1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јоханис мора да ја врати Романија во нормала

Роберт Шварц
25 ноември 2019

Актуелниот претседател Клаус Јоханис победи на претседателските избори во Романија со јасно двотретинско мнозинство. Условите за вистински нов почеток не биле подобри никогаш досега, смета Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/3TejC
Rumänien | Wahlen | Klaus Iohannis
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Hihailescu

Тмурно расположение во седиштето на номинално социјалдемократската партија ПСД, чија што кандидатка Вјорика Данчила, претрпе пораз на изборите. Партиските членови со депримирани изрази како да сфатиле дека јасниот пораз значи и почеток на погребувањето на политичката групација која се перчеше како посткомунистичка партија. Почивај во мир, си помислува по некој од критичарите.

По некој од социјалдемократите вечерта по изборите коментираше дека тие сами си го барале поразот, си ја присвоиле партијата и економски ја исцедиле до смрт. Со „тие” мислат на групата околу осудениот поранешен претседател на партијата, Ливиу Драгнеа и неговата десна рака Вјорика Данчила. Таа како премиерка го презеде и водството на партијата кога нејзиниот ментор Драгнеа заврши во затвор поради злоупотреба на службената положба. Нејзината влада пред неколку недели мораше да се повлече, поранешни поддржувачи ѝ свртеа грб и ѝ дадоа доверба на либерално-конзервативната партија ПНЛ.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц, автор на коментарот

Кандидатурата на Данчила за претседател на државата требаше да ѝ даде нов елан на ПСД, барем така се надеваа стратезите во партијата. Есапот не им излезе, Данчила славно пропадна. Не само непотизмот и корупцијата, туку и планираната „демонтажа” на правната држава предизвикаа внатрешен распад во ПСД. Ни национално популистичката пропаганда, ниту клеветењето на либерално-конзервативниот претседател Клаус Јоанис не помогнаа за да се спречи слободниот пад на партијата. Особено средната класа и помладите добро едуцирани гласачи во земјата и странство не можеа да бидат спречени во вториот круг токму во Клаус Јоханис да го најдат својот кандидат за нормална европска Романија. И тоа и покрај грешките кои во првиот мандат ги направи под притисок на ПСД и од неа контролираните институции.

Јоханис мора да го испорача ветеното

Јоханис покажа дека научил од грешките за време на својот прв мандат. Поранешниот професор по физика и градоначалник на Сибиу, навреме повторно ги идентификуваше своите гласачи и покажа прагматизам и трпеливост, што во крајна линија беше добитната комбинација за да ги елиминира политичките противници во ПСД. Големото мнозинство Романци сакаат нормална земја со нормални политичари – убедливиот изборен резултат е уште еден доказ за тоа. Луѓето во Романија сакаат европска правна држава, независно судство и некомпромитирани лица во политиката.

Во една прилично здодевна изборна кампања Јоханис вети враќање во нормала – сега тој мора тоа и да го испорача. Неговиот понекогаш колеблив став и една непријателски настроена кон него влада, оставија свој белег. Заедно со новата либерално-конзервативна влада на неговата ПНЛ, партијата која политички застана зад него, Јоханис мора веднаш да го направи реверзибилно поткопувањето на демократските структури што го спроведуваше ПСД.

Тоа не го очекуваат само Романците во земјата, туку и над четири милиони од нив кои живеат во странство и кои ѝ го свртеа грбот на својата земја поради немање перспектива. Доколку Јоханис сака да го спречи „излевањето на мозоци“ и да ги врати дома иселените лица, од кои доби огромна поддршка на изборите, ќе мора своите зборови брзо да ги преточи во дела. Само со автентичен нов почеток во кој ќе бидат вклучени сите проевропски сили во земјата, Романија може повторно да заплови во мирни води. Изгледите за такво нешто никогаш досега не биле подобри.