Љубомир Јовески: Носев три писма од Јанева
30 јануари 2020Иако и вербално и со транспарент пратеници од ВМРО-ДПМНЕ завчера побараа Републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, да ги покаже писмата од поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева со кои таа ги предава предметите на СЈО во ЈО, обвинителот Љубомир Јовески вчера беше оневозможен да одговори на тоа барање на опозицијата. Тој ги донел писмата од Јанева, но истите што претходно ги бараа, не се согласија обвинителот да добие збор на вториот ден од јавната расправа. Без оглед на ваквиот однос, исто како и претходниот ден, Јовески остана на јавната расправа за да ги слушне забелешките за предлогот на закон за Јавното обвинителство.
Доставени до судијата на претходна постапка
Колку писма донел Јовевски? Во разговор за Дојче веле тој изјави дека носел три писма.
„Сакав да презентирам три писма. Едното, напишано на трети септември 2019 година, Катица Јанева го упатила поименично до сите обвинители во СЈО, со кое таа ги овластува да ги предадат на Републичкиот јавен обвинител за натамошно постапување сите предмети за кои се водат суски процеси и оние за кои се води истрага или предистрага. Тоа писмо го имам како фотокопија, бидејќи оригиналот е во СЈО“, изјави Јовески за ДВ.
Во второто писмо од Јанева напишано на трети септември 2019 година, кое било упатено до Републичкото Јавното обвинителство, таа известила дека обвинителите во СЈО се овластени да ги предадат сите предмети од тоа обвинителство на натамошно постапување во ЈО.
„Со третото писмо, кое Јанева го напишала на 6-ти септември 2019 година, се вели дека согласно со законот ме овластува да ги преземам сите предистраги, истраги и обвиненија за натамошно постапување“ вели Јовески.
Сите три писма, рачно напишани, биле доставени до судијата на претходна постапка во Кривичниот суд, Седат Реџепагиќ.
Дел од присутните на вчерашната јавна расправа велат дека слушнале оти обвинителот ги носи писмата и дека сака да ги презентира, но не знаат зошто опозицијата останала незаинтересирана, иако самата го барала тоа.
Повеќе:
Правосудство: Хаос, или креирана перцепција за хаос?
Последната офанзива за спасување на криминалците
Последното танго на власта и опозицијата
Дескоска: Го бараа, а не сакаат да го слушнат
Минатата недела претставниците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија средбата на работните групи за законот за Јавното обвинителство, барајќи на средбата да присуства и државниот јавен обвинител. Јовески тогаш изјави дека ќе ја прифати поканата за јавна расправа, но не и учество во преговорите на партиски работни групи. Завчера, кога дојде на првиот од јавната расправа за Јавното обвинителство, пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, предводени од Антонијо Милошоски, во салата истакнаа транспарент на кој пишуваше: „Господине Јовески, до кога ќе го криете писмото со кое притворената Катица ви даде незаконска наредба (чл. 60, закон за ЈО)".
Членот 60 од актуелниот закон за Јавното Обвинителство на кој се повикува опозицијата, гласи: „Јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор. (2) Јавниот обвинител може да биде оддалечен од вршењето на функцијата за време додека трае истрагата за кривично дело или кога е поведена дисциплинска постапка или постапка за негово разрешување. (3) Oдлука за оддалечување на јавниот обвинител од функцијата во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член донесува јавниот обвинител на Република Македонија. (4) Против одлуката од ставот (3) на овој член јавниот обвинител има право на жалба до Советот на јавни обвинители на Република Македонија".
Вчера, кога Јовески сакал да одговори на овие прашања, не му дозволија да земе збор. На тој чин се осврна и министерката за правда, Рената Дескоска.
„И денес матрицата на ВМРО-ДПМНЕ повторно излезе на површина - бараат цензура и се противат јавниот обвинител Јовески и јас да земеме збор и да го кажеме мислењето по вчерашните предлози. Го бараа Јовески, а не сакаат да го слушнат“, напиша Дескоска.
По два дена јавна расправа, предлогот на закон за Јавното обвинителство сега повторно треба да се врати кај работните групи на политичките партии. Обвинителот Јовески вели дека се одржала добра расправа за текстот на предложениот закон, и дека има дел забелешки кои се прифатливи, со цел одредбите од законот да станат појасни.