1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Никос Коѕиас: радикален мислител со сопствена глава

Јанис Пападимитриу/бг10 февруари 2015

Новиот грчки министер за надворешни работи Никос Коѕиас е политичар со многу лица. Важи за извонреден стратег, кој ги негува сопствените гледишта во однос на надворешната политика. Важи и за добар познавач на Германија

https://p.dw.com/p/1EYz4
Фотографија: AFP/Getty Images/L. Gouliamaki

Никос Коѕиас претставува еден значаен, но досега малку познат дел од германско-грчкото пријателство: за време на грчката воена диктатура (1967-1974) овој левичарски активисти, како и многу други Грци, наоѓа прибежиште во Германија за да го избегне судењето пред атинскиот воен трибунал. Коѕиас студирал во Гисен, а за време на егзилот активно се борел против воената хунта во неговата татковина. Докторирал на универзитетот во Марбург, а од 2007 година е професор на факултетот во Пиреја.

Новиот шеф на грчката дипломатија важи за добар познавач, но и критичар на Германија. Насловите на неговата последна книга зборува за себе: „Грција- должничка колонија. Европската империја и германското претседавање“. Внимание предизвика и неговата претходна книга „Надворешната политик на Грција во 21. век“, во која левичарскиот политичар пледира за поголемо приближување кон Кина, Индија, и Русија и Бразил.
„Коѕиас е професор по меѓународни односи со тежишна точка на БРИКС-државите, и неговиот интерес е насочен кон овие земји. Но, тоа не значи дека тој го доведува под прашање европскиот идентитет на Грција“, вели Јоргос Ѕогопулос, од атинскиот тинк-тенк Елиамеп за ДВ.

Поранешен комунист

Неговиот политички пат Коѕиас го започнува во Комунистичката партија на Грција (ККЕ), еден од последните тврдокорни комунистички бастиони во Европа. Тој е основач на младинската комунистичка организација КНЕ и на левичарскиот тинк-тенк „Никос Пуланцас“. Комунистите денес одбиваат коалиција со Сириза, новиот политички дом на Коѕиас, отфрлајќи ја истата како „последна резерва на капитализмот“. Во 70-те години Коѕиас важи за еден од главните идеолози на комунистите и го добива прекарот „Суслов“- според сивата еминенција на советските комунисти, Михаил Андреевич Суслов. Во 1981 година, Коѕиас предизвикува вџашеност откако го поздравува воениот пуч на генералот Војчих Јарузелски во Полска. Но, само неколку години подоцна доаѓа до раскин со неговите другари: во 1989 комунистите прифаќаат историски преседан и коалиција со Конзервативците, со цел да се изнесе пред суд тогашниот социјалистички премиер Андреас Папандреу. Коѕиас со група незадоволници од партијата формира нова левичарска група.

Nikos Kotzias und Frank-Walter Steinmeier / Brüssel
Никос Коѕиас и Франк-Валтер ШтајнмајерФотографија: Reuters

Извонреден теоретичар и стратег

Од 1993 година, Коѕиас е вработен во министерството за надворешни работи, меѓудругото и како советник на шефот на дипломатијата Јоргос Папандреу. Според магазинот „То Вима“, Коѕиас е еден од творците на договорот од Хелсинки од 2002 година со кој се отвора кандидатскиот статус за Турција, но и патот на Кипар кон ЕУ. Коѕиас се залага за постепено приближување кон Турција и се очекува тој да остане доследен на тој концепт и во следните години.

Новиот шеф на грчката дипломатија има напишано 24 книги и научни текстови. Важи за извонреден мислител и стратег, кој сепак инсистира на сопствените погледи во однос на надворешната политика. Нејасен останува неговиот однос кон Русија. Откако уште на почетокот на мандатот се спротивстави на засилени санкции против Русија поради конфликтот во Украина, се јави впечаток дека Грција излегува од заедничката коалиција на ЕУ државите. Владата во Атина го демантираше тоа и тврди дека се работело само за процедурална забелешка. Но, контактите со Москва, во секој случај, ќе се негуваат. Во среда (11.02.) Коѕиас е гостин кај рускиот колега Сергеј Лавров. Слична покана доби и новиот грчки премиер Алексис Ципрас.