Јапонија: Ковид-19 го отежнува справувањето со катастрофалните поплави
Спасувачите во југозападна Јапонија денес ја продолжуваат трката со времето за да ги спасат жителите блокирани во местата погодени од разорните поплави и одроните на земјиште во кои досега починаа речиси 50 луѓе, а десетина се сметаат за исчезнати.
Обилниот дожд нема да запре сѐ до четврток, објави метеоролошкиот завод кој повторно издаде највисоко предупредување за опасност од поплавите и одроните на земјиште во големо подрачје на островот Кјушу, на југозападниот јапонски архипелаг.
Од временската непогода најмногу е погодена префектурата Кумамото во која починаа 49 лица.
Локалниот претставник Јутаро Хамасаки вели дека припадниците на службата за потрага и спасување ја продолжуваат трката со времето за да ги спасат жителите кои се блокирани во своите домови поради поплавите.
„Не одредивме временска рамка за спасувачите, но мораме навистина да го убрзаме ритамот бидејќи ни истекува времето. Луѓето нема да ги напуштиме“, рече Хамасаки.
Поради големото невреме кое трае од саботата наутро се очекува да расте бројот на жртви. На терен се распоредени над 40.000 полицајци, пожарникари, припадници на крајбрежната стража и цивилна заштита.
Евакуацијата на загрозените дополнително се компликува поради стравот од коронавирусот и воведените мерки.
Пред две години, обилните дождови во западна Јапонија предизвикаа одрони и поплави во кои починаа над 220 луѓе. Околу 4.300 луѓе од овие погодени подрачја и натаму живеат во привремено сместување.