средства за вакцини во борбата против коронавирусот.
Трамп го нарече првично пакетот „срамен", индиректно навестувајќи вето против него, инсистирајќи голем дел од американските граѓани наместо предвидените 600 долари, да добијат еднократна помош од 2.000 долари.
Повеќе на темата:
Зошто американските евангелисти толку многу се противат на вакцините?
Џо Бајден: Нов претседател, но не и победник над омразата
Белата куќа најави дека Претставничкиот дом што поскоро ќе гласа за зголемување на еднократната парична поддршка, а нејзиниот претседател, демократката Ненси Пелоси ја повика Републиканската партија да се придружи – секој недаден глас би бил ускратување на итно потребната помош на бројни семејства, истакна Пелоси.
Републиканската партија на претседателот Трамп во четвртокот го отфрли предлогот за издавање чекови на 2.000 долари на одредена најзагрозена категорија на граѓаните. За донесување таква одлука е потребна согласност и од Сенатот, доминиран од Републиканската партија, чии претставници таму со месеци го држеа блокиран конјунктурниот пакет од 900 милијарди долари.
Американскиот Конгрес пролетоска веќе усвои закони за помош во пандемијата во волумен од околу 2,7 билиони долари, што е приближно десет проценти од вкупниот економски годишен учинок на земјата.
Републиканците и Демократите со месеци спореа околу најновиот пакет, со кој беше усвоен и дел од буџетот на федералната влада од околу 1,4 билиони долари.
Со својот потпис, Трамп спречува на владата од понеделник да ѝ секнат парите, без потпис би дошло до делумна блокада на работата на одделни владини служби, т.н шатдаун.
Во аргументација на своето одбивање да го одобри законскиот пакет, Трамп ја наведе и желбата да бидат анулирани „расипничките издатоци".
Неочекуваното сегашно менување на ставот на Трамп не е резултат само на растечкиот притисок од сопствените редови, туку веројатно и на можната блокада. Доколку би дошло до „шатдаун", неговото претседателство би завршило прилично хаотично. Републиканецот Трамп ги загуби изборите на 3 ноември против Џо Бајден од Демократската партија, иако до денес го одречува својот пораз, а Бајден на 20 јануари треба да биде инаугуриран за 46 претседател на САД.
Но, доцното ставање потпис на 5500 страници опширниот законски пакет има и последици.
Во саботата истекоа неповратно роковите за великодушно регулирање на паричната помош за невработени. Бидејќи Трамп дури вчера го потпиша законот, милиони граѓани нема да добијат пари за една недела или ќе добијат намален износ.
Како последица на корона-кризата, во САД околу 20,4 милиони луѓе добиваат еден вид помош за невработени, речиси 19 милиони повеќе од истиот период лани.
Пандемијата ги втурна САД во тешка криза, не само економска, туку и здравствена. Во земјата се инфицирани преку 19 милиони луѓе со коронавирус, преку 330.000 починаа од или во врска со Ковид-19.