1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вангеловски: Очекувам заздравени состојби во судството

11 април 2017

Во блиска иднина очекувам заздравување на состојбите во судството и најавувам големо отворање на Врховниот суд кон јавноста, вели во разговор за ДВ, судијата Јово Вангеловски, по изборот за претседател на Врховниот суд

https://p.dw.com/p/2Z7hb
Jovo Vangelovski
Фотографија: DW/K.Blazevska

Врховниот судија Јово Вангеловски вчера беше избран за нов претседател на највисокиот суд во земјата - Врховниот суд. Таа позиција за него не е нова, бидејќи на истата функција беше и од 2008 до 2012 година. Неговата претходничка, екс- претседателката Лидија Неделкова, која повторно се кандираше за функцијата, не успеа да се избори во трката.Изборот на Вангеловски вчера беше медиумски проследен со потсетувања дека неговото име се спомнува во една од „бомбите“ и дека му е кум на досегашниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски. Вангеловски, кој и во претходно интервју за ДВ за посочената аудио-снимка изјави дека „кај него немало никакви интервенции (политички- н.з.), и дека од тој аспект совеста му е мирна“, повторното спомнување на „бомбите“ и кумството, ги смета за „излитена работа“.

ДВ: Како ја заслуживте довербата да го водите највисокиот суд во земјата?

Судскиот совет го цени и квалитетот на програмата и интервјуто со кандидатот, а секако и бројот на бодовите, кои во мојот случај се највисоки, во споредба со останатите кандидати од Врховниот суд.

ДВ: Од судски кругови посочуваат дека има недоследности при оценувањето - некои се оценуваат како судии, други како претседатели, што остава впечаток на различни аршини при бодувањето...

Тоа е точно. Но, не се работи за субјективитет во оценувањето, туку за фабричка грешка на законот. Секако, луѓето не се бројки и бодови, но ако се алудира на мојот избор, едно е јасно: имав неспоредливо најголем број бодови во однос на другите кандидати, и при редовното и при вонредното оценување.

ДВ: Доаѓате на функцијата во време кога состојбите во судството и во некои судови од ваши колеги е оценето како „владеење на хоасот“. Дали во овој момент тоа го сметате за отежнувачка околност или повеќе за предизвик?

Во моментот кога се пријавив, знаев дека претстои исклучително тежок период, во кој една добро обмислена активност на претседателот, и пред се, на Врховниот суд во целина, ќе може многу да придонесе за заздравување на состојбите во судството. Очекувам резултатите да ги видиме во блиска иднина, соодветно валоризирани во оценките кои ќе ни претстојат од Европската Комисија.

ДВ: На предлог на претседателот на Судскиот совет, врховниот судија Стојанче Рибарев е избран за в.д. претседател на Кривичниот суд, каде може да остане најмногу до една година. Како го оценувате овој избор, со оглед дека за функцијата конкурираа кандидати од судот, а привремено е избран кадар од повисок суд, кој не конкурирал?

За исклучително разумна ја сметам одлуката на Судскиот совет во овој момент да предложи судија од највисокиот суд. Кога го велам ова имам предвид две работи: личноста за која станува збор како авторитет, и неговото професионално искуство - во два мандата претседател на Апелациониот суд во Штип. Со изборот на судијата Рибарев за в.д. претседател, сметам дека во блиска иднина ќе се стабилизира состојбата за да може да се изврши редовен избор на претседател на Кривичниот суд. Не треба да се стравува од делегирање кадар од друг суд, и ова не е никаков исклучок. Таков случај имаше и во судовите во Куманово, Ресен... Предноста на Рибарев е што тој е искусен, а судиите во Кривичниот суд лично малку го познаваат, што е добра околност, бидејќи тоа ќе ја олесни комуникацијата меѓу нив и ќе елиминира евентуални анимозитети. 

ДВ: Најголемите поларизации и опструкции во судството се случија во однос на предметите и барањата на СЈО. Каков ќе биде вашиот однос во професионалниот третман на надлежностите на оваа обвинителска институција?

Наша обврска е да ги почитуваме законите. За мене иСпецијалното јавно обвинителство, и Републичкото јавно обвинителство, и адвокатите, и обвинетите, се странки во процесот. Сите имаат исти права и сите ќе бидат подеднакво третирани.

ДВ: Во таа насока исклучително важна е транспарентноста и достапноста на сите податоци од интерес на јавноста. 

Најавувам големо отворање на Врховниот суд кон јавноста и медиумите. Во последните години имаше подобрувања, но имам концепт за многу поактивен пристап во таа насока.