Бајден не е Трамп, но тоа не е доволно
21 август 2020Какво олеснување! Говорот на Џо Бајден со кој заврши Конвенцијата на Демократската партија и тој ја прифати номинацијата за нејзин претседателски кандидат, беше навистина прилично импресивен. Бајден не мрмореше неповрзани полуреченици во кои крајот звучеше така како да нема врска со почетокот, нешто што публиката го доживеа во текот на одделни првични кандидатски дебати. Наместо тоа, неговиот заблагодарувачки говор беше пламено пледоаје во кое тој го подигна својот глас кога зборуваше против „умилкувањето кон диктаторите", а го спушти кога говореше за својот најстар син Бо, починат во 2015 година како последица на мозочен тумор. „Иако тој веќе не е со нас, Бо ме инспирира секој ден", рече Бајден со малку треперлив глас.
Емоции на вистинско место, без претерувања, и логично поврзана реченична структура. Да се нарече успех, до пред неколку години ќе беше вистински виц. Но, Американците имаат видено и друго освен овој кандидат, тие имаат многу, многу пати видено поинаку од својот сегашен претседател Доналд Трамп.
Не е доволно да не се биде Доналд Трамп
Конвенцијата на Демократската партија во целост беше насочена кон истакнување на разликите меѓу Бајден и Трамп. Безброј луѓе употребуваа зборови како љубезност, пристојност и сочувство кога зборуваа за Бајден. Поими кои веројатно многу луѓе нема да ги употребат во прв план доколку треба да го опишат Доналд Трамп.
Во својот заблагодарувачки говор Бајден не се воздржа од критики кон сегашниот претседател. Претседателскиот кандидат на Демократите посебно се задржа на една точка: на катастрофално потфрлувачкиот менаџмент на Доналд Трамп на пандемијата на коронавирус, а се чини дека на тој план подобрување не е на повидок. „По сево ова време, претседателот уште нема никаков план. Па, јас ќе го направам тоа", изјави Бајден пред да почне да ја објаснува својата стратегија која би ја применил од првиот ден доколку биде избран, вклучително развој на брзи тестови и зголемено производство на средства за лична заштита, како маски, но и почитување на мислењето на здравствените експерти.
Повеќе:
Бајден и Харис - ветувачка комбинација
Трката за Белата куќа ни оддалеку не е одлучена
САД: Камала Харис- храбар избор
Во последните четири вечери учесниците на партискиот конгрес постојано ја истакнуваа некомпетентноста на претседателот Трамп и опасноста која произлегува од него како човек кој нема ни грам емпатија во себе. За разлика од него Бајден, гласеше пораката – располага со децениско искуство и способност за создавање лична поврзаност со семејства кои доживеале трагедија, невработени луѓе и припадници на војската.
Но, да не се биде Трамп, не може да биде единствениот аргумент со кој сака да се продаде Бајден.
Потреба од прогресивна коалиција
Во својот синоќешен говор Бајден покажа дека барем делумно ја разбира важноста од блесок со своите умешности и градење коалиција на избирачите. Тој зборуваше за надминување на црвено-синиот јаз меѓу сојузните држави, тема на која се концентрираше и целата Конвенција. Многу републикански гласачи објаснуваа зошто го поддржуваат Бајден, а говор со негова поддршка одржа и републиканскиот екс-гувернер Џон Касих.
Сепак, уште е нејасно како Бајден и неговата потпретседателска соработничка Камала Харис планираат да ги придобијат младите прогресивни избирачи од сопствената партија. Хилари Клинтон, која го претставува политичкиот центар, на последните избори се бореше токму за тоа да го придобие ова демократско крило. Со оглед на фактот колку многу прогресивни демократски кандидати во овој изборен циклус победија на предизборите во Конгресот против етаблирани, умерени кандидати, Бајден и Харис мора итно да најдат начин како да ги привлечат прогресивните демократски гласачи ако сакаат да ја искористат шансата во ноември.