Ќе има ли иРНК вакцини против рак?
31 јули 2021Пред коронавирусот речиси никој немаше чуено за иРНК вакцини. Фајзер/Бионтек и Модерна беа првите кои за првпат развија иРНК вакцини употребени кај луѓе.
Но оваа технологија се развива со години и се тестира на различни болести, меѓу кои и рак. Во средината на јуни, Бионтек објави дека еден пациент веќе е третиран со тест вакцината BNT111 во втората фаза. Оваа вакцина ја користи истата иРНК технологија како иРНК вакцината на Фајзер/Бионтек против корона.
„Слично како и иРНК вакцината против САРС-КОВ-2, и оваа иРНК вакцина против рак, го ‘обучува’ вашиот имунолошки систем да го препознае соодветниот протеин на површината на клетките на ракот“, вели Ана Блекни, асистент на Факултетот за биохемиско инженерство на Универзитетот во Британска Колумбија, во Канада.
Целта на иРНК вакцините против рак е да го насочат имунолошкиот систем да ги нападне клетките кои содржат ваков протеин.
„Во основа, идејата е да се натера имунолошкиот систем да го препознае ракот“, вели Џон Кук, директор на РНК терапевтската програма во центарот за срце и васкуларни заболувања во методистичката болница во Тексас.
Ракот е на прво место по смртност во светот. Само во 2020 година од рак починале речиси 10 милиони луѓе, објави Светската здравствена организација.
Причината поради која ракот се шири кај пациентите и потенцијално да има смртен исход, е тоа што тој може да го заобиколи имунолошкиот систем. „Буквално делува под радарот на имунолошкиот систем“, објаснува Кук.
Повеќе:Амбициозен план: ЕУ сака да го победи ракот
Вакцини „по мерка“
Вакцините во медицината претежно се сметаа како превентивни лекови, но луѓето во испитувањата на Бионтек се со веќе понапреден степен на меланом. За одредени типови на рак, како меланом, може да се детектира заедничка промена предизвикана од ракот кај повеќето луѓе со ваква болест, вели Кук за ДВ. Токму ова е пристапот на Бионтек. Детектирани се четири специфични антигени - над 90% од случаите на лица заболени со меланом имаат барем еден од нив. Но, тешко е да се направи една вакцина за сите типови на рак.
„Проблемот е што кај ракот најголем дел од промените на клетките кај еден заболен се индивидуални и единствени“, вели Дејвид Браун, научник од Институтот за рак на Харвард. „Во многу малку случаи имаат исти промени“, појаснува тој.
Ова значи дека вакцините треба да се прават по мерка за секој индивидуален случај посебно. Браун работи со пептидни вакцини кај пациенти со рак на бубрег, а целите што треба да ги постави лекарот за да го натера имунолошкиот систем се различни од пациент до пациент, и покрај тоа што боледуваат од ист вид на рак.
„Она што се трудиме да го достигнеме е поперсонализиран пристап, еден вид индивидуализирана прецизна имунолошка терапија, каде што всушност ќе правиме индивидуализирана вакцина за секој пациент“, вели Браун за ДВ. Истиот пристап се користи кај иРНК вакцините, вели Браун.
Тоа бара секвенционирање на ДНК и РНК на туморот на пациентот и анализа на тоа што го прави посебен и различен.
„Потоа овие наоди се споредуваат со нормалното ткиво и се бараат разликите во однос на тој вид на рак“, вели научникот Кук.
Идеална ситуација е ако ваквите протеини ги има само кај канцерогените клетки, но често таков протеин може да продуцираат и здравите клетки кај други делови од телото. Тоа значи дека може да се случи да има некаков вид автоимун одговор при што имунолошкиот систем може да нападне и здрави клетки ако мисли дека се туѓо тело.
Повеќе: Колкави се разликите меѓу вакцините против корона?
Вакцини за превенција од рак?
Во зависност од видот на рак, можно е да се креираат вакцини за превенција од рак на луѓето изложени на ризик да развијат одреден вид на канцер.
Во методистичката болница во Хјустон, група биолози работат на изработка на превентивна вакцина против рак за луѓе кои се изложени на ризик од развивање на одредена форма на канцер. На пример, луѓе со BRCA 2 мутација имаат висок ризик да развијат рак на дојка.
Превентивните вакцини во моментов се тестираат на животински модели како протеини, а следниот чекор е да се направат во форма на РНК, вели Кук.
Зошто иРНК?
Не е само успехот на иРНК вакцините за Ковид мотивација за научниците да работат на развивање на ваков тип вакцини.
„РНК е многу полесна за правење“, објаснува Кук за ДВ. Многу вакцини се базирани на протеин, и научниците треба да само да го напишат кодот на протеинот, наместо да креираат протеини“, вели тој.
Филип Шарп, професор по биологија на МИТ, во 1993 е еден од добитниците на Нобелова награда за медицина за откритието за поделба на гени и секвенционирана РНК во 1970. Неговата работа придонесе за креирање на иРНК вакцини против Ковид, кои денес им се аплицираат на многу луѓе низ светот.
„Секој што некогаш експериментално проучувал РНК знае дека вашата кожа е покриена со нуклеази кои ја уништуваат, крвта ви е полна со нуклеази кои ја уништуваат“, вели Шарп за ДВ.
Повеќе:Живот на долг рок со ракот!
Фактот што научниците изнајдоа начин да ја заштитат РНК и да се произведе во доволно количество кое може да се користи како вакцина, е огромен технолошки чекор напред, вели тој.
„За ова да се реализира беа потребни многу иновации“, вели Шарп. „Кога ќе се развие нова технологија како што е иРНК технологијата, човекот може да ја користи засекогаш.“
Кук не верува дека е можно да се направи универзална вакцина против рак, но верува дека како што научниците успеале да искоренат други заразни болести, истото ќе биде и со одредени форми на ракот.