1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе ја откочи ли Брисел француската „рачна“ за проширувањето?

Марина Максимовиќ
4 февруари 2020

Неколку дена откако Брегзит покажа како може да се напушти ЕУ, Европската комисија треба да одговори на прашањето како е можно повторно да се прошири Унијата.

https://p.dw.com/p/3XEhU
EU Flagge
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Economou

Со блокадата на Северна Македонија и Албанија во октомври 2019 година, Франција и формално „повлече рачна“ во процесот на проширување на ЕУ.  Претседателот Емануел Макрон одговараше на бурата од негативни коментари со став дека „ја презема улогата на негативец“, но и дека Франција „не е осамена“ во барањето реформи за процесот. Планирано или не, овој потег на Париз го врати фокусот на ЕУ на политиката на проширување која, за волја на вистината, со години беше закочена во процес кој од водечките инструмент на политиката на ЕУ стана премногу компликуван, бирократски конфузен и речиси бесцелен пат.

„Политиката на проширување на ЕУ е повеќепати разгледувана, а последната значајна промена се случи во 2003 година. Во меѓувреме научивме многу лекции. Многу нешта во процесот започнаа да се кочат. Време е за подобрување бидејќи кредибилноста на ЕУ е во прашање“, вели известувачот за Западен Балкан на Европскиот парламент, Тонино Пицула.

На крајот на 2019 година стигнаа и првите предлози за реформа. Прво од Франција, а потоа и од група други земји-членки на ЕУ. Повеќето се фокусираа на барањето за „поефикасен и подинамичен“ процес на пристапување. Една од првите задачи на Европската комисија по преземањето на новиот петгодишен мандат беше согледувањето на позициите на земјите-членки, дефинирање на проблемите и можностите и изработка на предлог на нова методологија за пристапување кон Унијата.

Новата методологија не ја менува целта

Европската комисија и комесарот за проширување Оливер Вархеји по два месеца работа треба на 5 февруари да го усвојат и претстават предлогот за реформа. Според извори во Комисијата, предлогот ги земал предвид ставовите на земјите-членки, „геополитичкиот и стратешки интерес на ЕУ“ кој значи „заокружување на европскиот проект“ како и добробитта на земјите кои се наоѓаат на патот на евроинтеграциите.

Комесарот Вархеји вели дека новата методологија за проширување ќе се заснова на четири критериуми: кредибилитет, предвидливост, динамика и посилно политичко водство. Тој повика на креирање на „подинамичен и кредибилен“ процес како за земјите-членки, така и за кандидатите.

„Не сакаме да го менуваме проширувањето, туку да го унапредиме процесот“, порача Европската комисија непосредно пред објавувањето на новата методологија.

Фокусот на новата методологија, според првите најави, би требало да биде зајакнување на владеењето на правото, функционирањето на демократските инсттуции, како и на економски развој на земјите во процесот на пристапување.

„Тоа се прашања кои се во срцето на трансформацијата на општествата во целиот Западен Балкан“, вели Вархеји.

Планот на Брисел е за предлогот на Европската комисија да се отвори дебата веднаш по неговото претставување со цел постигнување консензус меѓу земјите-членки за продолжување на политиката на проширување до самитот на ЕУ во март.