1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јунаци на злите времиња

3 февруари 2022

Ние немаме новинари кои со својот кредибилитет имаат сила да удрат по средина. За разлика од жедната публика и општество, нашата квази-медиумска „јавност“ едноставно нема знаење и капацитет за сериозност и објективност.

https://p.dw.com/p/46RfE
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Една од подобрите политичко-информативни емисии од српската телевизиска продукција минатата година беше серијалот „Јунаци доба злог“, која деновиве доби ново продолжение со нови ликови подложени на минуцуозна вивисекција и длабинска опсервација. Серијалот е изнедрен од перото на новинарот Славиша Лекиќ и неговата истоимена книга. Прикажувањето започна со тричасовниот документарец „Владалац“, посветен на Александар Вучиќ, за потоа да бидат опфатени Ивица Дачиќ, Александар Вулин, Ана Брнабиќ, Томислав Николиќ и придружните старлети од медиумско-естрадното соѕвездие над Белград.

Сосема субјективно кажано, следењето на серијалот ме врати во времето кога писанијата од перата на Стојан Церовиќ, Срѓа Поповиќ, Милош Васиќ беа живописни и за почит вредни докази на некогашниот бунтовен „није српски ќутати“ креативен моментум на српската политичка мисла. Како денес, така и тогаш, читањето на нивните дела ми претставуваше задововолство и поука, иако не подразбираше целосна согласност со изнесените ставови. Тоа не беше ни поентата. Битни беа богатството на речникот, широките познавања на темата, самокритичноста, скромноста, длабочината на мислата и префинетиот хумор. Имаше и похумористични од нив, таквите како Богдан Тирнаниќ и Александар Тијаниќ, со цинизми и сарказми за пленење на лумпен-пролетаријатот и во служба на диктираната естаблишментска кауза. Но Церовиќ и Васиќ, слично како и Лекиќ (кој почина минатиот ноември), беа и останаа господари на своите мисли и пера, и, како такви, анти-херои карши јунаците на зловремињата во кои живееја и твореа.

Се разбира дека топло препорачувам да ги гледате сите епизоди од серијалот. Забавни се секако, благодарение на вичноста на зборот на Леќиќ, неговите наследнички и собеседниците. Но повеќе од тоа, и пошироко од темата на белградското политичко милје, серијалот е поучно четиво за современата типологија на владеачките касти секаде низ регионот. Авторите вложиле исклучителни напори за низ педантна хронологија да нѐ спасат од заборавот на вистинските корени, пред-политичките патешествија, првите политички чекори од кои израснале сегашните моќници на и над Србија. Ние можеме само да посакуваме такви студиозни проекти да се осврнат кон домашните ни политички ликови, за нивните почетоци кои сакаат да бидат заборавени или со пепел покриени.

Нема да се случи. Не бидејќи немаме материјал за опсервација сличен на Србија, туку немаме – едноставно нема – новинари, медиуми и пера кои со својот кредибилитет и авторитет ќе имаат сила да удрат по средина, ни според баби ни според стриковци. Сѐ што можеме да добиеме се „објективни“ истражувања од вмровски медиуми против СДСМ, од сдсмовски пискарала контра ВМРО, здружено против ДУИ и 30-секундни одговори од ДУИ кон сите. За разлика од жедната публика и општество, нашата квази-медиумска „јавност“ едноставно нема знаење и капацитет за сериозност и објективност.

Лажните западни демократи се препознаваат во очите на балканските лажни националисти

Но, да се вратиме на серијалот. Доколку би требало да се извлече некаква поука срочена во сиже од досегашниот репертоар на обработени ликови, тоа е секако онаа за доминацијата на ориенталното во политиката. Што, барем за мене, е фрапантно сознание за трендот кој е дешифриран во Србија, но подеднакво лесно детектиран ширум регионот. Сумирано, сета приказна за политичките водства во Србија е сведено на јаки мажи со изразена депресивно-манијакална карактерна нота, опкружени со везирски сикофанти снисходливи кон Султанот и нахални кон беговите, силни жени со мајчинска слабост кон Султанот, употребливи имитатор(к)и на изглуменото совремие. Сите вдадени во култот на изглумен национализам во служба на истиснување на вистинското родољубие. Што, всушност, ги прави далеку поопасни, крволочни, безобѕирни, аморални. И, како што провејува низ безмалку сите епизоди, поприфатливи актери во очите на западните демократи. Или можеби поточна дефиниција би била – лажните западни демократи се препознаваат во очите на балканските лажни националисти.

