Шчербак се претера или се протера?
4 април 2018Скандалозно. Ова е најблагиот збор со кој може да се опише вчерашното обраќање на амбасадорот на Руската Федерација, Олег Шчербак, пред толпа од стотина луѓе кои имаа еден заеднички именител: речник, кој не би си го дозволи никој што има трошка домашно воспитување, лична култура и почит кон својата земја.
Секој има право на протест и секој носи лична морална одговорност на каков начин ќе го изрази правото на протест - достоинствено или срамно. Партијата „Единствена Македонија“, вчера реши да се самоубие на јавна сцена, а за место на чинот ја избра улицата пред руската амбасада во Скопје. Суицидот не се случи поради решеноста да протестира за протерувањето на руски дипломат од Македонија (секој има право на свој став), туку што тој чин го претвори во перформанс за канонада од најмизерни навреди за премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и за стратегиски цели на државата за кои се определени над 70 отсто од граѓаните.
Вербална канализација
И во момент кога секој нормален човек ќе помисли дека на рускиот амбасадор би му било непријатно и да ѕирне низ прозорецот, а камоли да излезе и застане простум пред пред толпа што произведува таква вербална канализација, следува потег кој длабоко ги разнишува таквите илузии. Со смиреност типична за руски гардист, и без ниту еден знак на одговорност што се инволвира и легитимира протест кој ги оспорува државните приорити на земјата-домаќин, амбасадорот реши да го признае, нострифицира и награди тој гериз од простотилаци и навреди. Тој на присутните „им се заблагодари за коментарите“.
За кои коментари? За оние со кои премиерот на земјата-домаќин на Шчербак го нарекле „психопат“ и „копиле“, а „Македонија окупирана од НАТО, која Русија треба да ја 'ослободи'“? Со јавната благодарност за ваквите коментари (поинакви и немаше), тој стави државен печат на исклучиво ваков вид „пријателски“ однос на Русија кон Македонија. Тажно и поразително. Навистина е разочарувачки, ако една голема земја како Русија, претставена преку овој амбасадор, смета дека стотина луѓе пред руската амбасада, и уште толку по тврдокорно-христијанските братства, се репер за расположението во Македонија, а не два милиони граѓани кои сакаат да градат културни, економски, научни, искрени и пријателски односи со рускиот народ, но истовремено и одбиваат кој било друг да им одредува во кои сојузи или унии треба ја гледаат нивната мирољубива земја.
Амбасадорска делегитимација
Мора многу да е падната самодовербата на Москва, ако врз една вулгарна толпа гради илузии и перцепции за „база“ што ги легитимира и поддржува руските интереси во Македонија, а врз чија трулост амбасадорот вчера најдиректно се делегитимираше на крајно недостоинствен начин. Очигледно, седите коси не се секогаш симбол на мудрост и дипломатско искуство, особено кога ќе стане евидентно дека им недостига дипломатски такт, искреност, чест и морал.
Не знам што предвидува Виенската конвенција за таков дипломатски дунстерај, (благ и несоодветен израз за отворено мешање во внатрешните работи на суверена држава). Има надлежни институции, нека оценат дали и како треба да постапат, бидејќи е многу веројатно дека некој намерно сака да предизвика реакција, за таа да стане повод за „конечно пребројување“ и престројување - кој е за Исток, кој за Запад.
Македонија нема обврска никому да се правда и објаснува за своите државни приоритети. Денеска се одбележува 4-ти април, Денот на НАТО. Амбасадорот Шчербак, за промена, може да повели на трибината „НАТО и ти“. Таму нема да има навреди, туку аргументирана расправа од луѓе кои иднината ја гледаат во градење, а не во рушење мостови, кои не зборуваат за окупација, туку за пријателство, мир и безбедност. Таков е говорот и на Македонија. За него ќе сведочи и изложбата „Република Македонија на патот кон НАТО“ по повод 25-годишнината од одлуката на македонското Собрание за членство на земјата во Алијансата. Соочувањето со фактите е најдобро за отрезнување.