1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јовески: ОЈО смета дека постојат основи за притвор

28 март 2018

По обвиненијата што вчера ги покрена за настаните од 27-ми април 2017 година, Обвинителството до Судот доставило 16 барања за затворски притвор, 12 за куќен притвор и две барања за гаранции.

https://p.dw.com/p/2v6da
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

„Постапувајќи по решение на Основен суд Скопје 1, пет лица се пренесени во истражниот затвор 'Скопје'“, кусо информираа од МВР, по инфoрмациите дека дел од осомничените за „крвавиот четврток“ повторно се вратени во затворски притвор. Постапувајќи по тие решенија на Судот, ноќеска по полноќ полицијата ги спроведела во истражен затвор Митко Чавков - поренешен министер во МВР и директор на БЈБ и уште четири лица обвинети за настаните од 27-ми април.

Одлуката на Кривичниот суд уследи само еден ден по одлуката на Врховниот суд по жалбите на осомничените, со која на дел од нив затворскиот им беше заменет со куќен притвор, а куќниот со мерки на претпазливост.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески вели дека одлуката на Врховниот суд се однесува за жалбите доставени во делот на истрагата, а новите мерки се побарани откако Обвинителството и официјално подигна 30 обвиненија за „случајот 27-ми април“.

Ljubomir Joveski
Љубомир ЈовескиФотографија: privat

„Обвинителството смета дека постојат основи за притвор. За секоја од побараните мерки за обезбедување има поединечни околности кои се ценат - дали лицата се вработени, семејно-материјалната состојба, нивни релации со роднини во странство...“, вели Јовески, и потенцира дека Обинителството располага со доволен број докази да го докаже ова обвинение пред Судот.

Тој не обелоденува кои се основите за барањето притвор, но посочените околности сугерираат дека во најголем број случаи се превенира можноста од бегство, односно да се обезбеди можност тие да бидат достапни за време на судскиот процес.

Повеќе: 

-„Крвавиот четврток“ била организирана и координирана акција

Се вештачат телефони прошверцувани кај притворени за 27-ми април

Со вчерашното поднесување обвиненија за 30 лица, осомничени за „терористичко загрозување на Уставниот поредок и безбедноста“, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција доставило барања до Кривичниот суд за изрекување 30 мерки за обезбедување: 16 за затворски притвор, 12 за куќен притвор и две барања за гаранции. Дел од оние за кои се бара затворски притвор сѐ уште се во истражниот затвор, бидејќи Врховниот суд не ги прифати нивните жалби. За дел ги прифати, и ги замени со домашен притвор. Но ако Судот ги уважи барањата и аргументите на Обвинителството, од дома во Истражниот затвор повторно може да се вратат и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски.

Обвинителството вчера поднесе обвинение против 30 лица за настаните кои се случија во Собранието на 27-ми април. Од вкупно 35 осомничени обвинение е поднесено против 30 лица. Од нив 28 се товарат за кривичното дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, а две лица за помагање за истото кривично дело. За четири лица е прекината постапката бидејќи не се достапни за органите на прогонот, а за едно лице постапката е запрена бидејќи Обвинителството не нашло докази дека лицето сторило кривично дело. На обвинетите им се заканува најмалку 10 години затворска казна.