Шумата Хамбах: Полицијата го растура протестниот камп
Шумата Хамбах стана симбол на отпорот против уништувањето на животната средина од страна на индустријата со јаглен. Полицијата на 13 септември почна со расчистување на протестниот камп.
Станува сериозно
Се чекаше долго, а интервенцијата стартуваше на 13 септември: полицијата почна да ги урива куќите на дрвја во шумата Хамбах. Заштитниците на животната средина, кои долго живееја во шумата, беа оддалечени од куќите делумно и на груб начин. Повеќето од демонстрантите останаа мирни. Расчистувањето на протестниот камп се образлага со прекршување на прописите за заштита од пожар.
Живот во куќа на дрво
Веќе шест години 100 до 200 млади луѓе живеат во она што е останато од шумата Хамбах. Никнаа вистински мали селца со куќи на дрвја. Активистите за заштита на климата со својот протест сакаат да спречат сеча на шумата. На првиот ден од акцијата на полицијата тие во судот веќе поднесоа повеќе итни жалби против расчистувањето на кампот.
Помош одозгора
Само еден ден пред полициската интервенција во шумата се одржа богослужба. Опен-ер богослужбата ја држеше Мартје Мехелс, како дел од екуменскиот пат на аџилакот за климатска праведност, кој учесниците сакаат да го изодат до Конференцијата за климата на ОН, COP24, во Катовице.
Индустријата со јаглен контра заштитата на климата
Во средиштето на проблемот е крајната граница до која индустријата може да оди во процесот на експлоатација на јаглен. Енергетскиот концерн РВЕ сака да го исече и последното парче од шумата. 90 проценти од големата шума се веќе уништени со цел да се стигне до лигнит. Судот во Минстер до октомври мора да донесе одлука дали целосна сеча на шумата е легална или не.
Апел да се спречи целосна сеча
Август 2018: најмладиот жител во протестниот камп во шумата нема ниту една година. Намерата на РВЕ за целосна сеча на шумата ги разбесни и мобилизираше противниците на јагленот. Активисти за заштита на животната средина, граѓани од блиските села, еко-здруженија и политичари од РВЕ бараат воздржаност до крајот на 2018. Дотогаш владина комисија треба да поднесе план за напуштање на термоенергијата.
Колку протестот е милитантен?
Полицијата во текот на изминатите недели известуваше дека од страна на маскирани лица е гаѓана со камења и со чатали. Сепак, најголемиот дел од жителите на шумата се мирни - како овие две млади активистки со противпожарен апарат в раце.