1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што мора да се знае за Минхенската безбедносна конференција?

Матијас фон Хајн
16 февруари 2018

Кризи, конфликти, безбедносна политика - Минхен три дена е центар на светската безбедносна политика и стратегии. Што мора да се знае за Минхенската безбедносна конференција?

https://p.dw.com/p/2smoL
Münchner Sicherheitskonferenz
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

1. Зошто е важна Минхенската безбедносна конференција?

Конференцијата е уникатна платформа на меѓународната елита во сферата на безбедносната политика. Ретко каде на толку тесен простор доаѓаат толку многу претставници на влади - и на непријателски влади - и безбедносни експерти. Значењето на конференцијата не е само во програмата. Како поважна се оценува можноста што политичките актери ја добиваат за неформални средби во ходниците и собите, за меѓусебно запознавање, за испитување на ставови, повлекување црвени линии или размена на идеи за решенија на конфликти. Официјалниот дел на конференцијата со 30 панели и 120 говорници е „само делче“ кога ќе се земат предвид околу 2000 „билатералки“, вели шефот на Безбедносната конференција, Волфганг Ишингер.

2. Кои се темите на Минхенската безбедносна конференција?

„Минхенскиот безбедносен извештај“, кој беше објавен пред почетокот на конференцијата, е со наслов „До бездната и назад?“. Централна тема е новата несигурност, откако САД очигледно не се веќе подготвени да ја играат улогата на лидер и гарант на меѓународниот поредок. Дел од тоа е прашањето - како Европа повеќе да се грижи за себе и сопствената безбедност во време на тензии со Русија и растечки национализам. Тема ќе биде и загриженоста од ново нуклеарно вооружување, особено откако Пентагон на почетокот на февруари ги претстави своите планови за нова модернизација на американското нуклеарно оружје. Тука се и темите сајбер-безбедност, поврзаноста на промената на климата со конфликтите, и пред сѐ - ситуацијата на Блискиот и Средниот Исток по крајот на т.н. Исламска држава.

Münchner Sicherheitskonferenz NEU
Шефот на минхенската безбедносна конференција, Волфганг Ишингер, на конференцијата пред една годинаФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

3. Кој доаѓа на  Минхенската безбедносна конференција?

На оваа конференција се очекуваат повеќе од 500 високи претставници од цел свет, меѓу нив 21 шефови на држави или влади. Се очекуваат украинскиот претседател Петро Порошенко, британската премиерка Тереза Меј, францускиот премиер Едуар Филип, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и турскиот премиер Бинали Јилдирим. Германската влада ќе ја претставува министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен. Од Русија доаѓаат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и голем број пратеници и експерти. Кина ја испраќа портпаролката на Комисијата за надворешни работи на Народниот конгрес, Фу Јинг. Од САД доаѓаат министерот за одбрана Џим Матис и советникот за безбедност Х.Р. Мекмастер, како и голема делегација на Конгресот, со повеќе од десет сенатори. На конференцијата треба да бидат присутни и министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија и на Иран, кои дури ќе имаат место на ист подиум.

4. Каде се одржува Минхенската безбедносна конференција?

Невообичаено за конференција со толкава големина и толку претставници на влади од цел свет, собирот е среде Минхен - во луксузниот хотел Бајришер хоф. Иако со своите 340 соби и 40 простории за состаноци хотелот и не е мал, сепак Бајришер хоф за време на конференцијата „пука по шавови“. Но, учесниците на конференцијата ја ценат интимноста на хотелот и централната позиција. Регуларните 700 вработени во хотелот се зајакнуваат со уште 250 за време на конференцијата.

5. Како се обезбедува Минхенската безбедносна конференција?

Околу хотелот е направен безбедносен појас. Се пуштаат само лицата кои се акредитирани. Минатата година за обезбедување на конференцијата беа задолжени околу 4000 полицајци. Според најавите на полицијата, така ќе биде и годинава. Споредено со 31.000 припадници на безбедносните сили кои минатата година беа задолжени да го обезбедуваат самитот на Г20 во Хамбург, ангажманот во Минхен е многу помал и поевтин.

Münchner Sicherheitskonferenz
За обезбедување и годинава ќе бидат ангажирани околу 4 илјади полицајциФотографија: picture-alliance/dpa/T. Hase

6. Ќе има ли демонстрации?

Демонстрации има секоја година, па и оваа. Минатата година „Акциониот сојуз против НАТО-безбедносната конференција“ собра најголем број демонстранти - околу 4 илјади. Сојузот и годинава планира демонстраци и симболично опколување на безбедносната конференција под наслов „Мир наместо вооружување, НЕ за војната“. Паралелно со одржувањето на безбедносната конференција ќе се одржува и мировна конференција. Портпарол на полицијата за ДВ изјави дека не се смета со насилство и дека демонстрациите и во текот на изминатите години биле мирни. Во силно обезбедуваниот Бајришер хоф меѓутоа учесниците на конференцијата нема да се соочат со демонстратните и она што се случува надвор од хотелот.

Повеќе:

Светот на раб на бездна?

7. Од кога се одржува Минхенската безбедносна конференција?

Конференцијата се одржува од 1963 година, но тогаш го носеше името „Меѓународна средба за одбрана“ Основачи беа германскиот издавач Евалд фон Клајст, приврзаник на отпорот против Хитлер, и физичарот Едвард Телер. Физичарот по потекло од Унгарија и со еврејски корени во САД беше еден од татковците на хидрогенската бомба. Конференцијата подоцна го промени името во „Меѓународно одбранбено заседание“ и со години важеше како форум на „бројачи на ракети и тенкови“. Како „Минхенска безбедносна конференција“ собирот дневен ред сѐ повеќе ставаше глобални безбедносно прашања.

8. Како се финансира Минхенската безбедносна конференција?

Конференцијата се претставува како независна, но организаторот „Фондација Минхенска безбедносна конференција (непрофитна) ГмбХ“ профитира наголемо од државни дотации. На прашањето на пратеничката група на Левицата, германската влада одговорила дека за 2015 година биле дадени на располагање 500.000 евра за проектот, како и околу 700.000 евра за трошоци за персонал и други трошоци, како на пример за припадниците на Бундесверот. Освен тоа, конференцијата добива и пари од германски и меѓународни спонзори. Минхенската конференција вкупно располага со буџет од околу 2 милиона евра.