Јанукович не успеал да уништи деликатни документи
27 февруари 2014Откако сменетиот претседател на Украина, Виктор Јанукович ја напушти својата вила, новинарите во луксузниот објект пронајдоа илјадници документи, меѓу кои и мошне непријатни податоци, како што се астрономски сметки и листа на новинари кои „треба да се држат на око“.
Станува збор за повеќе од 20 илјади документи, кои луѓето на Јанукович немале време да ги уништат пред неговото бегство, ноќта меѓу 21 и 22 февруари. Иако најделикатните документи веројатно исчезнале, екипа украински новинари успеале да дојдат до интересни податоци од преостанатите документи, од кои некои биле делумно изгорени, а некои потопени во езерото.
Дваесетина новинари од 12 украински медиуми, кои одлучиле да соработуваат и приоритет дале на зачувување на архивата, наместо поединечно да ги објавуваат информациите, ги собрале документите, ги исушиле во сауната на имотот на Јанукович, а потоа ги класифицирале и анализирале во резиденцијата, која до саботата беше херметички затворена за јавноста.
Од документите, кои во моментот се „под лупа“ се дознава дека соборениот претседател, чија плата изнесувала 73 илјади евра годишно, потрошил 30 милиони евра на златни свеќници, 1,6 милиони евра за декорација на салонот за чај, 7.300 евра за таблици со имињата на животните во неговата лична зоолошка градина, а има и признаница за исплата на дури 8,7 милиони евра во готовина.
Новинарите исто така откриле дека за трансфер на пари на сметките на Јанукович се користени фиктивни компании, како и дека некои суми се исплаќани како мито. Меѓу компромитирачките документи се наоѓаат и голем број податоци, кои службите на Јанукович ги собирале за украинските истражувачки новинари, како што се податоците за ознака на регистерските таблички за новинарката Татјана Чорновол, која на периферијата на Киев брутално ја претепаа маскирани напаѓачи, кон крајот на декември. Таа е позната по текстовите и фотографиите, кои ги објавуваше за луксузниот начин на живот на претставниците на украинските власти.
Украинските новинари воспоставиле контакт со Проектот за известување за организиран криминал и корупција, организација специјализирана за истражувачко новинарство со седиште во Сараево, кое пружа техничка и финансиска помош во скенирањето и чувањето на документите на веб страницата YanukovychLeaks.org, која е достапна од вторникот.