1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓоргевски: СПЦ го враќа статусот на МПЦ-ОА од 1959 година

ДТЗ
16 мај 2022

Аналитичарите велат дека ова ќе значи враќање наназад за македонската црква, која што во 1967 година прогласи автокефалност.

https://p.dw.com/p/4BNQW
Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Вестите коишто денеска пристигнаа од Ниш, каде што заседаваше Соборот на Српската православна црква за статусот на МПЦ-ОА, предизвикаа дилеми и загриженост во Скопје. По првичните реакции дека Соборот на СПЦ одлучи да го обнови канонското единство со МПЦ – ОА и да признае дека таа повеќе не е расколничка црква, аналитичарите се загрижени дека со ваквата одлука МПЦ наместо да оди чекор напред, се враќа наназад - па место да добие автокефалност, го враќа статусот на автономна црква во рамките на СПЦ, којшто го имаше во 1959 година. 

„Тоа не е само еден, туку 100 чекори враќање наназад за македонската црква, која што во 1967 година прогласи автокефалност. Со ваквата одлука за автономија всушност ќе треба да се откажеме од одлуката на МПЦ за прогласување автокефалност“, вери верскиот аналитичар Бранко Ѓоргевски за ДВ. 

Како што се наведува во соопштението на соборот на СПЦ, ваквата одлука е донесена врз основа на акт од Светиот архиерејски синод на „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“, со кој таа наводно го прифаќа општопризнатиот канонски статус доделен во 1959 година од страна на Светиот архиерејски собор на СПЦ и со кој изразува надеж дека СПЦ братољубиво ќе го решава и ќе го реши и прашањето на нејзиниот конечен статус, по што треба да следува сеправославна согласност и прифаќање на тој статус. 

Руската православна црква (РПЦ) ја поздрави одлуката на СПЦ да го обнови канонското единство со Македонската православна црква – Охридска архепископија. Заменик-претседателот на Одделот за надворешни меѓународни односи на Московската патријаршија, протоереј Николај Балашов, вели дека тоа претставува „надминување на половина век стариот црковен раскол“. 

МПЦ мора да се произнесе 

Ѓоргевски смета дека МПЦ ќе мора да се произнесе околу најновата одлука на СПЦ, која што е „исклучително лошо решение за нас“.  

„Не гледам како понатаму ќе може да се преговара со СПЦ, која што порача дека нема намера да ја условува новата сестринска црква во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и дијаспората, но даде препорака да се решава прашањето за официјално име на МПЦ во непосреден братски дијалог со грчката и со другите помесни православни цркви“, вели Ѓоргевски. 

Излезот тој го гледа во Вселенската патријархија. „Треба да се свртиме кон Вселенската патријархија каде што се води судска постапка и поголеми се шансите да добиеме автокефалност“, вели Ѓоргевски. 

-повеќе на темата: Крај на изолацијата: Вселенската патријаршија ја призна МПЦ-ОА за канонска

Пред една недела Вселенската патријаршија ја призна МПЦ под името Охридска архиепископија со што стана канонска црква. Српската православна црква во денешното соопштение наведува дека со воспоставувањето единство на канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на СПЦ, дијалогот за идниот и евентуалниот конечен статус на епархиите во Северна Македонија, не само што е можен, туку е и целисходен, легитимен и реален.  Во дијалогот за нивниот иден и евентуално конечен канонски статус, СПЦ ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пастирските принципи, критериуми и норми, не грижејќи се за „реалполитичките“, „геополитичките“, „црковнополитичките“ и други слични состојби или за еднострани иницијативи и не подлегнувајќи под ничие влијание и притисок“, беше истакнато во соопштението на СПЦ.