Ќе има ли отчет за Скопје 2014?
Проектот, чија изградба започна во 2010 и требаше да чини 80 милиони евра, ги подели граѓаните и го смени „личниот“ опис на градот. Архитекти најавуваат ревизија, не само на естетските, туку и на финансиските аспекти
Воинот на коњ
На 20 јуни 2011 година беше поставен споменикот „Воин на коњ“ на плоштадот Македонија во Скопје. Споменикот беше изработен во Фиренца, а чинеше над 8 милиони евра. До денес, тој остана симбол за целиот проект, иако властите никогаш не смогнаа храброст ниту да го именуваат „воинот“.
Скопје 2010
Ова е последната фотографија од септември 2010 година пред поставувањето на постаментот за споменикот на „Воинот на коњ“. Преобразбата, која во годините кои следеа, му се случи на Скопје шокираше многумина и до денес остана тема за жестоки полемики и, неретко, критики. Голем беше интересот и во странските, пред сѐ западните, медиуми каде Скопје го доби епитетот „главен град на кичот“.
Градежен „бум“
Во следните години беа изградени десетици згради во строгиот центар слични на оваа во која е сместен Археолошкиот музеј, некои, дури и во самото корито на реката Вардар. Заедничко за сите е стилот: комбинација од барок и неокласицизам. Критиките од експертската јавност дека таквиот стил е надминат и нема никаква естетска и историска вредност беа отфрлани.
Споменична манија
Значајно место во проектот заземаа споменици на знајни и незнајни, честопати и контроверзни, личности од историјата. Вкупно се подигнати повеќе од 130 споменици и бисти, а за нивно сместување беа изградени и дополнителни мостови кои ги поврзуваат двата брега на Вардар во строгиот центар на градот.
Автори и изведувачи
Воглавно, авторството на идејните решенија за целиот проект беше заслуга на неколку архитекти кои, речиси без исклучок, беа непознати за јавност. Како скулптор најчесто се јавуваше Валентина Стевановска, а идејни решенија доаѓаа од фирмите на Жарко Чаушевски и Ана Кедева-Петрова. Кај изведувачите, најмногу тендери добија Бетон, Гранит, Страбаг, Бетон-Штип и Бауер БГ. (Извор: БИРН/Призма)
Цена
На почетокот беше најавено дека проектот ќе чини 80 милиони евра. Според истражувањето на новинарите на Призма, уште во јули 2015 година проектот надмина сума од 560 милиони евра. Денешните проценки се дека Скопје2014 веројатно веќе достигне 700 милиони евра.
Идеологија на ентериерот и екстериерот
На почетокот, Груевски го најавуваше Скопје 2014 како проект чија цел е зацврстување на идентитетот на граѓаните. „Бомбите“ покажаа дека Груевски не само што бил идеен творец на целиот проект, туку и директно се мешал во речиси сите детали при неговата изработка: од „фонтани со обелиск“ како во Рим, преку столбови како во Вашингтон, сѐ до тапацирот и бојата на столчињата во двокатните автобуси.
Цел на „шарените“
Целиот проект стана омилена цел за „боење“ за време на протестите на Шарената револуција во 2016 година. Демонстрантите во него гледаа симбол на корупцијата, автократското однесување и непотребно трошење државни пари во една од најсиромашните земји во Европа.
Ревизија: дали или не?
Во центарот на Скопје сѐ уште се градат објекти кои беа предвидени или додавани како дел од проектот. Од Асоцијацијата на архитекти на РМ за ДВ најавуваат дека ќе бараат целосна ревизија на проектот. Според нејзиниот претседател Мартин Пановски, „Скопје 2014 е проект што не го осакати само центарот на Скопје, туку и цела Македонија“.