Јункер: Грчкото „не“ значи „не“ за Европа
29 јуни 2015Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер ги повика грчките граѓани на планираниот референдум да гласаат спротивно на препораката на нивната влада.
„Ако Грците гласаат ’за’, тоа е знак кон ЕУ и светот дека Грција сака да остане во еврозоната“, изјави Јункер денеска во Брисел. Истото важи и ако дојде до промена на прашањето на референдумот најавен за недела.
Јункер упати тешки обвинувања на сметка на грчката влада предводена од Левицата, која препорача граѓаните на народното изјаснување да ги одбијат реформските предлози на Европската комисија, Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд.
„По сите напори кои ги направив...чувствувам малку предавство, зашто не беа земени доволно предвид моите и ангажманот и напорите на многу други луѓе. Навистина придвиживме планини до последната минута, кога грчката влада ја затвори вратата.“
Според Јункер, преговорите се еднострано прекинати од страна на грчката влада. За земјата на која и‘ се заканува банкрот е дојден часот на вистината, рече шефот на ЕК.
„Не и‘ личи на Грција да спротиставува една демократија против 18 други.“
Но, истовремено, и покрај утре истекувачката програма за финансиска помош, Јункер е уште подготвен на преговори и наоѓање решение, заедно со останатите 18 евро-земји. „Се наоѓаме веќе во последните милисекунди“, истакна Јункер.
„Понудата на доверителите кон Атина е фер и не содржи ниту кратење на платите, ни на пензиите, туку е насочена кон постигнување поголема социјална праведност.“
Грчкиот премиер Алексис Ципрас во ноќта кон саботата ненадејно најави референдум околу барањата на кредиторите за 5. јули. Министрите за финансии од еврозоната во тоа видоа отсуство на секаква основа за натамошни преговори и го одбија грчкото барање за продолжување на програмата за финансиска помош по истекот на нејзиниот официјален рок, 30. јуни.