Балканските - не така сигурни земји на потекло
20 септември 2014За само два месеца 4.000 евра в џеб? За тоа луѓето во Србија најчесто можат само да сонуваат, а особено ако се Роми. Маргинализирани, лошо образовани, без работа, медицинска и социјална помош - големо мнозинство од српските Роми живеат во импровизирани населби на лимени куќи и во голема сиромаштија.
Зоран Муратовиќ (48) од Лесковац виде само еден излез од лошата ситуација : да се качи во автобус за Германија, на граница да го искине сопствениот пасош и да поднесе барање за азил. Тој и неговото седумчлено семејство меѓутоа немаа изгледи за успех - тие припаѓаат на групата „бегалци од сиромаштија“, како што велат германските конзервативни политичари. Но, и покрај тоа Муратовиќ е задоволен од двомесечниот престој во Штутгарт: „Ни беше кажано дека ќе добиеме 500 евра по човек, доколку доброволно ги повлечеме барањата. Веднаш потпишав! Исто така беа покриени и патните трошоци за враќањето“, раскажува Муратовиќ за ДВ.
Нема прогонување?
Илјадници Роми од Србија и соседните земји веќе биле на слични патувања - останатите кои ќе го следат нивниот чекор меѓутоа нема да имаат повеќе шанса. Во петокот (19.09) и Бундесратот даде зелено светло Србија, Македонија и Босна и Херцеговина да се сметаат за т.н. сигурни земји. Со тоа трите балкански ЕУ аспиранти беа примени во прилично „ексклузивниот“ клуб: како сигурни уште се сметаат ЕУ- државите, Сенегал и Гана. Барањата за азил од овие држави уште од самиот старт се сметаат за неосновани и барателите во турбо-процес се враќаат дома. Бидејќи таму не владеело ниту систематско прогонување, ниту нечовечки третман, уверени се германската влада и законодавецот.
Меѓутоа активистите за човекови права од регионот се на спротивно мислење и тврда- во Берлин состојбата на Ромите на Балкот се гледа низ розови очила.
Професорката во пензија Свенка Савиќ со години раководи со училиштето за Ромалогија во Нови Сад. Во разговор за ДВ таа истакнува дека Ромите во Србија имаат лоши почетни позиции поради сиромаштијата. „Кон тоа се надополнува имплицитната дискриминација, така што и оние Роми кои се подобро образовани речиси да не можат да најдат работа“, вели Савиќ.
Нејзиниот колега Шевко Бајиќ од босанскиот оддел на организацијата Care International предупредува дека ситуацијата е сѐ поалармантна. „Во 21. век има населби на Роми без струја или проточна вода“, вели тој за ДВ. „Но најтешко паѓа дискриминацијата. Има родители, кои се жалат бидејќи нивните деца заедно со децата Роми седат во иста училница. Тоа е живот без човечко достоинство“.
Ни во Македонија не е поинаку, тврди социологот Кирстен Шенефелд, која во Скопје со години се занимава со оваа тема. „Дискриминацијата и натаму е на дневен ред и тука лежат причините за отселувањето“, смета таа.
Надлежните германски власти не можат да ја негираат лошата состојба на Ромите, но во тоа не гледаат систематски организирано прогонување. Од 19.000 барања, кои граѓаните на овие три држави годинава ги поднесоа во Германија, одобрени биле 55 барања. Интересна притоа е одлуката на Управниот суд во Штутгарт, која дава нова интерпретација на поимот „прогон“. На крајот на март судот им одобри азил на двајца тужители од Србија - на двајцата во татковината им се заканува тужба поради барање на азил во странство. Во тоа судиите видоа акт на прогонување, кој цели на едно етничко малцинство.
Олеснување за политичарите
И покрај острите критики за состојбата со човековите права, се чини дека владејачките политичари во погодените земји чувствуваат олеснување по одлуката на Бундесратот. „Имено постоеше загриженост дека доселувањето на Ромите и бројот на барања на азил од оваа група ќе доведе до повторно заострување на визниот режим за сите граѓани и би можело да се одрази врз ЕУ -пристапниот процес“, вели познавачот на состојбите, Шенефелд за ДВ.
Заканувачката кулиса беше изградена пред сѐ од поранешниот германски министер за внатрешни работи Ханс-Петер Фридрих. Би требало да се провери визната обврска за балканските земји, рече повеќепати политичарот од ЦСУ во последните години. Неговиот српски колега Ивица Дачиќ беше соиграч: Лицата кои „по професија се лажни баратели на азил“ ја загрозуваат слободата на патувањето на сите. Следуваа кампањи, на пример, со плакати на кои стоеше: „Јас не сакам да барам азил во ЕУ“ или „Србија ги респектира човековите права“.
Србите и Македонците од 2009 година без визи можат туристички да патуваат во Шенгенскиот простор. Една година подоцна и граѓаните на Босна и Херцеговина ги стекнаа истите привилегии. Оттогаш голем е бројот на баратели на азил од овие три земји, како и на барателите од Албанија и Црна Гора. Последните две земји беа „заборавени“ во оваа рунда, но баварскиот ЦСУ веќе бара и овие балкански земји да мора во наредниот период да бидат прогласени за „безбедни“.