1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе се стоплат ли скопјани зимава?

ДТЗ
11 јануари 2022

Владините претставници се децидни дека нема да дозволат граѓаните да останат без парно греење. Општините бараат помош за да се надмине енергетската криза.

https://p.dw.com/p/45NZE
Symbolbild Steigende Energiepreise
Фотографија: Friso Gentsch/dpa/picture alliance

Владата разгледува опција за времено преземање на работењето на компаниите кои имаат лиценци за обезбедување на топлинска енергија, меѓу кои и Балкан енерџи груп, која обезбедува топлинска енергија за најголемиот дел од Град Скопје. Ова го најави синоќа мандатарот, Димитар Ковачевски, според кого Министерството за финансии обезбедило финансиски средства за БЕГ за набавка на гас од Развојната банка на Северна Македонија.

БЕГ како приватна компанија ќе треба да понуди гаранција за која ќе го обезбеди кредитот, според пазарни банкарски услуги. Доколку тоа не се случи, се разгледува опција за времено преземање на работењето со компаниите во Скопје којшто се задолжени согласно со своите лиценци да обезбедат топлинска енергија на граѓаните на градот Скопје. Ковачевски е дециден дека Владата нема да дозволи граѓаните да останат без парно греење зимава. 

Nordmazedonien Politiker Dimitar Kovacevski
Димитар КовачевскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Министерот за економија Крешник Бектеши вчера најави дека БЕГ може да остане и без лиценца ако не испорача топлинска енергија за скопјани. Потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи, пак, при гостувањето во „Утрински брифинг“, зборувајќи за проблемот со снабдувањето на Скопје со парно греење, рече дека топлинска енергија ќе биде испорачувана до крајот на грејната сезона.

„Владата помага со креирање на нова кредитна линија, но не може да се прават исклучоци за приватна компанија од целиот систем, тие треба да ги обезбедат сите гаранции, а ако не можат, владата има на располагање други мерки кои по закон може да ги преземе“, вели Битиќи. Тој е дециден дека во однос на енергетската криза, како никогаш досега се обезбедува електрична енергија од домашни ресурси, ставени се на располагање сите капацитети, по прв пат е вклучено ТЕЦ Неготино со 2 котли, ТЕЦ Осломеј, Когел, а деновиве ќе биде пуштен и третиот блок на РЕК Битола.

Кој е надлежен за затоплувањето

Во екот на енергетската криза надлежните си ја префрлаат одговорноста околу затоплувањето со парно греење. Мандатарот Димитар Ковачевски, смета дека, според законите, топлинската енергија и БЕГ, односно целата инфраструктура за затоплување со парно греење е во надлежност на Град Скопје. „Град Скопје треба да биде свесен дека треба и тие да предвидат мерки, кои очигледно не се предвидени во рамки на нивниот буџет за справување со оваа криза“, порача тој синоќа. 

Но, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вели дека надлежна е Владата, бидејќи од неа БЕГ има добиено концесија.

ЗЕЛС бара помош од Владата

Арсовска, како претседателка на заедницата на општините ЗЕЛС, денеска упати повик до Владата да свика итен состанок поради енергетската криза и високите сметки кои локалните самоуправи ги имаат за електрична енергија.

„Сметките за електрична енергија се драстично зголемена и се доведува ликвиднста во прашање. Останатите потреби на граѓаните не можат да се сервисираат, поради тоа што единствено од буџетите се покриваат трошоците за електрична енергија. Некаде се за повеќе од 5 пати зголемени, односно за 500 отсто. а тоа се се должи на раскинатите договори“, вели Арсовска.

Nordmazedonien | Kommunalwahlen | Danela Arsovska Bürgermeisterin von Skopje
Данела АрсовскаФотографија: Petr Stojanovski/DW

-повеќе на темата: Кога струјата и греењето ќе станат луксуз

Според неа, до 15 септември најголемиот дел на влади во Европа имаат превземено мерки за овие шокови. Општините поради слабата децентрализација имаат лимитирани приходи и не треба да се префрла топката на локалните единици.

„Префрлањето на вина не е основано, кризата е започната од август месец, но Владата не превземала никакви чекари. Владата да превземе целосна одговорност и да ѝ помогне на локалната самоуправа“, повика Арсовска.

Од СДСМ пак, тврдат дека Арсовска секојдневно покажува елементарно непознавање на ингеренциите на градоначалникот и Советот на Град Скопје. „Таа не предвидела ниту денар за Буџетот за 2022 за справување со енергетската криза и за затоплување на скопјани, а нејзиниот одговор дека не можела да го врати времето назад е грубо потценување на граѓаните на Скопје“, велат од владејачката партија.