Јазикот ги обединува или ги дели граѓаните на Македонија?
9 октомври 2012Според стратегијата, која ја усвои Владата на РМ во октомври 2010 година со поддршка и на ОБСЕ, учењето на македонскиот јазик е задолжително за учениците од етничките заедници од четврто одделение, што и се применува во праксата. Учениците од македонскиот и другите етникуми можат од прво до трето одделение незадолжително да го учат јазикот на друга етничка заедница. Учењето на јазикот на „другиот“, или, попрецизно кажано, воведувањето на македонскиот јазик во албанските паралелки во првото одделение, е „камен на сопнување“ во меѓуетничките односи.
Уставниот суд ја отфрли намерата со решение на министер за образование да им се наложи на Албанчињата да го изучуваат македонскиот јазик како задолжителен уште од првото одделение.
Какво е сегашното расположение во етнички мешаните средини, каде што се мнозинство Албанците, нивните деца да учат македонски од прво одделение, а Македончињата да учат албански?
„Условувањата ’ние ќе учиме, ако и вие учите’ се политика“
Гзим Џафери, експерт за мултијазично образование од Штуловиот универзитет во Тетово, е категоричен: „Постои едно научно истражување за изучување на странските и другите јазици, според кое децата имаат капацитет да учат повеќе странски јазици. Главен проблем е тоа што не постои реципрочност во учењето на јазиците: и Македонците да го учат задолжително албанскиот, како што албанските ученици го учат македонскиот јазик систематски од четврто одделение. Проблемот е на другата страна: Македонците не го учат албанскиот јазик“.
Константин Миновски, професор по социологија на етничките групи од Државниот универзитет во Скопје, смета дека „политиката стои во заднината на барањата за реципрочно учење на двата јазика“ и истакнува дека „тие условувања се прашање и на тоа колкава е интеграцијата на етничките заедници во македонското општество“: „Ваквото условување е повеќе политика: ’ние ќе учиме, ако и вие учите’. Тоа не го велат децата, туку оние кои што сакаат да наметнат одредена политика“.
Хавзи Мустафа, експерт за методика на наставата на албански јазик се надоврзува во овој контекст: „Децата се раѓаат без предрасуди: какви ќе здобијат, зависи од возрасните. Некој друг одредува за нив дали да учат нешто, или да не го учат. Но, во оние средини, каде што Албанците ги има повеќе од 20 проценти во структурата на населението, треба да се изучува и нивниот јазик, како втор јазик на општествената средина“.
Поуките за возрасните од благородниот свет на децата
Сепак, во Македонија има и поинакви примери, оние кои се дел од искуствата на „Нансен дијалог“ центарот во Скопје, со кој „активно и ефективно се поттикнува меѓуетничкиот дијалог на ниво на општините, регионите и целата земја, со цел да се придонесе кон спречување на конфликтите и кон зголемување на интеретничкото разбирање преку различни програмски активности, особено во образованието“.
Сашо Стојковски, извршен директор во овој центар, напоменува: „Работиме со околу 220 ученици. За еден месец оваа бројка ќе се зголеми на околу 500 – 550 деца, бидејќи го прошируваме проектот во нови основни училишта и нови општини. Нов пристап е тоа што во тие нови училишта и нови општини не влегуваме со пилот – проект со 2 – 4 класови, туку веднаш ги ’земаме’ сите ученици во нижите одделенија во целото училиште. Досега немаме никакви проблеми. Голем е интересот за овој проект, а големи се и резултатите од него. На пример, во основното училиште во општинскиот центар Јегуновце, во тетовскиот регион, имаме евидентирано кај учениците – Албанци 70 – 80 проценти разбирање и говорење на македонскиот јазик, додека кај учениците – Македонци овој процент е малку понизок. Ефектот е голем, бидејќи се работи за незадолжително изучување на ’вториот јазик’. Учениците не пројавуваат никаква одбивност кон различните јазици“.
Еве што вели Мејлан Ахмети, учителка во албанска паралелка во скопското училиште „Рајко Жинзифов“, сега преименувано во „Исмаил Ќемали“, која е опфатена со споменатиот проект: „Нашите искуства покажуваат дека се’ е толку позитивно: овие деца од прво одделение со само 6 години вербално го учат, значи, само го слушаат јазикот, кој е различен од нивниот мајчин. Значи, позитивно и го прифаќаат. Но, колку тие го учат и го практикуваат натаму, тоа останува прашање на времето, надвор од училишните клупи. Ниеден родител не изреагирал дека неговото дете не мора да го научи различниот јазик, или дека не сака тоа да го научи“.
Маја Јаневска, учителка во македонската паралелка во истото училиште, која учествува во воннаставните активности со албанската паралелка, посочува на заедничките радости и пеења песни, кога нејзините ученици заедно со Албанчињата прославуваат роденден на некое нивно другарче: „Тие се среќни и весели, затоа што знаат да ја пеат таа песна на три јазици. Во моето одделение кога самите прославуваме некој роденден, дечињата почнуваат и на албански да ја пеат песничката, затоа што се навикнати на овој час да го употребуваме тој јазик.“
Од политички неконтаминираниот свет на децата стасуваат поуки за возрасните дека луѓето, наспроти се’, сепак, имаат способност спонтано да комуницираат и да се разбираат, без оглед кои се и што се.