1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе сведочи ли Сноуден во Берлин?

Кај-Алкександер Шолц / Елизабета М. Фиданоска4 април 2014

Германскиот парламент почнува со истрага на НСА-аферата со прислушување. Основана е истражна комисија, чии членови немаат заеднички став околу тоа - каква треба да биде улогата на Едвард Сноуден во истрагата.

https://p.dw.com/p/1Bbko
Фотографија: picture-alliance/dpa

Американците во моментов не се од голема помош при расчистувањето на аферата со прислушување од страна на американската тајна служба НСА, и покрај тоа што Берлин неколку пати упати молба до Вашингтон. Обидот за постигнување договор за нешпионирање е „во најмала рака во ќорсокак“, изјави Клеменс Бинингер, кој треба да раководи со „Истражната комисија за обработка на проблемот со шпионирање податоци од страна на странски тајни служби“. Еден документ од германското Министерство за внатрешни работи остава простор да се заклучи дека досега нема одговор ниту на каталозите со прашања кои германската влада им ги испрати на американските власти.

Бинингер претпоставува дека тоа нема ниту да се промени во рамки на истражната комисија која почна со работа вчера (3.04) во Бундестагот. Зашто и комисијата може само да замоли. Осумтемина нејзини членови немаат законски можности да поканат странски сведоци и да ги принудат да дадат изјава. Сепак, Бинингер има трошка надеж. Тоа би било „важен чекор за повторно воспоставување доверба“, рече политичарот на Христијанско демократската унија, користејќи соодветен речник за дипломатските напори со Американците и Британците.

Clemens Binninger NSA Untersuchungsausschuss PK 02.04.2014
Клеменс БинингерФотографија: picture alliance/AA

Случајот Сноуден

Дали Едвард Сноуден треба да сведочи пред истражната комисија или не? Мислењата се различни. Зелените и Левицата, кои се во опозиција, поднесоа барање за покана на Сноуден, соопшти политичарот на Зелените, Ханс-Кристијан Штребеле по првата седница на комисијата. Конечно, Сноуден го одвитка клопчето на аферата пред 9 месеци, објаснува Константин фон Ноц од Зелените. Штребеле се сретна со Сноуден есеноска во Москва и со себе ја донесе пораката дека поранешниот соработник на американските тајни служби е подготвен да сведочи. Со оглед на тежината на законската ситуација, тоа би можел да го стори и од далечина. Американската влада има издадено налог за апсење на Сноуден и до Германија има испратено барање за негова испорака во случај тој да се најде на германската територија.

NSA Untersuchungsausschuss 03.04.2014
Константин фон Ноц (л.) и Ханс-Кристијан ШтребелеФотографија: picture-alliance/dpa

Бинингер е скептичен околу тоа дали Сноуден навистина може натамошно да помогне, со оглед на тоа што и самиот рече дека не знае повеќе од она што го кажа. И на прашањата на Европскиот Парламент Сноуден одговори многу општо. Медиумскиот интерес не треба да биде критериум за избор на сведоци, смета Бинингер. Сепак, претставникот на ЦДУ и ЦСУ во комисијата, Патрик Зензбург, не сака ниту сосема да исклучи можност за сослушување на Сноуден. За трансатлантските односи еден друг пат би бил помалку конфликтен. Доколку Сноуден е сериозен со намерата за разјаснување, според Зензбург, тој може на комисијата да ѝ достави документи на располагање или тоа да биде сторено преку новинари кои соработуваат со него.

Претставничката на Левицата во комисијата, Мартина Ренер, е на мислење дека само разгледување документи не е доволно. Една комисија треба да сослушува сведоци, а не да студира акти. Само при испрашување, и тоа не писмено испрашување, туку усно, може да се дојде до „знаењето во главата на Сноуден“ и може да се поставуваат потпрашања, вели таа. Нејзиниот партиски колега Андре Хан, освен тоа, потсетува дека мнозинството во комисијата, составено од претставници на големата коалиција (СПД, ЦДУ,ЦСУ) не може да спречи покана на сведоци од страна на опозиционите партии, но може да одлучува за редоследот по кој сведоците ќе бидат сослушувани. Значи, дури и ако Сноуден биде поканет, сослушувањето би можело да се одлага.

Бинингер најави дека комисијата ќе работи најверојатно околу две години. Тој изрази надеж дека судирот околу Сноуден нема веднаш да предизвика заострување на фронтовите во комисијата. Затоа во првите два месеца од работењето на комисијата тој сака да бидат сослушани стручњаците за одредени области. Инаку, прашањата кои ќе ги разгледува комисијата се прилично широко поставени. Дел од нив се и прашањето каде се границите на меѓународната соработка на германските тајни служби или што Американците смеат во Германија, а што не, како и тоа - дали германските власти знаеле за практиките на НСА или не.