Следејќи ја таа парада на денешната плејада моќници, напати како фуснота изникнува името на Зоран Џинџиќ во функција на светла споредба наспроти мракобесието на сегашната камарила. А сепак, гледано во континуитет и од безбедна временска дистанца, чинам дека вистинси светлата фигура наспроти сегашната генерација е Иван Стамболиќ, последниот српски лидер со осет за времето, просторот и ризиците од популистички посакуваните предизвици. Можеби е игра на случајот, можеби не, но Стамболиќ е последниот автохтон српски продемократски лидер изнедрен низ какви-такви домашни институции на системот, па нека биде и комунистички. Можеби е игра на случајот, можеби последица на искуството со Стамболиќ, но индикативно е што сите ликови кои следеа по него во Србија се отаде-гранични Срби со корени од Босна (Вучиќ, Јеремиќ, Ѓинѓиќ, Тадиќ, Вулин), Црна Гора (Милошевиќ), Косово (Дачиќ), и ретки, периферни исклучоци од Србија (Николиќ, Брнабиќ).

Микроскопијата на следењето на потеклото би била беспредметна, злонамерна дури, доколку истата не дава увид во природата на ориенталното поимање и водење на политиката во последните дваесет години на посткомунистичкиот комунизам во Србија и регионот. Можеби токму таа „тамо далеко” компонента ја разоткрива клановската суштина на лесното освојување на моќта преку култивирање, чување и демонстрација на моќта низ паралелни, вонинституционални и невидливи клановски нитки на власта на сметка на владата. Исто така, можеби таа компонента е и причината за наклонетоста на западните демократии во изборот на ликови со силна клановска поддршка преку кои обезбедуваат стабилократија за евтини пари, страв претставен како мир и статистички успеси на владите. Доколку ги собереме тие две можности, можеби ќе ни се разјасни и причината зошто САД и ЕУ веќе две децении преферираат ликови според замислените профили наместо политики базирани врз стандарди и реални достигнувања.

- повеќе од авторот: Скопје-Софија: Хардверот е заменет, следува софтверот

„57 канали и ништо вредно за гледање“

Идентификувањето на јунаците на зловремието е макотрпен предизвик исполнет со опасности и пожртвуваност на исклучителни ликови. Но тоа е сепак далеку полесен предизвик од откривањето, идентификувањето, всадувањето почит и давање подршка за анти-хероите осудени или повикани во зловреме да ја држат свеќата запалена. Човечката опсесија со мрачното, опскурното, злобното ни ги има отрпнато сетилата за ценење на позитивното. Кое не знам дали веќе сме способни и да го препознаеме. Такви има сѐ помалку, припадници на една поинаква школа на мислење и делување која полека замира пред навалата на партиски вистини, фондациски интерпретации, рововски поделби и севкупната индустрија на пропаганда која ја нарекуваме медиумска информација.

- повеќе од авторот:Петков и Ковачевски го разбраа мемото- опозицијата го нема ни прочитано

Можеби сме сведоци на последните обиди на таа стара школа да привлече внимание, да укаже на опасноста кон која се движиме, да апелира на нашата совест дека сиот тој напор не е поради нивен каприц, инает, завист, туку за добро на овие и следните поколенија. Вистина, гледаноста и популарноста на таквите серијали укажува дека интерес има, дека општеството има потреба од точни и веродостојни информации и согледувања за прашања кои ги засегаат нивните судбини. Но тоа е трка помеѓу камион и велосипед, со однапред искалкулирано време на траење, сѐ до исцрпување и предавање, по која следи рамнодушност и втопување во сеопштата апатија на бесцелна забава. Тапо загледани во силуети на екранот и шумови од звучникот, потпевнувајќи ја во себе Спрингстиновата „57 канали и ништо вредно за гледање“.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач