1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ангела Меркел не помислува на оставка

Сабине Кинкарц
21 ноември 2017

По пропаднатите сондирачки преговори за формирање влада, централното прашање во Германија гласи: што натаму? Ангела Меркел, претседател на ЦДУ, во случај на нови избори, повторно е спремна да се кандидира за канцеларка.

https://p.dw.com/p/2nyBP
Deutschland Ende Jamaika-Koalition Sondierungsgespräche | Angela Merkel; Bundeskanzlerin
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Оној кој по ненадејниот прекин на сондирачките разговори за т.н. Јамајка коалиција очекуваше да ја види Ангела Меркел потиштена, веројатно е разочаран. Таа настапи синоќа во две телевизиски интервјуа, а на прашањето дали таа лично направила грешки во преговорите со ЦСУ, ФДП и Зелените, одговори кратко - „Не. Направив што можев, а навистина имавме постигнато напредок“.

Оттаму, Меркел не помислува на оставка: „Не, за тоа не станува збор, на Германија во моментов ѝ е потребна стабилност“. Доколку дојде до нови избори, истакна таа, повторно е подготвена да ја предводи својата партија во изборната трка. Меркел се нарече себе си „одговорна жена, која е спремна и натаму да преземе одговорност.“

Советување во дворецот Белви

Канцеларката вчера се советуваше со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер околу идните чекори во земјата.  И за искусната Меркел, оваа ситуација е сосем нова: во нејзините три претходни мандати, таа без поголеми потешкотии можеше да формира стабилна влада, двапати со Социјалдемократите и еднаш со Слободните демократи, ФДП.

Меркел е извежбана во разработување компромиси, но овојпат не ѝ помагаат ниту преговарчаката вештина, ниту желбата и во следните четири години да остане на чело на германската влада, откако ФДП во неделата ноќта ги прекина сондирачките преговори, не гледајќи меѓусебна доверба и заедничка база со ЦДУ/ЦСУ и Зелените.  Либералите едноставно станале од преговарачката маса и заминале. „Подобро е да не се владее, отколку лошо да се владее“, рече потоа лидерот на ФДП, Кристијан Линднер, а тоа што изјавата ја читаше од испечатен лист, ги раскрили шпекулациите дека одлуката на Либералите за прекин на сондирањата не била воопшто спонтана. 

Потегот веројатно ја разочара и Меркел. Дали неуспехот на сондирањата е и нејзин неуспех? Дали е тоа почеток на нејзин крај како канцеларка? Преговарачите од ЦДУ и ЦСУ демонстративно застанаа во поддршка на Меркел, паднаа пофалби и спонтан охрабрувачки аплауз. Во сопствените редови нема гласна критика, но ситуацијата не Меркел као техничка канцеларка во потрага по излез од ќорсокакот, не е розова.

Deutschland Frank-Walter Steinmeier & Angela Merkel | Ende der Sondierungsgespräche
Фотографија: Reuters/G. Bergmann

Штајнмајер предупредува

Франк-Валтер Штајнмајер и Меркел се познаат многу добро, од долгите години во заедничка влада. Сојузниот претседател не е склон кон избрана одлука за распишување нови избори, и покрај решавачката улога што му ја дава уставот во тој поглед. Штајнмајер упати апел до сите политички партии да поразмислат и да ги преиспитаа своите ставови. „Од сите очекувам подготвеност за разговори за во најскоро можно време да може да се формира влада“, изјави тој по разговорот со Меркел. Во следниве неколку дена Штајнмајер ќе се сретне со претседателите на другите партии, со намера да апелира на нивната совест. „Оној кој на избори конкурира за политичка одговорност, не смее да се извлекува кога ќе ја има в раце“, порача тој.

Пораката е упатена и до СПД, со оглед што Социјалдемократите со ЦДУ и ЦСУ би имале комфорно мнозинство во Бундестагот. Дали СПД ќе остане на својата одлука - по секоја цена во опозиција? По вчерашните повторни внатрепартиски советувања, лидерот на СПД Мартин Шулц излезе со истата аргументација - резултатот од изборите претставува „црвена карта“, јасно „не“ за продолжување на големата коалиција од Унијата и СПД. Шулц пледира за нови избори: „Во ваква ситуација суверенот, а тоа се гласачите, треба да изврши ново вреднување.“ 

По остварениот историски најлош резултат од 20, 5 проценти на изборите за Бундестагот лани во септември, СПД од евентуални избори очекува да добие повеќе гласови, при што не се штеди на критика на сметка на Меркел: „Нејзината политика, нејзиниот стил на посредување, исчекувањето, немањето правес и цел, ја доведе до ѕид. Со други зборови, госпоѓа Меркел загуби“, изјави генералниот секретар на СПД, Андреа Налес.

Контрирање од ЦДУ

Партиите од Унијата го отфрлаат ваквото гледиште: СПД самата не е подготвена да преземе одговорност, па подобро би било да молчи, возврати шефот на пратеничката група на ЦДУ во Бундестагот, Фолкер Каудер. А што е со Зелените? Тие жалат поради пропаста на сондирањата за формирање Јамајка-коалиција, иако содржински, во преговорите стигнаа до сопствениот „праг на болката“. „Тоа претставуваше психички терор без крај“, резимира Роберт Хабек, кој беше дел од преговарачкиот тим на Зелените. „Мислам дека на сите нам сега ни е потребна некоја терапија.“

 

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